Успешна приказна

Сани Јовановска од Скопје е девојка која никогаш не ни помислувала дека еден ден ќе има свој бизнис. Иако понекогаш размислувала што би работела доколку има свој бизнис, на кој начин ќе го води, дали ќе има партнер во работата и сл, Сани никогаш не била доволно одлучна и самоуверена за да го исполни тој сон. Дознавајќи од страната www.avrm.gov.mk, а имајќи ја поддршката од најблиските, Сани решава да проба да аплицира за свој бизнис. Бидејќи претходно одела на курсеви за фризерка, и добро го познавала тој занает, за неа на голем ризик, поднесува документи за мерката за самовработување на Владата на Република Македонија.

Младинскиот Инфо Клуб Скопје, ја посети Сани додека таа беше на своето работно место. Преку разговор дознавме како е да се води свој бизнис во Македонија, дали е задоволна, со какви бариери се сретнала и на кој начин ги поминала.

Младински Инфо Клуб Скопје: „Фризерското студио Сани & М, функционира веќе 2 години. Во општество каде што има голема конкуренција, функционира совршено. Дали беше тешко на почетокот, во однос на тоа да се привлечат клиенти, да се запознаат со Вашата работа, начинот на кој работите, услугата што ја нудите?“

Сани Јовановска: „Искрена да бидам, многу ми беше страв на почетокот. Во наслебата каде што живеам сите веќе си имаа свои фризери. Сите знаеа каде да отидат да направат фризура, да се потстрижат или да променат нешто на себе. Бев скептик дека бизнисот ќе успее. На денот на отворањето, добро се сеќавам дека мајка ми ми рече да го сменам изразот на лицето и дека се’ ќе биде во ред. Ама не и верував. Меѓутоа се докажа сосема спротивното. Од еден клиент на друг, од човек на човек се дозна дека има ново фризерско студио кое сепак добро работело. Од ден на ден се’ повеќе ѕвонеше телефонот. Се закажуваа термини, што во еден момент не бев свесна и не можев да поверувам дека всушност бизнисот функционира. Еве денес, баш сум горда што ризикував. Што се решив да ја искористам мерката за самовработување.“

Младински Инфо Клуб Скопје: „Кога веќе ја споменавме мерката, може ли да ни кажете како сте задоволни од неа? Дали имавте некој проблем при аплицирањето? Можевте ли да исконтактирате со некого ако не Ви беше нешто јасно?“

Сани Јовановска: „Агенцијата за вработување на Република Македонија ми помогна реално многу. Имав многу нејасни работи, пред се’ во процедурата, меѓутоа од контакт центарот на Агенцијата ги добивав сите потребни инструкции. Многу е важно тие што сакаат да аплицираат да ја имаат целосната потребна документација, онака како што е наведено, затоа што некои примери на апликанти имаа некомплетни документи, или не исполнуваа услови, а во таква ситуација Агенцијата освен да ги насочи кон вистинскиот пат, не може ништо повеќе да стори.“

Младински Инфо Клуб Скопје: „Што би им препорачале на сите млади кои се двоумат дали да отворат свој бизнис преку оваа мерка, а при тоа да имаат бизнис идеја?“

Сани Јовановска: „Да не се мислат воопшто. Имаат можност да го променат својот живот. Да не се плашат, затоа што навистина ќе успеат. Треба само повеќе да веруваат во себе, да бидат креативни и да си дозволат себеси да излезе најдоброто од нив.“

One clap, two clap, three clap, forty?

By clapping more or less, you can signal to us which stories really stand out.