Прегрни ме, и молчи….

„Паметните учат од своите грешки, ама мудрите, е тие учат и од туѓите“. — рече, дури морето се брануваше околу нас, а јас треперев во неговата прегратка.

Не реков „во право си“, немаше потреба да кажам, знаеше дека го мислам истото.

Има луѓе со кои се дружам со години, ама не ме познаваат. Уште бараат одобрение иако претходно сум им го дала со поглед, уште велат „извини“ кога се шегуваат, уште велат „те молам“ кога знаат дека нема потреба. А тој, тој ќе ме погледне во очи и сите бури во мене ќе се смират. Оние торнада од прашања кои секогаш ме напаѓаат во моментите кога не требало, ги нема.

Има само еден мир, и едно море што се бранува ама не ме плаши, туку ме опушта. Има едно небо, темно, ама полно со ѕвезди, бесконечно, преубаво, ме смирува. Има една плажа и еден песок кој ми се провира низ прстите и ми шепоти колку е убав животот, и го слушам и знам дека не сум луда. Има еден топол ветар кој ми минува по кожата и ми вели „верувај“. Има една прегратка, таа неговата, во која се чувствувам спокојно и безбедно, среќна. Само негде на крајот, во едно темно ќоше на моето срце се скрил неспокојот, немирот, стравот и со потсмев ми вели „ќе трае ли ова? До кога? Колку?“ И јас бегам, и сакам да му се скријам, да не го слушам, па ќе ја нурнам главата на неговите гради и ќе му го слушам срцебиењето и доволно ми е за да се смирам, макар на момент. За да престанам да ги слушам тие прашања, зашто среќна сум сега и тоа е најважно. А потоа, потоа што треба да биде ќе биде, независно дали јас ќе си ја трескам главата во ѕид и ќе се борам со сомнежи или ќе уживам. Јас одлучив да уживам.

Уживав во секој поглед, во секоја насмевка, намерна и случајна, скриена, само за мене, во секој нежен бакнеж на образ, во секој бакнеж на врат кој ми ја разгоруваше страста, во секое негово издишување близу моето уво додека јас се топев. Уживав во секој допир, уживав додека нашите прсти беа испреплетени, а песокот ми ги милуваше стопалата. Уживав во тоа да седам така, без збор, во смирувачка тишина и да ги гледам ѕвездите со него.

И тогаш сфатив дека сите живееме за такви моменти, и да сме сакани, почитувани, важни за некој.

А јас се чувствував баш така во неговата прегратка.

И не мислам дека беше лага, или привид. Не можам да верувам дека такво нешто може да се одглуми. А ако може, јас не можам. Јас не глумев. Секоја воздишка беше реална, секој збор, секоја насмевка и секој бакнеж беа искрени.

Затоа прегрни ме, само прегрни ме, и молчи….

И ги затворам очите и повторно го слушам морето, и ги гледам ѕвездите како трепкаат, и повторно се чувствувам така….

One clap, two clap, three clap, forty?

By clapping more or less, you can signal to us which stories really stand out.