Не Македонија, туку ВМРО ДПМНЕ треба да го смени своето име

После се ова што го направи последниве неколку години, после менталната загадоченост во која не втурна, после сентименталниот примитивен национализам во кој го втурна нашето население, единствен начин да Македонската нација вистински се приближи напред е да една од нејзините најголеми партии целосно го промени своето име.

Од еден прекрасен историски спомен, една неспособна политичка партија составена од ситни диктатори и полуинтелектуалци го претвори ВМРО-то во мрачен феномен, асоцијација која тешко дека ќе помине преку дигестивниот систем на еден здраво разумен граѓанин.

Сакајќи асоцијацијата на ова партија да биде директно поврзана со чувството на демократија, на припадност, на идентитет, се што постигна ова партија и нејзината пропагандна машинерија е да побуди грди чувства со еднаш најпатриотското движење во Македонија.

Со што повеќе еден човек може да ја асоцира оваа партија овие денови освен со една армија на зомбија кои напаѓаат демократски домови, со мрачни случаи на корупција, со примитивен национализам, со умирање на слободата на израз, со пораст на полициската држава, со омраза спрема сопствениот сосед, со замир на уметноста и културата, со црвенило насекаде, со дружба со слични диктаторски режими од Источна Европа, со назаденост, со ненаучност, со задолженост, со безизлезност, со фанатицизам, со гнев.

Со неспособност да повторно сонуваме. Да сонуваме бои. Небесни пространства. Напредок.

Оваа партија го помина прагот од кој нема враќање во моментот кога реши да се трансформира себеси од политичка опција, во култ. Како инаку би ја објаснил армадата на тетовирани батиња кои јуришаат внатре во демократски домови со превртени очи.

Една здрава демократија не смее да дозволи појава на политички култ.

Проблемот со култот е во тоа што не си дозволува да потоне без да ги повлече и своите приврзаници сосе него. Една здрава демократија мора да го активира механизмот за само-корекција и да го анулира влијанието на култот а после тоа да пристапи кон само анализа бидејќи еден демократски систем па и поредок кој дозволил појава на политички култ можеби во себе крие подлабоки слабости.

Ми е гајле што ВМРО си е најдобро пријателче со секој пензионер во државата. Она што никогаш нема да и го опростам е чувството на безизлезност во која го втурна младиот Македонец.

Од старите ли се очекува да имаат визија за иднината или од младите?

Им е гајле на старите понатака од чоканчето ракија, Турската серија и пензионерскиот чек. Згора на се, уште вјачени од претходниот режим па уште и се кострешат, поттикнати од власта дека во нивно време далеку далеку било подобро, оти луѓето повеќе работеле, повеќе печалеле.

Како да младиот Македонец се плаши од работа.

Ако најдеме излез од ситуацијата (а дефинитивно ќе најдеме доколку се придружуваме кон рецептот на здраво разумност и здрав активизам за кој имам зборено претходно), првото нешто кон кое мора да пристапиме е да го промениме името на ВМРО ДПМНЕ.

Децениите штета нанесени врз колективниот Македонски ум само така може да биде анулиран.

Се додека постои ова име ќе постои и асоцијацијата која тоа ја носи, со црвенило, со фаланги, со поделеност, со Звезди од Вергина, со некое си чувство за неправда, со нешто земено кое треба да ни биде вратено.

Се додека постои ова име , ќе постои и примитивизмот кој го побудува наместо вистински план за работа и ум чист од предрасуди, опседнат со иднината наместо со минатото.

Се додека постои ова име, оваа земја никогаш нема да зачекори кон прогрес.

Се додека постои ова име, ќе бидеме изложени на една долга и мачна агонија и полека ќе умираме. Барем тие што ќе избереме да останеме тука.

Ова не можеме да го дозволиме. Влоговите се преголеми.

Ако партијата е вистински толку квалитетна колку што тврдат нејзините припадници, ако вистина ги има најдобрите креатори на политики, најдобрите научници, најдобрите економетристи во своите редови тогаш промената на името на нејзината партија нема да значи ништо.

Ако партијата е вистински полна со супстанца и квалитет, ако има план за амбициозна иднина и изводливост на истата, што може да и направи проста промена на едно име?

Но ако најдоброто нешто што го има партијата е нејзиниот бренд тогаш таа партија не заслужува да опстане во етерот. Па зарем ние плаќаме за бренд? Или за способни, работливи луѓе? За Мекдоналдс ли плаќаме ние?

Јас знам каде припаѓам. Знаат и илјадниците други како мене.

Оние кои не знаат се зомбијата кои ги создаде ова партија кои се прилепени за неа на емоционална основа а не на основа на нејзините квалитети.

Тие веќе заборавија што ги држи прилепени за неа, прилепени се кон неа од навика, а навиката е потсвесен феномен кој го заобиколува свесниот рационален дел од умот на еден човек, зависни се од патриотскиот опијат кои го пијат од неа.

Ако престанат да го пијат ќе бидат изгубени и поради тоа партијата мора постојано да ги пои од него, додека се живи. Нивните умови се умови на зависници а можеш да познаеш дека нечиј ум е зависен кога има постојана потреба од иста супстанција, доза од ист материјал, иста сензација.

Да се тргне ова партија на хаштагови и примитивност од владеачкото столче нема да биде доволно.

Нејзиното име мора да биде избришано засекогаш а со тоа и целиот тој примитизам кој го побудува тоа име. Ова партија мора да биде отпоново крштевана и родена исто како и третата опција која допрва ќе ја предизвика не само неа туку и целиот отровен полички естаблишмент со кој се соочуваме еве целава оваа транзиција.

На нејзино место ќе настапи бран на технократски експерти и ренесансни културни работници, активисти, слодобни медиуми, силен граѓански сектор, соништа.

One clap, two clap, three clap, forty?

By clapping more or less, you can signal to us which stories really stand out.