Срамота. Зарем вака се организираат граѓански движења?

Blaze Arizanov
9 min readMay 24, 2017

--

Пред неколку дена додека го уживав пивото во локалната бакалница забележав грст флаери расфрлани наоколу.

Флаерите не се туку така посакувана работа овде во моево селце. А верувам дека и во секое друго Македонско селце.

Ако се дели флаер значи не е на арно, ќе иди некој ќе ни го земе лебот или ќе не носи со бесплатен автобус до Скопје на протести. Знае народот. Не е од вчера.

Флаерите расфрлани и никој со око не ги погледнува. А што ќе ги погледне?

Не само што станува збор за флаер туку и за неверојатно збиен флаер. Внатре фонт 9-ка и ниту еден центиметар празно место. Дури чудно да ти падне дека флаерот доаѓа од претставништво на мултимилионска компанија. Како да намерно е направен, демек е напишано ради реда, но уствари нема потреба да се чита, колку да го има.

Станува збор за флаери распределени од лица од инфо центарот на компанијата Еуромакс која наскоро се очекува да почне со експлоатација и градење на рудникот за злато ете подолу, во Иловица

Е сега мене чудно ми падна. Од каде си викам, ваква кампањска активност, ваков активизам онака одеднаш? Од кај сега ваква компанија толку филантропска да се зафати со масовна едукација на обичниот човек.

Со ваква мисла решив да почнам да истражувам во детали за компанијата, за концесијата која е дадена, за процесот, значи се што можам да најдам од А до Ш. Уште повеќе поради тоа што видов дека во Струмица се буричка нешто за организирање протест и референдум против отварање на рудникот.

Бидејќи моето разбирање во овие работи е ограничено решив да се обратам до луѓе кои се далеку поподобни за оваа работа.

Ова што следува подолу се сумирани сознанија и плус збор два за батињата кои се обидуваат да го организираат протестот, за да видиме што луѓе се тие.

Гевгелискиот референдум и Струмичкиот референдум

Еден од актерите со кои се зафатив за муабет и аргумент се здружението наречено Здрава Котлина. Тие повикуваат на протести во сличен фазон како оној во Гевгелија.

Но тука има една клучна разлика кои тие некако не ја кажуваат отворено. Референдумот во Гевгелија беше организиран против давањето концесија за експлоатација. Концесијата се дава од страна на Министерството за Економија пришто општината има право да распише референдум за или против давање таква концесија.

Но во нашиот случај возот е веќе отиден. Кај нас концесијата за експлоатација е дадена уште во Јули 2012 година (види и самиот). Каде беше тогаш општина Босилово да распише референдум и да се избори против ваквиот развој на нештата?

Според зборовите на Александра Бујаровска од НВО Фронт 21/24:

Населението може да се мобилизира но јас не знам до каде е постапката и дали е отпочнато со работа. Ако е издадена концесијата, тешко дека ќе може да се спроведе иста постапка како во Гевгелија.

Значи за референдум веќе е доцна. Одлуката е донесена и државата може да биде тужена од самата компанија доколку не си остане на ветеното. Она што може да се направи во овој случај е да се формира општински комитет со панел од експерти кои будно би ја наблудувале работата на рудникот.

Според зборовите на драг познаник и познавач:

Вие треба во општината да оформите граѓански комитет за контрола. После треба да инсистирате инспектор за екологија да биде чесен и вреден човек што ќе си ја врши работата, а таков да биде и надлежниот од локалната испостава на министерството за екологија. Треба да барате локалниот еколошки инспектор да има службена кола и пари за бензин за секој ден да врши контроли. Треба да барате да се постават инструменти за мерење на загаденоста на воздухот и примероци од почвата и водата редовно да се праќаат на тестирање. Потоа да барате од парите едно 20 отсто од парите што ќе ги зема државата да остануваат во општината и да направите здравствен фонд од тие пари за ако има заболувања да има пари за лечење. Треба да барате вработеноте во рудникот да имаат синдикат и рудникот да вработи свој интерен инспектор за екологија, итн, итн.

РАЗГОВОР СО ЗДРУЖЕНИЕТО ЗДРАВА КОТЛИНА

Токму со ваквата појдовна точка му се обратив на здружението здрава Котлина преку Facebook. Првото прашање беше едноставно и го видовте погоре.

Јас — Ако концесијата е веќе дадена, против што би протестирале?

Но одговорот што го добив од таму беше сосема неочекуван

ЗК — Никогаш не е касно, рудник нема да има! Поздрав.

Хмм.. Типот како од ракав си го истресе одговорот небаре е божество а не лице кое треба да фигурира во рамките на институциите на системот.

Разговорот продолжува понатаму

ЗК — цела информација за рудникот беше тајна и инвеститорот лажеше. До скоро студијата не беше објавена на нивниот сајт на Македонски, дури откога почнавме да копаме ја преведоа на македонски, и истата е катастрофално погубна за нас. Така да не е крај, дури и да копаат, ќе сопрат.

Овде најверојатно мислат за фактот што компанијата Еуромакс до неодамна немаше доставено еколошка студија туку само нетехничко резиме.

Истото се случи пред неколку години кога компанијата се бореше за отварање на рудникот во Валандово. Правничката Александра Бујаровска од НВО Фронт 21/24 и истакнат активист го изјави истото овде кога наведе дека не им беше дадено еколошка студија уште во 2011 година, а кога подоцна веќе беше изјавено дека ја има, не им беше одобрено барањето на истата ја добијат во локалниот инфо центар во Иловица и да ја проследат до увид кај други независни еколошки експерти.

Еколошката студија е важен докумен бидејќи во него меѓу другото се наведени методите за експлоатација како на пример осогласената метода со цијанид, главниот аргумент кој го имаат активистите против ваквите обиди за отварање на рудници.

Ако веќе се тврди дека ќе се користи цијанид во рудникот во Иловица, еколошката студија е местото од кадешто може да се потврди тоа. Според Александра Бујаровска од 2011 година:

Не е исклучена можноста да ја изберат опцијата што вклучува цијанидно процесирање зашто оваа варијанта, според експертите што ја изработувале студијата, обезбедува поголемо искористување на златото. За жал, немаме целосен увид во студијата и со сигурност не можеме да тврдиме која опција ќе биде финален избор на инвеститорот.

Разговорот продолжува понатаму:

ЗК Имаме и странски експерти, немојте да се секирате

Јас Добро е тоа. Ги имате цитирано некаде со атрибуција

ЗККога ќе дојде време ќе дознаете

Јас Кога е тоа?

ЗК Информирајте се од студиите за почеток, таму има многу што да се види

ЈасЈа имам студијата тука со мене и само што не сум почнал. Значи велите дека озогласената heap leaching метода е спомената внатре?

ЗКТоа го велите вие. Знаете што? Со трик прашања никаде нема да стигнете. Ние ќе ве стопираме.

Од овде натаму разговорот ми стана алармантен.

Дали си имам јас работа со вистински информирани активисти или со група дечиња кои би организирале протест само ради реда, само за уште поголем метеж да си направиме. Мојата намера беше едноставно да бидам информиран за да информирано настапам на ваквите протести а не ко зомби, ко патриот, на база на полупразни муабети

Јас Не. Тоа го велите вие. Велите дека протестирате против heap leaching а не наведувате од каде го имате тоа. Ниту ја имате еколошката студија проучено во детали, а ниту пак можете да цитирате независен експерт околу сознанијата со кои се произлеговте. Па згора на тоа регрутирате.

И сега станува уште поинтересно

ЗК Имаме документација а ја имаме и Вашата. Имаме експерти што ќе го бришат патосот со вас и вашите документи и тоа јавно пред сите.

Ајдее. Ете сега. Овие почнаа да ме гледаат како нивен непријател, како заговорник, како платеник. Од најобичен граѓанин кој сака да застане на нивна страна но само доколку види дека челните лица знаат што прават, станав државен непријател, со своја документација.

ЗК — …. А и воопшто не е касно за втората концесија

Јас ќе ги презентирате овие работи во Четврток на отворената трибина која ја организирате?

ЗК Да, да и пробувате да подметнете фрази и се однесувате како инспектор и судија. Полека малку, и до криминалот ќе стигнеме, немојте да се грижите.

Јас Во Четврток?

ЗК За криминалот малку покасно.

Јас- Кога?

ЗК А зошто да ви кажеме?

Ете гледај сега. Овие сериозни се? Вака ли постапуваат со граѓанин кои им пристапува за дополнителни информации? Наместо информативно, се поставуваат дефанзивно.

Ова докажува дека и самите не знаат што прават, а начинот на комуникација и на кој станаа одбрамбени чисто го покажува ова. Нафрлаат неартикулирани работи, криминал, судија, инспектори итн.

Па и да бев судија, што има проблем тука? Ако си ти вистински информиран, ако знаеш што правиш каква врска има дали ќе ти дојде судија да биде информиран или обичен граѓанин?

Значи ем дечките се параноични и гледаат непријател во секој а и плус шираат фрази за кои немаат точен извор за атрибуција ниту пак доказ дека тие кои се против нив не се во право

Ете пример

Луѓето од Еуромакс Рисорсес изгледа имаат проблем со реалноста. Демек, не се предаваат. Вечерва на ТВ Канал Вис имавме можност да го видиме техничкиот раководител на рудникот Иловица Драги Пелтечки и двајца професори од Рударскиот факултет во Штип, Благој Голомеов и Дејан Мираковски, чија изјава дека граѓаните имаат право да одлучуваат дали сакаат рудник ја поздравуваме, но во суштина и двајцата експерти целосно ја релативизираа опасноста од рудникот Иловица, што не им служи на чест, бидејќи дури и употребата на цијанид ја прогласија за безопасен процес. А што да се очекува од професори на рударски факултет, освен да го бранат рударството. Претпоставуваме и високите хонорари.

Чекај сега. Велите дека се платени професорите да зборат и да го охрабруваат проектот. Ами доказ за тоа имате? Ќе може да го видиме?

Точно, може да е тоа вистина, но дајте ни доказ за ваквите поставки. Но не. Вие едноставно се служите со стереотипни тврдења нели?

Значи кратко кажано — Здружението Здрава Котлина лае наоколу како хипици дека екстракцијата ќе се прави со цијанид, без да имаат потврдено од каде им е ваквата информација. Ја немаат проучено еколошката студија презентирана неодамна од компанијата. Секој што го брани проектот го напаѓаат со стереотипни изјави чија што вистинитост не се ни обидуваат да ја докажат.

И згора на обидот на обичниот граѓанин да се информира од своето граѓанско здружение, да види дали неговите лидери знаат што прават, дали имаат разграничено што е што, го третираат како саботерски, инспекторски, непријателски.

Наместо да се радуваат што ете уште еден граѓанин искрено се интересира за целава работа и да му објаснат постапно и детално, дека ете ова се случува и ние мислиме вака и вака, и ете го доказот Еден, Два и Три — тие се собираат како полжав.

Зарем вака се организираат граѓански протести и граѓански движења?

Немам баш ама никаква причина да навивам да се отвори потенцијално штетен рудник во нашава околина. Си ја сакам природата исто како и Вие.

Но во никој случај не планирам да застанам на страната на грст неинформирани активисти кои не се ни трудат да искрено и професионално изградат случај околу нивната кауза, кои се посреќни да би регрутирале зомбија кои не прашуваат, само јуришат напред небаре коњи на кои очните пречници ги тераат да гледат само напред во една насока.

Срамота. Навистина Срамота.

Оваа истражувачка сторија е изготвена во склоп на проектот „Истражувачко новинарство чувар на демократијата и човековите права“, финансиран од Европската Унија и Британската амбасада Скопје. Содржината на истражувачката сторија е единствена одговорност на авторот и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија и Британската амбасада Скопје.

Истражувачката сторија е изработена во рамки на договорот „ Блоговите и социјалните мрежи како алатка и платформа за истражувачкото новинарство во сферата на правосудството и човековите права”, поддржан преку проектот „Истражувачко новинарство — чувар на демократијата и човековите права“ и имплементиран од Центар за управување со промени и Институт за човекови права. Содржината на истражувачката сторија не ги одразува гледиштата и ставовите на организациите кои го имплементираат проектот.

--

--

Blaze Arizanov

A creative writer and creative trying not to get lost in the sea of probabilities a beer can offer. Loves to connect with you as well.