ORFANI

Кога станува збор за научна фантастика како жанр имам лоша навика да бидам тврдоглав. Со глава во ѕид што би се рекло. Но за среќа во случајов се исплатеше, верувајте дека многу се исплатеше. Пред мене на маса додека го пишувам овој четврти неделен блог пост (кој би рекол!) имам еден серијал кој навистина ме изненади со оглед да доаѓа од издавачката куќа Бонели. Да! Од издавачот кој во светот е познат по стриповите од типот на Загор, Блек Стена, Командант Марк, Текс Вилер и сличните. Да не бидам погрешно сватен, моите почетоци со стрипот беа токму со овие јунаци, јунаци со кои растеше цела една генерација на љубители на стрип. Меѓутоа таа тема ќе ја оставам за понатаму, за некој друг пост. Сега сакам да ви презентирам еден стрип серијал кој ми остави голем впечаток. Иако сеуште не е завршен, ќе се обидам да дадам едно мое скромно видување за првите четири броја и се надевам да влијаам на вас да прочитате барем еден број од ова прилично интересно четиво. Во издание на Дарквуд издавачка куќа од Србија која се нафати да го издаде овој серијал. Стрип, кој е замислен како мини серијал кој ќе излегува секоја година по сезони. Автори на серијалот се Roberto Recchioni и Emiliano Mammucari а насловните страни на Massimo Carnevale.

Првата епизода „Сироти мали ратници“ е воведот во целата приказна, вовед кој го оценив прилично лошо, вовед кој само ме потсети на некои филмови и видео игри и не ми даде апсолутно ништо свое, ништо спектакуларно да речам што ќе го задржи моето внимание до наредниот број. Едноставно целата таа постапокалиптична приказна со напад на вонземјани и рушење на се она што ни е познато на планетата земја, преживувањето на група деца кои треба да бидат регрутирани како војници кои евентурално би се бореле против непријателот и слично, ми беше многу пати видена, многу пати искористена и едноставно немав желба да читам уште една таква би рекол изџвкана приказна. Морам да признаам дека цртежот ми беше ок, да не речам доста солиден, ама сепак не беше пресуден за позитивна оценка.

Но нели како што пишав погоре, по природа сум доста тврдоглав особено кога станува збор за мојот омилен жанр и се нафатив да го исчитам и вториот број „Љубав а не мржња“, и тука почна се! Овој втор број беше пресуден да ги набавам и следните два броја и да седнам да ги споделам моите импресии со вас. Значи веќе во вториот број имаше тектонски поместувања во самата приказна. Нема тука бегање од шаблонот кој е стандарден кај овој вид на приказни, ама претставувањето на ликовите од еден друг агол, паралелните приказни на она што се случувало во минатото и она што се случува денес, цвртста врска меѓу самите ликови и фината нарација во приказната ме натераа да го сменам мислењето што го имав за првиот број. Морам да признаам дека улога во целата таа моја воодушевеност имаше и акцијата, почанав да ги забележувам оние ситни детали, околу инвентивноста на оружјата, возилата, свемирските бродови, оклопите на војниците и слично. Мала замерка имав на изгледот на вонземјаните ама се пак не беше пресудна околу целокупната оценка за бројот.

Треиот број „Прва крв“ е сосемна нешто друго, полека почнува да се одмотува клопчето, ако во вториот број некако тивко влезе и односот на децата со своите инструктори, веќе во треиот број на голема врата се појавува тој однос на почитување или непочитување на авторитетите, тој психолошки момент кој влијае на поединецот, или ќе биде со групата и ќе преживее или ќе го снема. Во природата на човекот е да биде дел од група, да биде дел од колектив. Ама па од друга страна не смееме да заборавиме дека најголемиот тест на човекот е да се соочи лице во лице со својот непријател. За манипулацијата, уцената и суровоста ќе пишувам подоцна, во некој друг пост за некој друг број од овој серијал, сега сакам да се задржам на оние најбитни моменти.

„Духови у тами“ е четвртиот број од оваа прекрсна сага. Експериментот наречен “деца војници“ продолжува, сите тие игри, сите тие тестови кои мора да ги поминат како индивидуи и како колектив за да станат војници, секој со своите стравови, секој со својата свест и способност да се приспособи. Едноставно нема враќање назад!

Сега за сега толку. Кога повторно ќе се подсоберат неколку броја, повторно ќе се вратам на оваа приказна, приказна за децата војници.

One clap, two clap, three clap, forty?

By clapping more or less, you can signal to us which stories really stand out.