Вакцините даваат резултати

Вакцините даваат резултати и тие се безбедни. Всушност, тие се повеќе од безбедни — со нив може да се спаси живот!

Имунизацијата претставува едно од најзначајните и најисплатливите достигнувања на јавното здравство во денешно време. Вакцините го спасуваат животот на децата и може да го запрат ширењето на болестите. И покрај овој факт, во 2017, повеќе од половина од најранливите деца во светот сѐуште не ги добиваат основните вакцини кои се потребни за здрав живот. Освен тоа, сѐпоголем број деца не ги добиваат вакцините кои може да го заштитат нивниот живот заради зголеменото влијание кое се врши со кампањите против вакцините и гласините кои се шират за безбедноста и квалитетот на вакцините. Научен факт е дека вакцините дејствуваат и дека тие се безбедни. Всушност, тие се повеќе од безбедни — со нив може да се спаси живот!

Група деца со своите родители чекаат да бидат вакцинирани во поликлиниката во Шуто Оризари во Скопје. 
 
 Кога најголемиот број на деца во една заедница се вакцинирани, поединечните случаи на заболувања ретко прераснуваат во епидемија. Меѓутоа, доколку некои од децата не ги добијат потребните вакцините, зголемен е ризик од заболување за сите.

Медицинска сестра од поликлиниката во Шуто Оризари подготвува поливалентна вакцина.

Во земјата се предвидени 11 задолжителни вакцини, од кои повеќето се поливалентни вакцини против поголем број болести како што се туберкулоза, полиомелитис, морбили, рубеола, хепатитис Б, паротитис епидемика (заушки), хемофилус инфлуенца тип Б, човечки папиломен вирус, дифтерија, тетанус и пертусис.

Преглед на седуммесечно дете пред вакцинирање во поликлиниката Букурешт во Скопје.

Опфатот со имунизација во последните години е намален во главниот град, каде е регистриран најмалиот опфат во земјата со вакцината МРП (морбили, рубеола и паротит), и изнесува само 67% според Институтот за јавно здравје. Овој тренд е во пораст, а тоа конкретно се должи на лажните тврдења на глобалните кампањи против вакцините според кои вакцините може да бидат штетни за некои деца. Иако за тоа не постојат научни докази, тоа сепак доведе до опаѓање на опфатот со вакцинација, кое пак за возврат сега ги покажува првите штетни последици со појавата на епидемија на сипаници во неколку земји од регионот, меѓу кои има и смртни случаи.

Момче прима поливалентна вакцина во поликлиниката Букурешт во Скопје

Пристапот до вакцинација доведе до драматично намалување на смртноста кај децата под петгодишна возраст од заболувања кои може да се спречат преку вакцинација. На глобално ниво, околу 2–3 милиони детски животи се зачувани секоја година благодарение на вакцините. Во Македонија, стапката на опфат со вакцинација е многу блиску до посакуваните 95%, иако се забележува тренд на опаѓање за некои вакцини, особено за МРП (морбили, рубеола и паротит) вакцината. Во 2016, околу 3,860 од 22,013 деца ја немаат примено таа вакцина, а тоа значи дека опфатот со МРП изнесува само 82%.

Дете чека да биде вакцинирано во здравствената клиника во општината Шуто Оризари во Скопје, каде мнозинството граѓани се Роми

Дури 19.4 милиони мали деца ширум светот не добиваат вакцини бидејќи опфатот со вакцинација не стига до нив. Многумина живеат во урбаните сиромашни квартови или во камповите за раселени лица, каде лошата исхрана и несоодветните здравствени, социјални и санитарни услови и пристап до питка вода го зголемуваат ризикот од заболувања, како што се пневмонија, дијареја и мали сипаници — а сите тие може да се спречат преку вакцинација.

Едногодишно девојче чека со својата мајка да биде прегледано и вакцинирано на клиниката во Скопје.

Благодарение на вакцините, некои болести како што се големите сипаници, навистина се искоренети. Некои се на прагот да бидат искоренети, како на пример полио, а многу други се ставени под контрола и се наоѓаат на патот на целосно искоренување, како што се дифтерија, пертусис (голема кашлица), мали сипаници, тетанус, итн.

Мајка го подготвува своето едногодишно дете да прими поливалентна вакцина во поликлиниката Букурешт во Скопје

Доколку сите деца ја добијат потребната имунизација, ќе бидат зачувани најмалку уште 1.5 милиони животи. Токму затоа сите ние треба да дадеме свој придонес и да помогнеме да се шират информациите дека вакцините навистина даваат резултати!