„Дали децата со попреченост се навистина толку различни?”
Кога размислуваме за децата со попреченост, првото нешто што повеќемина го помислуваат е дека тие се „различни”. Точно е дека децата со попреченост имаат различни потреби, но, зарем сите деца немаат исто така различни потреби? Секое дете е посебно — децата се развиваат различно, сите тие имаат свои посебни лични карактеристики, различни силни страни и на сите им е потребна различна поддршка за да го остварат својот потенцијал. Што ја прави Стефанија Трајановска, дванаесетгодишно девојче со Даунов синдром да биде различна од останатите деца на нејзина возраст?

Како и повеќето деца, Стефанија многу сака да оди на училиште. Кога ќе ја прашаат кој ѝ е омилен предмет, таа веднаш одговара — сите! „Во текот на летото, таа многу напорно се подготвуваше за преминот од одделенска во предметна настава во петто одделение,” кажува мајка ѝ Милена.

Како и другите деца, Стефанија многу сака на интернет да ги пребарува стиховите на нејзините омилени песни; да се поврзува со своите другарчиња; да игра онлајн игри; и да пронаоѓа одговори на прашања кои не можат да ѝ ги одговорат наставниците или родителите. „Ние треба да ѝ даваме поддршка, но, кога станува збор за компјутери, Стефанија е многу повешта од било кој вработен во дневниот центар,” вели Јасминка Синадиновска, педагог од дневниот центар во Делчево каде Стефанија често оди по завршувањето на наставата во училиште.

Како и другите деца, Стефанија е горда на себе кога ќе добие добри оценки. „Стефанија беше подготвена за училиште кога за прв пат почна да го посетува дневниот центар, и тоа благодарение на љубовта и поддршката од нејзиното семејство. Покрај тоа, таа секогаш вложува дополнителен напор кога ги учи новите лекции,” вели Синадиновска.

Како и другите деца, Стефанија многу сака да си игра и да се забавува. Една од омилените работи во нејзиното слободно време е да си игра и да се грижи за домашната мачка.

Како и повеќето деца, или да речеме „некои” деца, Стефанија никогаш не се жали кога треба да помогне околу домаќинските работи. Таа всушност многу сака да се чувствува одговорна кога мајка ѝ ќе побара од неа да ја постави масата за ручек.

Има една работа која ја прави Стефанија поразлична од многу деца — таа многу сака да свири на тарабука. Иако нејзиното семејство не е секогаш среќно заради гласните звуци, сепак со задоволство го прифаќаат нејзиното свирење кога ќе ја видат насмевката на нејзиното лице кога свири во ритам на нејзините омилени мелодии.