Деца кои чекаат љубов

За секое дете, а особено за децата со попреченост, индивидуалниот однос со некој возрасен во семејна средина е пресуден за неговиот развој и исполнување на потенцијалот. Кога ќе се смести во институција, детето не само што не се развива, туку му се прави непоправлива штета која предизвикува дополнителни пречки. Ако недостига љубов и емотивна стимулација, тогаш лесната интелектуална попреченост побргу се продлабочува. Ако детето е врзано за кревет и нема физичка стимулација, лесната телесна попреченост често се развива во атрофија. Во склад со стратешките реформски приоритети на Министерството за труд и социјална политика беше ставен крај на сите нови приеми на деца во државните згрижувачки институции како што е Специјалниот завод во Демир Капија. Со поддршка од партнерите како што е Европската унија, и во рамките на оваа иницијатива, се изработи радикален план за трансформација со кој ќе се обезбеди децата што во моментов се под грижа на државата, да се подигаат во средина слична на семејната. За да се потпомогне ваквата транзиција, УНИЦЕФ ангажира експерт за интензивна интерактивна терапија за да помогне на тим од стручни лица да ги подготват децата за живот што го заслужуваат во семејство полно со љубов, а во меѓувреме достоинствено да го поминат краткото време под грижа на државата.

Интензивната интерактивна терапија е многу едноставна, а сепак дава брзи резултати. Со неа се развива темелот на комуникацијата како што е слушање, обрнување внимание, вокализација, изрази на лицето, наизменична комуникација и визуелен контакт. Според експертот поддржан од УНИЦЕФ „Добрата интеракција личи на танцување“. Кет Ирвин , терапевт и тренер за интензивна интеракција и дете во Специјалниот завод во Демир Капија комуницираат преку движења на телото слични на танцување.

Целта на интензивната интеракција со децата со попреченост е тие да се „разбудат“. Наместо да се третираат како медицински проблем без потенцијал за развој, интензивната интеракција го открива потенцијалот на децата и им ја отвора личноста. Терапевтот и тренер за интензивна интеракција се обидува да воспостави визуелен контакт со дете во Специјалниот завод во Демир Капија.

Како и кај куќата, пристапот на интензивна интеракција започнува со изградба на темелот, а тоа е — да се покаже љубов и прифаќање. Дете сместено во Специјалниот завод во Демир Капија си игра со терапевтот и тренер за интензивна интеракција.

Децата растат и учат преку човечко внимание. Основната цел на интензивната интеракција е децата да станат посреќни и да се изложат на позитивно искуство со други луѓе. Психолог воспоставува контакт со дете во Специјалниот завод во Демир Капија преку имитирање на движењата и изразите на лицето на детето.

Со интензивната интеракција, на децата им се обезбедува можност за учење нови работи преку игра и преку топла, човечка интеракција. Од суштинско значење е воспитувачот да комуницира на јазик што детето го разбира. Психотерапевт воспоставува контакт преку вокализација со слепо дете во Специјалниот завод во Демир Капија.

Ако се чувствуваат посреќно, децата повеќе ќе се движат, ќе бидат пољубопитни и ќе учат самостојно да ги прават секојдневните работи, како што се јадење и пиење, но и истражување на средината. Детето го истражува надворешниот свет со помош на психотерапевтот во дворот на институцијата.

Сè се менува за детето преку добар, топол однос. Детето се буди и процветува. По денот поминат во комуникација и игра со децата во Специјалниот завод во Демир Капија, терапевтот и тренер за интензивна интеракција ја стекнува довербата и љубовта на детето.

Like what you read? Give UNICEFMK a round of applause.

From a quick cheer to a standing ovation, clap to show how much you enjoyed this story.