Маски…


Велат сѐ ни е скриено позади тие маски што ги носиме. Поради нив сме дволични, безлични, лажни. Го глумиме животот, чувствата. Поради маските и љубовта е лажна, камена, студена. Можеби…

Навистина ли е така, мило мое. Стнуваме ли камења позади тие маски?

Но, погледни длабоко во себе. Таму каде што се криеш од сите. Виде ли? И ти имаш маска и јас имам маска. Безличност или себеси се криеме позади маската? Почувствувај и ќе видиш. Ете ги чувствата, оние што ги криеш од сите. Оние чувства кои на никој не ги кажуваш.

Што криеш позади својата маска? Нели е страста што ја криеш… Нели е нежноста по која копнееш… Нели е љубовта што те гори…

Што кријам јас позади мојата маска? Ги кријам солзите. Ја кријам болката, раните. Го кријам пеколот во кој горам. Пробувам да го сокријам мракот.

Знаеш ли дека боли? Тоа што се немаме. Тоа што не сум како камен. Тоа што знам дека ни ти не си камен. Толку ли ни се високи ѕидовите околу нас? Да не можеме да се видиме, да се допреме.

Ме слушаш ли? Скриена позади својата маска, можеш ли да слушнеш колку те љубам? Можеш ли да видиш колку боли? Не одговарај, секако го знам одговорот. Не можеш, јас сепак на себе имам маска, не за да бидам ладна и камена, туку за да сокријам колку без тебе не можам.