Отрови и мелеми…

Се сеќаваш ли? Еден зимски ден беше кога ми раскажуваше. За секоја твоја болка, за секоја рана на душа што ја имаш. Колку те труе тоа што го имаш во себе. Ми раскажуваше за љубов, за твојот мелем кој потоа стана рана. Те слушав, плачев, тагував и болував со тебе, иако ти не можеше да го видиш тоа.

Тогаш видов љубов. Вистинска љубов. Во секоја нејзина форма и грда и преубава. Ги допрев сите твои рани. Со душа ги допрев. Те заљубив.

Се сеќаваш ли? Се родија чувства. Срцебиења… земјотреси од срцебиења. Ми стана љубов, ти станав нежност. Ох, колку само те љубев…

Еве сега сѐ е сменето. Ти на своја, јас на моја страна. На пар чекори еден до друг, а цел универзум меѓу нас. Патиме тивко. Се пронаоѓаме за да се повредиме. До таму ли стигнавме? Од почитување, до повредување…

Можеби еден ден ќе успееме да се погледнеме, а да не нѐ боли погледот, срцето, душата… Можеби еден ден ќе си го кажеме она што во себе најдлабоко го криеме.

Ќе измине време, знам. Нема да се заборавиме, за чудо и тоа го знам. Но, ќе продолжиме еден на друг и отров и мелем да бидеме.

Ти и јас…

One clap, two clap, three clap, forty?

By clapping more or less, you can signal to us which stories really stand out.