Мојот личен став за Платформата на Албанците и меѓуетничките односи

Ќе го почнам моето излагање, со два парафразирани цитати на Груевски и Заев, во однос на нивните ставови во однос на платформата:

Груевски (парафразирано):

Ако ја прифатиме платофмата на албанските партии, тогаш и другите малцинства ќе излезат со своие плаформи, и на крај и најголемиот етникум во Македонија, т.е. ние ќе излеземе со своја платофрма.

Заев (парафразирано):

Ние се стремиме за општество во кое сите малцинства ќе бидат еднакви, а не во општество во кое едно малцинство ќе има повеќе права од друго.

Од овој аспект, можеме да заклучиме дека и покрај различните зборови на едниот и другиот, Заев и Груевски имаат донекаде сличен став за платформата, барем до овој момент кога ја пишувам оваа објава. Останува времето да покаже како Заев ќе се изјасни за сите точки на платформата.

Морам да признаам, дека и покрај моето ниско мислење за кредибилитетот и интегритетот на Груевски, неговиот парафразиран аргумент погоре има смисла, и треба да се земе во предвид кога се размислува за ова прашање.


Да почнам со моето лично и субјективно размислување, кое сакам да го базирам на факти. Фактите велат, дека Албанците како малцинство во Македонија и не се баш класично малцинство. Напротив, ти сочинуваат значителен процент од целокупното население од Македонија, имаат свои политички партии, и истите партии имаат пред се имаат значително влијание на политичкиот систем и парламентот во Македонија. Според ова, ако гледаме на барањата на било која албанска партија, како демократски процес, не би можел да најдам некоја голема разлика како барање за извесни точки на платформата се поразлични од било кој амадман поднесен од албанските партии, или било која останата партија во Македонија. Гледано од аспект на правилно и објективно претставување на малцинствата, би се согласил со Груевски погоре. Но сепак, гледано на целата работа како демократски процес, не би рекол дека барањата на албанските партии може да се сведат на еднакви со барањата на други малцинства во Македонија. Но како и да гледаме на ова, ништо не ги спречува останатите етникуми во Македонија да излезат со своја плаформа, и тоа според мене е доста реално сценарио, и сметам дека ултиматно нема да води кон унапредување на мулти-етничкото општество во Македонија.

Според мојот став, има работи во платформата на албанските партии кои се во ред. И има работи кои немаат смисла. Како таква, прифаќањето на платформата на Албанците во целост, за мене е комплетно неприфатливо.

Да идеме со ред. Пред некој ден објавив на мојот Фејзбук профил, зошто гласав за СДСМ и тоа допира еден дел од платформата, т.е. двојазичноста:

Зошто гласав за СДСМ?
Затоа што посакувам правна држава и демократија. Затоа што без овие две, не може да кажеме дека имаме држава. Гласав за СДСМ, затоа што Груевски и ВМРО не подели на секој можен аспект во ова наше општество. Не подели на партиска основа, на национална основа, на правна основа, и на луѓе кои веруваат и не веруваат во загаденоста на воздухот. Ја зема земјата во 2006та, и ја врати во 2002ра.
За мене заминувањето на Груевски е слобода. Заминувањето на ВМРО е искра надеж дека ќе ја вратиме демократијата и правото во оваа земја, нешто што никогаш не требаше да биде загрозено. Двојазичноста за мене е слобода. Затоа што конечно ќе го повратиме мулти-националното општество на прав пат, како што требаше да биде одамна.
Затоа гласав за СДСМ.

Двојазичност

Двојазичноста според моите ставови е во ред. Двојазичноста како концепт не прави еден народ, или еден етнукум помалку слободен, напротив, го прави послободен. Доколку Македонија е двојазична, животот на голем дел од Македонците нема да се промени. Двојазичноста не значи дека секој ќе мора да научи уште еден јазик, на крајот на денот, јазик учи некој кој сака да учи јазик. Двојазичноста, може да ја отвори вратата и на мултијазичност во земјата, ако навистина се осврнеме со правилно застапување на сите малцинства и како концепт за мене ова е сосема во ред. Не гледам зошто во свет полн со технологија со Google Translate и со ред други работи го прави овој концепт предизвик за 21виот век.

Да бидеме искрени тука, ако Македонија навистина стане двојазична, многу малку веројатно е дека јас некогаш ќе научам Албански јазик во мојот живот. Не затоа што не сакам, туку затоа што во овој момент имам многу други предизвици во мојот живот, кои нема да ми дозволат врменски да постигнам. Сепак, нема да ми пречи доколку моите деца научат јазик. Нема да ми пречи доколку мојот син има Албанка за жена, или мојата ќерка се омажи за Албанец. Нема да ми пречи доколку етникумите комплетно се интегрираат. Од либералистички и идеолошки аспект, можам комплетно да се согласам дека ова е добра промена.

Да ја видиме и другата страна. Од конфликтот во 2001вата година поминаа едвај 15тина години. Сепак и до ден денес некои луѓе и од едната и од другата страна ги носат лузните на овој конфликт, и тие лузни не се комплетно зараснати. Тешко е ова да се оцени како национализам. Ова е цената која мора да ја платат луѓето во секој воен конфликт. Сите луѓе кои беа директно поврзани во 2001вата, никогаш нема да најдат љубов и разбирање за другата страна. Тоа е причината за емоционалните реакции на многу Македонци во однос на оваа точка од платформата. И истовремено, ти се истите причини од другата страна, кои доведоа до креирање на платформата. Доколку прашања од овој тип беа отворени со промена на една генерација, дебатата за истата ќе можевме сите да ја правиме со многу поладни глави.

Сепак овој аргумент за лошиот тајминг на двојазичноста, иако можам да го разберам, не можам да го оправдам. Овие 10години, ВМРО направи пустош во поделувањето на општеството. Не подели на многу линии. И особено декадентен е фактот што сме поделени и на национална основа. Наместо тие да ги унапредуваа односите, водеа пропаганди на „клетите Албанци“, ги нарекуваа „индијанци“ и бараа 64 пратеници. Тој проблем на емоционално, популистичко и националистичко водење на политика е нешто што уште повеќе ги уназади меѓу-етничките односи. Затоа, воведување на двојазичност сега, за мене е еквивалентно на кревање на рачната кочница, вртење во спротивна насока, и унапредување на националните односи во заедниците. Можеби звучи радикално за многу луѓе овој мој став, но за мене е најефикасниот начин да се вратиме во некој тип на рационално водење на политика.

Остатокот од платформата

Низ многу дискусии со симпатизерите на ВМРО сум разменил различни аргументи за правата на Албанците во Македонија. И покрај многу десничарски аргументи на кој сум контрирал, сепак постоел еден аргумент кој не било никогаш лесно да се спротиставувам, а вели: „да, на Албанците им дадовме многу права, тие бараат уште, а не секогаш бараат одговорности“. И ова има поента донекаде, која ќе ја објаснам подоле.

  1. Албанците се сметаат како државотворна нација“, тоа е во ред како концепт. Иако би рекол дека и сега Албанците се сметаат за државотрорна нација, барем во мојот поглед на здраво разумен опозиционер, и нема потреба да се истакнува. Можеби оваа точка е поставена за ВМРО-овците да не ја игнорираат демографијата на Македонија, и можеби за тоа и има смисла. За мене, како човек кој ја подржува двојазичноста, сосема е јасно дека не ја игнорирам демографијата во Македонија.
  2. Сеопфатна дебата за знамето, химната и државниот грб на Република Македонија“. ОК, овој аргумент не алудира директно дека е потребна промена. Сметајќи дека целта на оваа дебата не е промена на истите, како таква можам да ја прифатам. Но тука да го додадеме сега и концептот на одговорност кај Албанците. Сметам дека сите Албански партии, треба да ја разберат и толерираат (или уште подобро прифатат) осетливоста на Македонците во однос на државните симболи. Ако ние се обврземе на дебата, сметам дека тогаш би било прифатливо и Албанците како малцинство да земат за одговорност да го прифатат нашето знаме како нивно. Јас разбирам дека знамето на двоглавиот орел не е само симбол на Албанската држава, туку е симбол и на Албанскиот народ и тоа е во ред. Меѓутоа, кога идеме на компромисно решение и разбирање за национални работи како јазикот, сметам дека е сосема во ред да побараме одговорност и компромис од другата страна. Би било одлично ако дебатата за државните симболи се одвива во оваа насока. Да бидам прецизен тука, за мене лично, знамето и грбот се крајно апстрактни поими и воопшто не ја дефинираат мојата гордост како човек, и сум најмалку приврзан за нив. Но чинот на веењето на знамето и те како е битен. И иако многу опозиционери како мене би рекле дека кога се вејат многу знамиња тоа е сведоштво за диверзитет, за мене веењето на едно знаме е еден од најголемите прикази на обединетост и консистентност на една држава. Уште еднаш да потенцирам, ако дебатата за овие симболи води во таа насока, тогаш ја прифаќам.
  3. Резолуција со која се осудува геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во периодот од 1912 до 1956 година“. За време на Балканските војни, знаеме како факт дека низа на масакри се извршени врз Албанското население, од многу области во Косово, се до Куманово, Дебар и Скопје. И за ова ќе најдеме доста извештаи низ историјата од Америка до Русија. Во ниту еден од нив, Македонскиот народ не е наведен како причина за овие злодела, туку напротив Српската и Црногорската војска и паравоените групации. Со овие факти, не сум сигурен дали вистинско признавање на овој геноцид ќе се постигне ако Македонија го осуди. Сметам дека борбата за вистината на ова прашање ќе има најголем имапкт доколу се води со оние субјекти кои навистина се одговорни. Јас веќе го осудувам оваа злодело, и лично би имал многу поголем проблем доколку во Македонија би ги игнорирале овие злодела, и би тврделе дека ваков тип на злодела никогаш не се случиле. Македонија доколку го осуди сега овој геноцид, ќе ги наруши добро-соседските односи со Србија. Доколку не го осуди овој геноцид ќе биде осудена за немање воља во однос на подобрување на меѓуетничките односи. Што значи која и одлука да ја одбере Македонија во ова прашање, Македонија губи. Затоа, иде прашањето, зарем во ова време, во кое сакаме да подобриме и меѓуетнички односи, и да подобриме добро-соседски односи и пред се, да ја вратиме правната држава и демократијата окупирана од ВМРО и Груевски, ова е прашање кое треба да зема приоритет? Прашање, во кое едноставно секако губиме. Според мене ова прашање, не е за ова време на криза, и ќе дојдат подобри времиња каде и овој проблем ќе биде затворен. Дополнително, јас лично како Македонец, сум горд на својот народ, затоа што никогаш не сме колонизирале, никогаш не сме биле на страната на нацистите, никогаш не сме поробувале, никогаш не сме масакрирале, горд сум на мирното отцепување од Југославија, и горд сум на конструктивното и мирното решение на кризата во 2001вата година. Сето ова е сведоштво дека ние, како Македонски етникум, без мрачен куфер од минатото, можеме (и имаме потенцијал) свесно и разумно да настапуваме за многу сериозни проблеми. Но друго време можеби ќе биде подобар избор. Историјата може да почека, но нашите животи окупирани од дисфункионална држава го немаат тој флексибилитет.
  4. Постигнување економска рамноправност и општествената благосостојба, особено преку рамномерен регионален развој“ — 2рата точка како и сите потточки на оваа за мене се прифатливи. Рамковниот договор како закон веќе ја дефинира рамноправната застапеност и во војската и во власта и во правдата. Ако јас ја интерпретирам коректно оваа точка и останатите поттточки, тогаш оваа точка дури и би ја пофалил. Ако гледаме на рамноправен регионален развој, тогаш најголем бенефит од оваа платформа би добила источна Македонија, која во моментов е и најмалку развиена.
  5. Зајакнување на владеењето на правото, како предуслов за напредок на евроатлантскиот интегративен процес“ — оваа точка и сите потточки, се комплетно прифатливи за мене. Не ни треба да има дебата дека се што е наведено овде мора да го направиме за добро на сите ако сакаме оваа држава да продолжиме да ја нарекуваме држава.
  6. Создавање дух на доверба во функција на добри меѓуетнички односи како суштински елемент за политичка стабилност во земјата“ — мислам дека и ова е разумно. Оваа точка никогаш не ни требаше да заврши на било каква платформа, туку требаше да биде дел од агендата на било која влада која владееше во Македонија. Особено после 2001вата, за да се осигураме дека таа грешка нема никогаш да се повтори.
  7. Добри односи со соседите“ генерално, јас сум за добар однос со сите соседи, се разбира. Но потточките од оваа точка се безмалку нелогични. Имено првата е „Вклучување на Албанците во работната група за директни преговори со Бугарија.“ — зошто само за Бугарија? Зошто не и за другите соседи? Не гледам логика во ова. Втората е „Соработка со Косово и Албанија за интегрирано гранично управување.“ — повторно зошто? Што му недостасува на граничното управување сега? Зошто тоа не можеме да го правиме сами и зошто е подобро интегрирано гранично управивање? Не гледам логика. Третата е „Отворање на нови гранични премини“ — повторно зошто? Имаме заситување на нашите гранични премини? Што ќе унапреди оваа инвестиција кон економија или пак добро соседски односи? И што би било нарушено доколку бројот е ист како што е досега? Поради тоа што овие точки не ги разбирам комплетно, не можам да дадам мислење дали ова за мене е прифатливо или не. Со ова разбирање на светот и Македонија, мислам дека овие барања се бесцелни.
  8. Брза интеграција во НАТО и во Европската унија“ — генерално се согласувам со целта на ова точка, но не и со методологијата. „Исполнувањето на овие цели ќе се следи преку организирање тркалезна маса на албанските парламентарни партии“ — зошто? Која е логиката во ова? Сакаме интеграција во ЕУ и НАТО, за која мораме да решиме државни проблеми — како на пример името. Истите државни проблеми кои сите како граѓани на оваа земја не засегаат, вие имате предлог за да дискусија на посебна тркалезна маса. Овој пристап, дополнително ќе ги продлабочи разликите во пристапот за името на Македонија и дирекно се коси со точката на „добри меѓуетнички односи како суштински елемент за политичка стабилност во земјата“. Како таква, ја отфрлам и сметам дека за работи кои не водат во НАТО и ЕУ, треба интегрално, сите заедно да работиме. Грчките влади, особено оние кои беа на власт во 2001вата година, беа јавно критикувани за неискорисување на „албанскиот фактор“ во Македонија, кога етничките односи беа заострени. Го гледате проблемт овде? Колку повеќе се двоиме со овие ставови и пристапи, секогаш ќе постои опасноста тоа некој да го злоупотреби. Да бидам многу јасен овде, за мене името, знамето, химната и грбот се крајно апстракни поими, и немаат никакво значење за моето постоење, и мојата гордост ни како граѓанин ни како човек. Меѓутоа, слободата и те како ми е битна. И во мојот концепт на слобода, не можам да прифатам како некој друг го загрозува правото на само-определување. Зарем вас не ви пречи таа ароганција? Зарем тој однос на нарушување на честа на човекот, кој ве допира и вас како и нас, не ви влева гнев да ни се придружите кон оваа бесмислена неправда за која имаме и сведоштво на меѓународен суд?

Заклучок

Откако на долго и широко ги објаснив сите погледи на платформата, една генерална поента континуирано преовладуваше низ моите коментари, дека е многу подобро да седнеме заедно и да ги надминеме разликите, отколку да ги укопуваме рововите со платформи кои сите малцинства и мнозинства може да ги донесат и ситуацијата да заврши во едно големо статус кво. Владеењето на ВМРО и ДУИ ни е најдобро сведоштво колку национализмот може да се злоупотреби за политички манипулации низ годините. Платформата, е само продолжување на националната поларизација која безмалку се случуваше последните 10 години во владеењето на овие две партии.

Од целата политика во Македонија, треба да ни е повеќе од јасно дека моделот на национални партии и не е баш нај-добар. Не е добар, затоа што ги полни и двете страни со национализам. Можеме да видиме како секоја година тој национализам се влошува. Секоја нова итерација на ВМРО е порадикална, а секоја нова итерација на ДУИ е порадикална. Овој модел, дозволува сите партии, да го пумпаат национализмот, да носат нови барања, а сепак да не земаат одговорности. Време е овој модел да го оставиме во минатото.

Време е да се посветиме на мулти-етнички партии. Само така навистина ќе може да ги усогласиме и барањата, и одговорностите. И само така ќе може да се осврнеме на дискусија на методологијата и на тоа кој е најефикасниот начин да ги постигнеме сите зацртани цели, како граѓани на оваа земја.

Like what you read? Give Аце Ангелов a round of applause.

From a quick cheer to a standing ovation, clap to show how much you enjoyed this story.