Дали одгледуваме независни деца?

Многумина ги гледаат децата како личности кои не разбираат ништо , кои треба да бидат заштитени од лоши вести, кои немаат свој идентитет, свои граници, свои потреби. Многу истражувања го потврдуваат спротивното.
Пред некое време дискутиравме со мојата колешка за различните стилови на родителство кои се применуваат тука во Холандија и во нејзината држава (Италија). Дојдена од Италија пред 10 години за да работи како бебиситерка објаснуваше една од многуте ситуации кои во тоа време кај неа предизвикале културолошки шок:
“Беше сабота, мајката од децата каде што работев дојде дома и ме замоли да ја доведам нејзината 4 годишна ќерка за да разговараат. Откако малата истрча до неа, мајката цврсто ја прегрна, седна до неа, и и кажа дека треба да сподели жална вест со неа : “Баба не е веќе со нас. Денес, таа реши да не напушти затоа што немаше повеќе сила, но ми рече да ти кажам дека многу те сака “. Девојчето почна да плаче па мајката се приближи и рече : “Се е во ред мила. Јас ја разбирам твојата вознемиреност. Нормално е да си тажна. Погребот е закажан за утре. Земи си време да се исплачеш и да се подготвиш за да се поздравиш со твојата баба. Доколку имаш потреба да разговараш или ти треба нешто знај јас сум тука “.
Во тоа време мојата колешка си помислила дека мајката е сурова што одлучила да ја сподели оваа вест со нејзината 4 годишна ќерка. Во нејзините мисли било : па таа има само 4 години, таа е само дете, зошто мора да знае дека нејзината баба почина, зашто би ја носеле со нив на погреб? Дискутирајќи за оваа ситуација заедно дојдовме до заклучок дека многумина во нашите средини каде што израснавме би го помислиле истото што и таа. Но денес таа е среќна што имаше можност да биде сведок на еден друг начин на воспитување. Имаше можност да види како една мајка се однесува со почит кон своето 4 годишно дете како кон било која друга возрасна личност споделувајќи дел од секојдневниот живот за да го научи своето дете како да се соочи и со лоши вести, да му даде слобода да ги изрази своите емоции и да ги прифати како дел од себе си.

“ За да израснеме личност класифицирана како доживотен ученик кој на 24 годишна возраст ќе биде доволно зрел да превземе одговорност кон други лица, продуктивен граѓанин способен да придонесе до развој на општеството и евентуално да постане родител самиот тој, нашиот метод на воспитување треба биде базиран на формална едукација во комбинација со љубов” — велат Паула Полк и Линн Лиллард автори на Mонтесори од самиот почеток (Детето дома од раѓање до три години).
Јас сеуште немам деца , и не знам како би постапила во одредени ситуации, но почнувам се повеќе да се едуцирам за различни начини и методи, практични искуства од други родители кои можам да ги искористам во иднина. Примери кои посочуваат која е соодветна возраст за да ги вклучите децата во секојдневите обврски; како да се ослободите од нередот и да создадете домашни простории за вашето дете соодветни на нивната возраст; како да ги натерате децата да соработуваат; кои начини да ги употребиме за да ги научиме на грижа за себе си , грижа за околината кога се на возраст од 2 години итн.
Сакајќи да ве приближам што повеќе до содржините кои ги истражувам решив секое мое истражување да го споделам со вас. Оставам на вас да одлучите што може да ви помогне а што не. И покрај се, секое дете претставува нова можност, нова генерација. Многу истражувања се насочени кон мотото: Без разлика каква метода на воспитување употребувате секогаш треба да ги третирате децата како личности кои заслужуваат да бидат почитувани, личности со свој идентитет.

Сметам дека никогаш не е доцна да се научи / примени нешто ново, нешто што ќе придонесе да се одгледа еднo независно и одговорно дете. На крај тоа е она што секој родител го посакува за своето дете.
Кои се вашите искуства ? Како се справувате со вашите неранимајковци?
Среќно Родителување!
