Која е најдобрата диета за тебе

Еден од најзабавните аспекти на мојата секојдневна работа е кога ќе запознаам нов клиент чија цел е слабеење. Секој човек има своја приказна и нешто што е оригинално за него. Во принцип разговорот почнува со нивната историја и обидите за да променат нешто кај себе. Ги распрашувам и се обидувам да најдам што можеби ги мотивира и разочарува, кои се нивните очекувања, како изгледа нивниот ден и што е она што не им дозволило да стигнат до целта за која се дојдени, и пред да се запознаат со мене. После тој разговор многу често им кажувам што јас им препорачувам и заедно поминуваме низ денот и оброците кои би требало да ги практикуваат и што најдобро се вклопуваат во нивниот дневен биоритам.

Дали истиот план одговара за сите

Секој план се разликува од човек до човек. Во принцип начелата за добра исхрана важат за сите, а тоа е добар појадок, редовни оброци и доволно вода, но она што се разликува за секој човек е и самата историја на исхрана и начин на живот. Потоа, тука е распоредот на денот (будење и легнување), работни обврски, можноста да готви или да не готви, буџетот којшто секој месец оди во храна итн. Постојат многу фактори и кај секој човек тие се различни.

Дали треба да променам се’ одеднаш?

Најчесто луѓето со кои се среќавам имаат мотивација, но во зависност од тоа колку големи и какви ќе бидат промените во секојдневието зависи и оддржувањето на таа мотивација. Јас преферирам да не им наметнувам 100% стриктен и од корен променет начин на живот, но понекогаш самите луѓе имаат став “ова е првиот ден од остатокот од мојот живот”. Сакаат да променат исхрана, сакаат да почнат со вежбање и ветуваат дека ќе се откажат од пушењето. Искрено јас не сум за повлекување на таков рез затоа што преголемата промена и многуте задачи кои се тотална новина во денот можат да бидат преголем залак и да бидат воедно и причината да се откажат после еден месец.

Мотивацијата е секогаш клучна, и одлуката дека повеќе нема да живеам како порано е неопходна за да се мрднеме од мртва точка, но промените, мој совет е да се прават чекор по чекор систематски.

Пронајди план и начин на живот што ќе функционира за тебе

Поентата е следна: Постојат многу патишта кои водат до иста дестинација. Некои се по воздушна линија :), некои се кратки и директни, некои подолги. И ниту еден е подобар од друг. Ти ќе избереш кој е најдобриот за тебе.

Исто како што јас правам со моите клиенти и ти треба да размислиш што е реално за тебе. Некој може да готви за себе и има опција да инвестира време во купување, селектирање и припрема на храната. Некој не може. Некој веќе јаде доволно зеленчук и овошје и нема да има проблем да го воведе тоа во начин на живот. За некого 5–7 порции на овошје или зеленчук секојдневно се “планина”.

Но запомни го ова: Начинот на кој ти ќе се храниш, колку ќе вежбаш и начинот на живот што ќе го избереш се твои — ти ги поседуваш. И исто така треба да прифатиш дека резултатот кој ќе го добиеш е последица на трудот што ќе го вложиш во процесот. Колку повеќе се трудиш, толку подобри резултати ќе добиеш. Но, тоа не значи дека бавниот процес и континуитетот не можат да те донесат на целта. На крајот на краиштата најдобрата диета и план за тебе не е тоа што некој друг ти кажува дека е најдобро зза тебе. Најдобриот план за тебе е оној што функционира најдобро со тебе.

FACEBOOK: ARSOV IVAN

INSTAGRAM: ARSOV24

One clap, two clap, three clap, forty?

By clapping more or less, you can signal to us which stories really stand out.