Ќе гласам против ДПМНЕ, ама не за СДСМ!

Насловот на овој текст се почесто се слуша на социјалните мрежи, а богами и во секојдневниот живот. Ако се размисли логички, за да се гласа ефективно против ДПМНЕ има само една опција: СДСМ. Секоја друга опција е во корист на ДПМНЕ. Затоа насловот е ОКСИМОРОН и може да го изусти само политички неписмен човек.

Опција апатија

На пример, ако не гласате или поништите ливче, т.е. излезете на гласање и на гласачкото ливче нацртате гениталии, тоа е легитимно право но e тотално неефективна форма на протест. Така не гласате против ДПМНЕ туку само ја изразувате својата апатија и поддршка кон статус квото. Не постигнувате аполутно ништо, туку само му правите услуга на режимот да со своите насилни и корупциски методи заграби повеќе луѓе под своја закрила во однос на бројот на оние што гласаат вистински против него, во случајов за голема опозициска партија/коалиција.

Опција Левица

Друга опција за гласање против ДПМНЕ е човек да гласа за Левица. Но знаејќи дека луѓето не успеаа да накалемат поголем број луѓе околу себе туку напротив предизвикаа негодувања нивната сила е скоро занемарлива. Според донтов модел тие се најверојатно партија под прагот. Имено, дури и да освојат неколку десетици илјади гласови расштркани по изборните единици тие најверојатно нема да имаат ниту еден пратеник во Собранието или евентуално еден, поради фактот на донтовиот модел. Оттука сите тие десетици илјади гласови ќе бидат залудно потрошени, а можеле да бидат ефективно употребени против режимот. Друга ќе биде приказната ако Левица влезе во коалиција со СДСМ што би било добро.

Опција албанска партија

Трета опција е да се гласа за опозициска албанска партија. Му се смачило од сите македонски партии и еве на пример, може Македонец да се одлучи да гласа за здружените опозициски албански партии (Беса, итн.) Но, знаејќи ја етничката поделеност на политичкиот систем на Македонија на два блока, гласањето за албанска политичка партија нема да го смени ДПМНЕ. Може да помогне во сменувањето само на ДУИ и ДПА, но во никој случај ДПМНЕ.

Опција ДС, ДЕМОС, ФРОДЕМ, МРО, ВМРО-НП, Достоинство.

Како што знаеме сите овие наведени партии направија две засебни десни опозициски коалиции. Љубчо, Љубе и Стојанче на една страна и Павле и Кекеновски на друга. Најпрво се правеше опширна сондажа дали овие десни партии да се здружат со СДСМ на избори но испитувањата покажаа дека ефектот ќе биде поголем ако настапат одделно од СДСМ како една коалиција од помали партии, но ете тие направија две.

Искрено јас имам голем проблем со овие луѓе заради нивното минато. На пример Павле беше една деценија со режимот и им изгласа купишта закони, ќутеше кога се одиграа најголемите злодела (24.12.2012) итн. Човекот е перфиден опортунист. Кекеновски долго време беше верен дпмнеовец се додека режимот не го шутна при кандидатурата за Претседател на Р. Македонија. Пред тоа ревносно го бранеше секој нивни потег. Љубчо е позната приказна. Ја турна Македонија во војна, а притоа со своите пајташи финансиски ја соголија до гола кожа и дури и сега во овој момент има свој бизнис на некој начин поврзан со режимот. Некои велат дека е тројански коњ кој треба да влече опозициски гласови надвор од опозициски партии, а во прикриена корист на ДПМНЕ.

Со поделбата на десната опозиција на две коалиции драстично се намали шансата за освојување на пратеници од нивна страна и се сведоа на иста ситуација како Левица. Сега и двете десни опозиции расштркани со гласови по изборни единици според донтов модел најверојатно ќе бидат под прагот или на самиот праг. Гласањето за овие луѓе носи вграден ризик да вашиот глас отиде во ветер.

Опција СДСМ

И оваа опција има милион слабости. Можам да ги редам до утре. Одредена нехаризматичност на лидерот, несмасност при договорот во Пржино (посебно во делот на СЈО), неинсистирање за една изборна единица, неинсистирање за регистрација на гласачи наместо избирачки список, долготрајност на процесот што го водат, недоволна анимација на “неопределените” и др.

Можете да најдете многу недоречености, слабости па дури и сомнително минато на поединци но сепак изборот на оваа опција е НАЈЕФЕКТИВЕН ако сакате режимот да си оди. Поефективен од изборот на сите горенаведени, односно единствено ефективен поради фактот што се најголема опозициска партија. Да имаше друга опозициска партија со значителна големина муабетот ќе беше друг, ама нема. Сама логика на нештата, самиот моментален временски пресек на состојбите, ако искрено сакате да си замине овој режим, налага да гласате за СДСМ. Тоа е логиката, тоа е ситуацијата и секој што ќе ви каже поинаку е едноставно политички неписмен и реагира емотивно наместо рационално.


На крајот на краиштата, за жал, во скоро сите развиени демократски земји на крајот изборот на граѓаните се сведува на “змијата или магарето”. Земете ги САД, Канада, Австралија и скоро сите ЕУ земји (со исклучок на неколку со специфично уредување). За жал така е и кај нас. Ако сакате да си оди режимот изборот е очигледен тргнувајќи од проста математика и логика.

Да се разбереме, не сум СДСМ-овец, само ви ја претставувам логиката на нештата. Под услов да победи СДСМ јас ќе бидам првиот кој ќе ги критикува нивните одлуки и потези и ако гледам дека забегуваат ќе бидам меѓу првите што ќе излезат на протест токму против нив. Едноставно сум подготвен тактички да гласам само за да си оди овој режим.