Како маркетингот влијаел врз Кубизмот
Овој текст, како прв, требаше да биде за неразделната врска помеѓу маркетингот и уметноста, поточно за историјата на оваа врска. Меѓутоа, темата е толку опширна што текстот никогаш немаше да биде завршен. Затоа решив како за почеток да се претстави една мала точка од минатото каде маркетингот послужил како инспирација на некои од врвните имиња од светот на уметноста.
Временската машина не носи во 1872 во Швајцарија каде е основана компанијата Julius Maggi & Cie, но веќе во 1897 се сели во Франција. Компанијата уште од своите почетоци дава големо значење на маркетингот, па така уште од 1880 има свој маркетинг оддел. Maggi, компанија кај нас најпозната по своите супи, во 1907 претставува нов производ, концентрат од месо спакуван во коцка. Производот го добива името Kub и од самиот старт е пропратен со слоганот „Exiger le K“ (груб превод: Барајте го К-то) и со масивна промоција. Целта на масовната промоција била заштита од германските имитатори и од француските националисти (Kub e скратеница од германскиот збор за коцка Kubus).

Во 1911, Maggi го најмува италијанскиот уметник и дизајнер на постери Леонето Капиело. Капиело е познат како татко на модерниот маркетинг поради својата иновативност во дизајнот на постери. Kub кампањата била голем подвиг на времето, преплавувајќи ги градовите со своите постери.
Некаде помеѓу 1907 и 1910 во Париз се појавува нов авантгарден уметнички правец кој како свои пионери ги има Пабло Пикасо и Џорџ Брак. Како што можете да погодите, станува збор за Кубизмот, еден од највлијателните уметнички правци во 20-век. Сеприсутноста на Kub кампањата во тоа време имала значајно влијание врз кубистите. Името на овој производ знаел да се протне низ нивните дела. Најдобар пример за ова е делото на Пабло Пикасо од 1912, „Paysage aux affiches" (Пејзаж со постери), каде јасно е прикажана познатата коцка, пропратена со Pernod шише и логото на марката шапки Leon. Пит Мондријан исто така бил инспириран од коцката на Мaggi, па така во своето дело од 1914, „Composition dans l'oval avec plans de couleurs 2“ (Овална композиција со рамнини во боја 2), зборот Kub се претопува со остатокот од композицијата.


Поради временската рамка и очигледното влијание кое Kub како производ го имал врз кубистите, останува мистерија дали и името на уметничкотo движење е директна инспирација од легендарниот производ во коцка.
Додека за Кубизмот е мистерија дали името му доаѓа од производот на Maggi, името на Дадаистите не е. Дадаизам е културно движење коешто започнало во Цирих, Швајцарија во текот на Првата светска војна, а името е инспирирано од производ за зацврстување на коса, поточно од локална реклама за тој производ.
