Ефектот на ореол (The Halo Effect)

Тенденцијата да ви се допаѓа (или да не ви се допаѓа) СÈ за некој човек — вклучително и особини кои не сте ги набљудувале — се нарекува ОРЕОЛ ЕФЕКТ. Ова е когнитивна пристрасност.

Примери:

Студентот одговара усмено, а професорот е фокусиран на разгледување на сите претходни оценки во индексот на студентот. Просекот на студентот е скоро 10. Усмениот одговор е реално помеѓу 8 и 9. Професорот му дава 10 на испитот. Ореол ефект.

Еден менаџер одржува одлична презентација пред аудиториум. Една слушателка е воодушевена од презентацијата. Таа заклучува дека презентерот има одлични менаџерски вештини иако не знае ништо за неговите менаџерски вештини. Ореол ефект.

Наставникот заклучува дека ученикот со примерно поведение на часовите е исто така бистар и вреден иако не го евалуирал капацитетот на ученикот во овие области. Ореол ефект.

Супервајзорот ги оценува перформансите на еден работник. Супервајзорот е воодушевен од ентузијазмот на работникот и ги оценува високо перформансите на работникот иако работникот нема доволно потребно знаење и способности за високи перформанси. Ореол ефект.

Кога инструкторот е пријатен и пријателски расположен, студентите го оценуваат како попривлечен и подопадлив. Ореол ефект.

Познат доктор со висок углед стекнат во долгогодишната успешна лекарска професија се кандидира за претседател на државата. Докторот нема претходно искуство во политиката. Огромен број од гласачите го обожаваат угледниот лекар и се сигурни дека тој ќе биде одличен претседател на републиката. Ореол ефект.

Позната личност рекламира некаков производ. Нам ни се допаѓа таа позната личност. Ние заклучуваме дека производот е одличен. Ореол ефект.

На интервју за вработување, работодавецот го оценува апликантот како привлечен и допадлив. Работодавецот заклучува дека апликантот е интелигентен, компетентен и квалификуван. Ореол ефект.

На момчето му се допаѓа изгледот на девојката на забавата. Момчето мисли дека девојката е паметна, забавна и љубезна. Ореол ефект.

Девојка запознава дечко на забава кај пријателка. Дечкото е згоден, бескрајно шармантен, дели комплименти и е многу забавен. Девојката го оценува дечкото како многу внимателен, емпатичен и фин. Девојката не знае дека дечкото е психопат кому трговијата со дрога му е главното занимање. Ореол ефект.

Човек на средни години, воспитан и пораснат во опкружување со антизападен сентимент, се воодушевува од Путин како единствен источно-европски државник кој има реална моќ и волја да му се спротивстави на “подмолниот” запад. Човекот го оценува Путин како идеален државник и покрај изобилството од факти дека Путин е диктатор и убиец на демократијата во Русија. Во исто време, човекот е против антидемократските сили во сопствената земја. Ореол ефект. И синдром на самозалажување.

Like what you read? Give Massimaux a round of applause.

From a quick cheer to a standing ovation, clap to show how much you enjoyed this story.