Или си добродушен или си злобен. Трето нема. Или можеби има?

Дефиниција: Добрина е (1) ненанесување на штета на други луѓе и (2) директно или индиректно придонесување за добро здравје на други луѓе.

Според горната дефиниција, добронамерност не значи и добрина. Добрата намера не е доволна за да се направи добрина.

Постои широко распространето верување дека луѓето се бинарно поделени на инхерентно добри и инхерентно лоши. Односно, или си добар или си злобен. Ова е премногу поедноставено гледање на моралното однесување. Точно е дека луѓето се раѓаат со веќе наследени генетски предиспозиции кои се наоѓаат некаде во спектарот помеѓу двата екстрема, максималното просоцијално (алтруистичко) однесување и максималното антисоцијално (психопатско/социопатско) однесување. Но, генетското наследство е само дел од мозаикот.

Моралните склоности може да претрпат големи промени поради влијанието на средината врз оформувањето на мозокот на секој поединец во морален смисол. На пример, ако една индивидуа е родена со, да речеме, генетска предиспозиција за нормална емпатија, поради изложеност во детството и/или младоста на сурови услови (дисфункционално семејство, насилство од родител, екстремна сиромаштија, војна, или други екстремни страдања), индивидуата може да развие антисоцијално нарушување на личноста (т.е. социопат). Значи, под сурово влијание на средината, оригинално емпатичен мозок (светло-сив дел од спектарот) може да се трансформира во мозок без емпатија (темен дел од спектарот), склон да нанесува штета на други луѓе.

Или обратно, една индивидуа може да се роди со генетска предиспозиција за психопат, но поради пријатната средина во која растела, таа не израснала во ефективен штетник за заедницата. Таков интересен случај е научникот James Fallon, професор по психијатрија, кој анализирајќи скенови од мозоци на психопати-убијци случајно открил дека и неговиот мозок е психопатски. Безусловната љубов од родителите и среќното детство не дозволиле James да израсне во опасен штетник. Сепак, тој за себе вели дека е граничен психопат.

Друг аспект кој многу влијае на тоа во кој дел од моралниот спектар ќе се најде одреден човек во даден момент од животот е степенот на егзистенцијална сигурност. Во средини каде што обезбедувањето на егзистенција е многу тешко, поголем процент од луѓето стануваат рамнодушни, па дури и немилосрдни кон сите кои не им се блиски. За да обезбедат егзистенција за себе и своето семејство, мнозинството “нормални луѓе” се подготвени да крадат, лажат, манипулираат, па дури и да убиваат ако дојде ептен зорт. Под притисок на околностите, може да се однесуваат ефективно како психопати бидејќи нагонот за опстанок е посилен од грижата за останатите.

Други важни фактори кои влијаат на моралот се системот на вредности кој зависи од системот на верувања, степенот на заблуди и степенот на информираност и општа едуцираност.

За флуктуирачкиот морал на луѓето се правени и научни експерименти. Најпознати се Milgram experiment и Stanford prison experiment. Овие два експеримента докажале дека нормални, здрави луѓе под притисок на околностите може да станат злобни или да извршуваат зли акти во одредени услови. Овие факти се исклучително значајни за разбирање на комплексноста на човечкото однесување.

Резимирано, луѓето не се фиксно поделени на добри и лоши, туку постои цел континуален (па дури и мултидимензионален) спектар кој е дефиниран од двете најоддалечени точки — максималната добрина (максимална просоцијалност) и максимална лошотија (максимална антисоцијалност).

Дистрибуциите на моралот во различни типови општества се прикажани на горната слика.

One clap, two clap, three clap, forty?

By clapping more or less, you can signal to us which stories really stand out.