Систем на вредности vs. владеење на право

Massimaux
4 min readMar 25, 2018

--

Уставот ја дефинира РМ како либерална демократија со силни елементи на социјална држава. Според мнозинството веродостојни правни експерти (и наши и западни), најголемиот број закони се компатибилни со европската легислатива. И како такви, уставот и мнозинството закони отсликуваат праведен и модерен систем на вредности.

Тогаш, зошто во пракса, во реалниот живот, немаме европски систем на вредности ? Каде е проблемот? Проблемот е што уставот и законите не се спроведуваат, не се почитуваат и главните виновници не се казнуваат. За реалниот систем на вредности пишував овде.

Низа базични вредности во општествениот морален систем директно или индиректно би се промениле доколку би имале целосно функционална и ефикасна правна држава. Но, само доколку би имале. :/

Еве листа на вредности кои сигурно ќе се променат драматично доколку имаме функционален правосуден систем.

Власт

Актуелна вредност со корумпиран правосуден систем:

Ако имаш политичка власт, можеш да се збогатиш со буџетски пари, да корумпираш други општествени чинители за свои лични цели и да се изживуваш врз политички противници.

Хипотетичка вредност со функционален правосуден систем:

Злоупотребата на власта ќе биде антивредност. Бидејќи, ако имаш политичка власт и се обидеш да крадеш буџетски пари, да корумпираш други општествени чинители за свои лични цели и да се изживуваш врз политички противници, ќе живееш во затвор неколку децении.

Јавна администрација

Актуелна вредност со корумпиран правосуден систем:

Ако се зачлениш во партијата на власт и лојално одработуваш за неа, ќе имаш сигурна работа и обезбедена егзистенција работејќи во администрација или јавно претпријатие.

Хипотетички вредности со функционален правосуден систем:

Зачленувањето во партија не е вредно ако немаш амбиции за чесен политички ангажман.

Инаку, ако се зачлениш во партијата на власт и таа те корумпира за да одработуваш за нејзини цели, ќе живееш во затвор долго време.

За да бидеш вработен во администрација, јавни претпријатија, образование, и т.н., ќе треба да си квалификуван и да ја работиш својата работа професионално.

Медиуми и креатори на јавно мислење

Актуелна вредност со корумпиран правосуден систем:

Ако си познат и влијателен новинар, професор, угледен уметник, газда на медиум, експерт, можеш да профитираш ако шириш пропаганда и лаги за манипулација на граѓаните, а за корист на владејачката партија.

Хипотетички вредности со функционален правосуден систем:

Ако си познат и влијателен новинар, професор, газда на медиум, експерт, нема да имаш друг избор освен да си ја работиш чесно својата работа најдобро што знаеш.

Инаку, ако си познат и влијателен новинар, професор, газда на медиум, експерт и притоа профитираш од владејачката партија со ширење на пропаганда и лаги за манипулација на граѓаните, ќе живееш во затвор долго време.

Медиумскиот простор ќе биде исчистен од лаги, пропаганда, манипулации и перење на мозоци. Граѓаните ќе бидат информирани, а не дезинформирани.

Медиумите ќе си ја вршат својата работа професионално и ќе се борат за својата егзистенција според правилата на пазарната економија.

Бизнис сектор

Актуелни вредности со корумпиран правосуден систем:

Ако си бизнисмен кој сака на лесен начин да профитира енормно многу, ќе бидеш корумпиран од владејачката партија со буџетски пари и ќе делите профит со луѓе од партијата.

Пазарната економија е неважна и нефункционална.

Хипотетички вредности со функционален правосуден систем:

Секој мудар бизнисмен ќе бега од коруптивни врски со власта и ќе се труди да ја води фирмата согласно законите и правилата на пазарната економија.

Инаку, ако си бизнисмен кој на лесен начин профитира енормно многу во коруптивна спрега со владејачката партија, ќе живееш во затвор долго време.

Бизнис секторот ќе функционира нормално врз база на здрави пазарни услови.

Успешните и продуктивни бизниси ќе придонесат за растечка економија и конкурентни плати.

Младите ќе сакаат да работат во приватниот сектор поради подобрите плати, можноста за постојано надградување и напредување.

Образование

Актуелна вредност со корумпиран правосуден систем:

Ако работиш во образованието, не е важно дали си квалитетен, единствено е важно да си партиски послушник.

Хипотетички вредности со функционален правосуден систем:

Во образовниот систем ќе бидат регрутирани само најквалитетните кадри.

Инаку, ако си партиски послушник, работиш во образованието, и интересот на партијата го ставаш пред законите и принципите на твојата професија ќе ја изгубиш работата, а можна е и кривична одговорност.

Во образовниот систем работата како наставник ќе биде многу поплатена отколку сега.

Генерации деца и младинци ќе бидат образовани и воспитувани на најдобар можен начин од најквалитетните наставници.

Јавно здравство

Актуелни вредности со корумпиран правосуден систем:

Ако си лекар и работиш во јавното здравство можеш да профитираш ако си во коруптивна спрега со власта и веледрогерии, или ако бараш мито од пациенти.

Ако си лекар во јавното здравство, можеш да бидеш арогантен и безобразен со пациенти затоа што никој ништо не ти може, особено ако си партиски послушник.

Ако си пациент, мораш да подмитиш корумпиран лекар за да добиеш здравствена услуга.

Хипотетички вредности со функционален правосуден систем:

Ако си лекар и работиш во јавното здравство, мораш да ги третираш пациентите со почит и да бидеш топ професионалец. Ако не, ќе ја изгубиш работата.

Инаку, ако си лекар, работиш во јавното здравство и профитираш од коруптивна спрега со власта, веледрогерии или од пациенти, ќе живееш во затвор долго време.

Хигиенските услови во болниците и амбулантите ќе бидат на највисоко можно ниво, во спротивно, раководителите ќе ја изгубат работата, па дури може и кривично да бидат гонети.

Услугите на јавното здравство ќе бидат ценети од граѓаните.

--

--