Живееме во време на големи промени. Технологијата буквално го менува светот и начинот на кој комуницираме.
Бидејќи многу брзо се адаптираме и навикнуваме на новите работи затоа ни се чини дека не се случува којзнае што.
Но десетици сервиси, апликации и уреди за кои буквално сме немале поим до пред некоја година, денес ни се секојдневие и нешто најнормално.
Само мобилниве оператори тешко се менуваат. Многу тешко им паѓа да се откажат од статусот на “мали богови” и тој некој мајндсет дека корисниците постојат за нив, а не обратно.
Лоши договори, пенали, казни, ситни букви…човек ќе помисли нe казнуваат поради тоа што сме нивни корисници.
Помина времето кога корисникот беше само обична бројка и ARPU статистика. Без глас, без избор, без моќ.
Помина времето кога мобилните оператори го диктираа развојот на мобилните сервиси притоа наплатувајќи безобразно големи суми за нешто што денес го користиме бесплатно.
Денес имаме Viber, WhatsApp, Google Hangouts, Skype, iMessage, Facetime и уште мал милион бесплатни опции за она што го продаваат операторите.

Покрај WiFi, прашање е само на време кога единствено што ќе ни треба од мобилниот оператор е мобилен интернет.Ова е лошото предвидување доколку операторите не се спремни да се менуваат.
Сепак не верувам дека комплетно ќе исчезне “обичниот” повик и СМС, но верувам дека ќе се сведе на минимална употреба и тоа во моменти и места каде што ќе немаме пристап до интернет.

Роаминг, СМС, повици…главните “cash cows” се топат и потребни се нови иновативни сервиси, адаптација на новите трендови, соработка со Google, Apple, Twitter, Facebook, Amazon…и врвен однос со корисници.
Новиот оператор покрај “consumer” пазарот, мора да го смени пристапот и кон “business” пазарот — SMB и Enterprise.
Според Strategy Analytics, повеќе од 200 милиони мобилни корисници користеле бизнис апликации во 2013, се прогнозира дека пазарот за бизнис сервиси и апликации ќе достигне $50 милијарди до 2017.
Мобилните оператори се во одлична позиција да капитализираат на овој сегмент нудејќи сервиси и апликации кои им помагаат на компаниите да го водат, развиваат и подобро организираат својот бизнис.
Светот се менува. Мобилните оператори мора да ги напуштат старите стратегии и тактики кои функционираа во минатото. Не може да очекуваат успех со фокус на рудиментирани сервиси и продавање телефони. Таквиот пристап води само кон стагнација и неминовно губење на пазарот и корисниците.
Новиот оператор мора да се фокусира на развој. Мора да почне да размислува како новите интернет играчи — развој на сервиси и апликации кои не прават повеќе продуктивни, ефикасни и успешни.
Email me when Mitco publishes or recommends stories


