Приказна за животот на Ноле Македонски Брод

Nikola Sokolov
5 min readSep 26, 2019

--

Ова е приказна за животот на Ноле, еден од најпаметните умови што некогаш постоел во Македонски Брод.

Македонски Брод

Целата приказна започнува на 28 Јуни, 1971. Родителите на Ноле се пресреќни што имаат машко дете, татко му вика дека така ќе ја продолжел фамилијата, а мајка му е во солзи од среќа што детето е родено здраво.

Кратко потоа се враќаат дома бидејќи и двајцата мораат да се вратат на работа. Татко му работи како пилот во Македонската армија, а мајка му е хигиеничарка во фабрика. Ноле најголем дел од времето, како и многумина деца овде го поминува со баба му. Таа го учи да чита на многу рана возраст и тука се раѓа неговата огромна љубов кон книгите.

Татко му не е воопшто среќен поради тоа. Децата од маало го исмејуваат поради тоа што тој повеќе сака да чита одколку да си игра надвор, а тој не возвраќа “машки” на тоа. Можеби затоа татко му понекогаш решава и малку “физички да го воспита”. И тоа не е воопшто чудно. Југославија се распаѓа, тој пробува да избегне да биде дел од војната, а не може, фабриката не и исплатила пари на мајка му веќе долго време. Сето ова е огромен притисок на семејството. Ноле иако видно интелигентен уште на оваа мала возраст, никој не ја познава неговата надареност.

Но тој е среќен. Често е замислен за како да го истражи небото што не го ни интересира што се случува околу него.

Ноле е среќен и покрај се

Покрај тензиите во регионот и ужасната економска состојба, Ноле успева да прочита се што има во библиотеката во Македонски Брод. Па и не е така голема библиотека тоа. Замислен за тоа како сака и тој да го истражи небото како и татко му.

Завршува основно во Климент Охридски, единственото училиште кое е во градот.

Наставничките го опишуваат како “генијалец”, но секојдневно е предмет на исмевање и тепање од некои постари деца.

Еднаш до толку многу што Ноле завршил во болница во Скопје. Но тоа никако не му пречеше да носи модели на ракети и авиони во школо за да ги лансира во небото. Ова беше нешто кое дури ни наставничките не разбираа како се прави.

Дојде време за средно. Родителите иако сфаќаа дека средното во Македонски Брод е премалце за Ноле немаа друга опција. А како би имале? Сега само татко му работеше и никако немаше да праша да биде преместен во Скопје. Не смееше да си ризикува двајцата да останат без работа.

Па за Ноле, средното беше буквално изгубени 4 години. Немаше веќе баш од кај да учи. Кога можеше одеше до некои библиотеки во Скопје ама и се помалку беа желни да му даваат книги бидејќи не ги враќаше на време. Тој не можеше да си дозволи да патува толку често за Скопје…

Кога дојде време за факултет Ноле мораше да се сели. Собра се што има и замина на Скопје. А немаше многу, неколку парчиња облека… Сакаше да студира и економија и физика. Секако, законите не го дозволуваа тоа па се реши само да студира физика. Економија учеше во слободно време.

Фасцинантото беше што само после неколку месеци, тој решаваше задачи физика како тој да ги направил законите, а економскиот факултет му беше уште полесен.

Ноле сонуваше да има свој бизнис. “Македонија е во транзиција Ноле, пола од луѓето се без работа меѓу кој и мајка ти, он бизнис ќе правел “— му викаа. “Заврши си факултетот и гледај да се вработиш, ако и така можеш зошто не знам кој ќе ти најде работа со физика?!”.

За жал така и беше. Овој брилијантен ум, што паралелно “газеше” на два факултета, читаше по неколку десетици книги на ден и ги имаше најлудите и инвентивни идеји за бизнис не можеше да најде пари за како да го преживее следниот месец.

Сакаше и да си оди од Македонија. Но каде? Со тој пасош Ноле, тешко дека ќе стигнеш до Белград, а не па Америка. Пробуваше сегаде, не успеваше никаде. Си викаше ќе се вработам како келнер само за да можам да ги плаќам сметките, па ќе биде нешто понатака.

Така и беше. Секојдневно ги трпеше глупостите на луѓето во кафаната. Го бркаа од една зошто често ги корегираше гостите во нивните лоши и необразовани мислења, го бркаа од друга зошто не се снаоѓаше, а третата пак се затвори како и се во државава. Но Ноле не се даваше, ќе биде кога тогаш си викаше…

Години поминаа. Ноле стана професор на истиот факултет каде што заврши, оној за физика зошто економски не смееше да студира. Цел Македонски Брод беше горд на него. Ееееј, професорот од физика од Македонски Брод! Која чест за градот!! Главна тема на муабет кога и некој од негова фамилија да седнеше да збори со било кого. На шала дури и го викаа “Космонаутот Ноле”.

Македонија во транзиција

Но како му беше него? Секој ден се будеше со неизмерна тага.

Неизмерна тага зошто сам знаеше каде требаше да биде, а каде заврши. Неизмерна тага зошто никогаш не ја виде планетата од горе, никогаш не ја изгради таа негова ракета, никогаш не ја започна компанијата која ја сакаше, никогаш не си ги оствари соништата.

И тоа поради што?! Поради тоа што беше роден во тоа место и во тоа време. Ништо што тој можеше да смени. Да можеше, ќе сменеше. Тоа ми била среќата си викаше, во друг живот можеби ќе има повеќе, иако и сам знаеше дека ова е единствениот живот што ќе го добие.

Ноле тажен во Скопје лол

Ако досега не беше јасно, Ноле е Елон, само роден во Македонски Брод. Авторот, т.е. јас сакам да кажам неколку работи со текстов.

Прво, некои од податоците како датумот на раѓање, тепањето во школо итн се истите како Елон Маск.

Второ, да, мислам дека да беше Елон роден во Македонски Брод, ќе имаше слична приказна и сигурно немаше да биде тоа што е денес.

Трето, сакам да искажам тага спрема генерацијата на нашите родители зошто условите во кои растеле биле многу… ограничени, а на сите што сте моја генерација, дека интернетот ја смени играта и сега скоро и да немаме изговори. Текстов не важи за нас т.е. вас да си ги оправдуваме неуспесите.

--

--