ПРИСТИГНУВАЊЕ

Рецензија на Ѓорче Ставрески

Главни улоги: Еми Адамс, Џереми Ренер, Форест Витакер

Синопсис: Еми Адамс ја глуми лингвистката Луис која им помага на американските воени сили да ја одгатнат причината за доаѓањето на Вонземјаните.

Внимавајте, следната рецензија содржи таканаречени „спојлери“ кои можат да ви го нарушат впечатокот за филмот доколку го немате гледано.

Ќе почнам од крајот, од пораката. Како премногу холивудски филмови претходно, „Пристигнување“ сака да биде битен со својата порака:

Луѓе, не живеете сплотено на оваа планета Земја, мора да најдете начин да ги премостите разликите, да ги решите заедничките проблеми, за човештвото да може да истрае.

Нормално, сама по себе пораката е добра. Проблемот е во излитеноста, клишето, како и тонот со кој е пласирана, кој е морализирачки. Од една страна Холивуд многу надмено сака да нe образува нас обичните смртници, да ни укаже на нашите проблеми и да нe поучи како да ги решиме, а од друга страна истиот тој Холивуд делува депласирано бидејќи од филм во филм не може, или не сака да најде друг основ за проблемите на човештвото од оние кои ги пласира белата богата елита со својата политика на идентитети: ти си црн, јас сум бел, тој е жолт, меѓутоа сите сме луѓе. Од Аватар до Марсовец, Покахонтас и Робинзон Крусо, клучниот проблем за Холивуд е што Кинезот, Русинот, Американецот и Вонземјанинот не си веруваат едни на други. Мислам дека доволно се изнагледавме што сe се случува последниве години да сфатиме дека проблемите на човештвото не се исклучиво врзани со бојата и националноста. Имаме поголеми проблеми, на пример: нееднаквоста и сиромаштијата. Со оглед на тоа дека главниот мотив на Холивудската индустрија е чистиот профит, не е за чудење дека не сакаат да нурнат подлабоко.

Вториот голем проблем во филмот е што Денис Вилнев, слично како во еден друг негов филм, „Затвореници“, се обидува со една реченица да го објасни целото претходно дејствие кое трпеливо и вешто го плете. Саат и половина се отплеткува клопчето пред нашите очи, се гради внимателно голем случај, ни ветува човекот епска вистина за доаѓањето на вонземјаните, за да го добиеме следново:

Дојдовме да ве спасиме затоа што за 3000 години вие ќе нe спасите нас.

И толку. Ниту назнака што точно ќе се случи за тие 3000 години. Ни трошка информација. Ништо. Режија, одиме со една реченица објаснување и назад со емоции, така побрзо ќе заборават дека се измамени. Во Терминатор на пример, кој има многу слична премиса, посветено беше повеќе време за да се објасни позадината на приказната и тоа ми изгледа чесно и доблесно. Овде се чувствувам измамен, авторот се поставува надмено, како да сака да ми каже дека тоа не е моја работа. Нешто ќе се случи и не душкај понатаму. Стратегија во стил на нашите политичари.

Следниот голем проблем за мене е детето на Луис. Поточно, зошто мораше да умре? За да биде тажен филмот? Ако е тажен, тогаш е длабок? Најтешкиот потфат во еден филм е манипулирање со емоциите. Моќта е голема, меѓутоа дотолку треба да биде и одговорноста голема. Не може во еден филм кој претендира да биде паметен и доследен, така „на тепка“ да речам, авторот да одлучи ќерката на главниот лик да умре. Јас барем не видов суштинска поврзаност со дејството. Во смисла, барем болеста на детето да беше поради остварениот контакт на Луис со вонземјаните или да имаше некаков исклучувачки фактор врзан со смртта на детето, на пример да мора да се сложи Луис да роди дете кое ќе умре и само така човештвото би се спасило и сл. Вака сме повторно во студио: режија, дај малку засили тагата, еве нека умре ќерката на Луис, ќе се изнаплачат.

Да се осврнам на убавите работи. Професионалниот аспект на филмот е за почит. Од камерата, до сценографијата, музиката и специјалните ефекти, глумата, монтажата, дизајнот на звук, се беше мајсторски направено. Би ја издвоил монтажата. Кадрите се движат ненаметливо, со магионичарски марифет, скриени пред нашите очи и кога со истата таа елеганција се презентираше пресвртот во филмот, шокот експоненцијално се зголеми. Комплексна приказна со таква промена на перспектива е стварно тешко да се раскаже, а прецизноста на монтажата е право пропорционална со јачината на посакуваниот ефект. Тука тоа беше мајсторски изведено. Еден погрешен чекор во плетењето може да ја доведе во опасност целата драматургија и се да се распадне како кула од карти. Други два елементи вредни за издвојување беа музиката и дизајнот на звук кои одлично се надополнуваа. Двата елементи мајсторски си ги менуваа местата и магично се претопуваа. Одеднаш, во некој емотивен момент, музиката ќе ја изгуби својата острина, ќе ги изгуби карактеристиките на мелодијата и ќе остане само некој длабок шум кој понатаму ќе се претопи во ехо на вонземјаните. За уживање.

Покрај споменатата мајсторска режија на Денис Вилнев кој ме „купи“ слично како и во неговиот филм „Затвореници“, следно за мојот длабок наклон и веројатно најбитно за дискусија во „Пристигнување“, е третирањето на проблемот на времето. Имено темата на патување низ времето и концептот на временската нелинеарност кои се често застапени во научната фантастика, беа мајсторски објаснети во филмот, меѓутоа не со зборови, туку директно преку структурата и неговата драматургија. Примерот е за во школска читанка, а кога следниот пат ќе слушнете дека филмот како уметност треба да покажува, а не да кажува, сетете се на времето во „Пристигнување“. Имено, детето на Луис умира на почеток на филмот и логично се наметнува фактот, дека доколку нештото е претставено на почеток, мора да е прво по редослед на стрелата на времето. Меѓутоа, во еден момент, заедно со Луис, сфаќаме дека детето умира во иднината и тој факт целосно го менува контекстот на приказната и на ликот, а воедно ја покажува неверојатната, сугестивна моќ на филмот: ако до тој момент ја гледавме Луис како тажна и изгубена лингвистка поради смртта на нејзиното дете, всушност сфаќаме дека ние сме гледале една збунета жена која сонувала пред себе парчиња од нејзината иднина! Ах, каква лага е филмот, каква измама. Па нели секој нејзин поглед беше тажен и бесмислен поради смртта на нејзиното дете. Излегува дека тој впечаток е производ на нашата имагинација, на нашата способност (или маана), емоцијата од едниот кадар да ја прелееме на другиот. И во истиот момент на таа измама, инстинктивно го разбираме апсурдот на нелинеарното време во кое минатото и иднината би биле наизменично испреплетени и тоа допира многу поефикасно и посуштински од било која излитена порака која Холивуд ни ја испраќа.

Има многу други работи кои вредат да се дискутираат, за да скратам, само ќе нафрлам неколку. На пример, штета е што покрај таков добар дизајн на вонземјанските „букви“, околу кои внимателно се градеше енигма за доаѓањето на вонземјаните, толку обично да се разреши загатката со еден „муабет“ на вонземјанинот и Луис. Разочарувачки беше раскажан и процесот на взаемно „учење“ на јазиците. Се се сведе на пишување на табла и еден врабец во кафез. Механизмот суштински не го видовме. А помислив дека ќе се продлабочи објаснувањето кога го слушнав одличниот монолог на Луис која му ги објаснуваше на генералот тешкотиите со кои би се соочил човек при објаснување на деловите на една „човечка“ реченица на некој си вонземјанин. Понатаму, поради што умре вториот вонземјанин? Поради експлозијата? Мене не ми беше јасно. Друго, слушнавме дека дојденците се тука за да му помогнат на човештвото да се сплоти и да преживее бидејќи луѓето ќе им помогнат ним во иднината после 3000 години. Тогаш, доколку имало некаков контакт во иднината, нели е логично вонземјаните да го владеат јазикот на луѓето и веднаш да им прозборат кога ќе се вратат во минатото?

Не мислам дека сите овие „ситни“ замерки се толку битни. Ретки се филмовите без „дупки“ во приказната и мислам дека филмот вреди да се изгледа. Слушнав премногу пофалби и можеби многу очекував и затоа сум малку разочаран. Заклучокот ми е дека не го изгубив времето и мислам дека вредеше барем заради „времето“ . Мојот резултат е 3/5.

Show your support

Clapping shows how much you appreciated Gjorce Stavreski’s story.