Стареење и покачување килажа: Зошто се случува и како да го избегнеш

Покачување килажа со стареењето е нешто што многу луѓе го земаат здраво за готово. Многу од луѓето со кои се среќавам особено над 30тата година, а да не зборувам над 40тата имаат еден тип на изговор дека нивниот метаболизам сега не е како на млад човек. Но, во пракса биолошките години немаат врска со метаболичките години и староста воопшто не треба да влијае за килажата. Моите баба и дедо се класичен пример и доказ за тоа. Никогаш не ги знам со вишок на килажа.

Зошто луѓето качуваат килажа со стареењето

Покачувањето на килажа со стареење се случува поради истата причина и доколку сте млади. Едноставно небалансиран внес на калории и неправилен начин на живот. Е сега, кога сте помлади она што се разликува од подоцна е трошокот на калории. Како постари имаме тенденција да се “удомуваме” некако и да не практикуваме движење што ни штеди по 300 калории во просек дневно.

Исто така, сигурно сте слушнале дека со стареењето се менува метаболизмот. Тоа е точно, и всушност со секоја декада метаболизмот се забавува и троши 150 калории помалку на дневна основа. Оваа логика е присутна поради фактот што мускулната маса кај постарите луѓе се губи и троши со текот на годините. Колку повеќе се зголемува процентот на масти во телото, а се намалува процентот на мускулна маса, метаболизмот се забавува бидејќи мускулното ткиво има 30 пати поинтензивен метаболизам од масното ткиво. Но, ова во поголем дел е повторно поврзано со намалената активност и удомувањето.

И има уште еден фактор кој влијае на оваа појава, а тоа е неправилниот внес на протеин. Потребата за протеини кај возрасна особа е поголема за разлика од млада особа, но најчесто како луѓето созреваат и создаваат семејства, го губат фокусот на себе и живеат со ставот “не е важно за мене” затоа што сакаат да придонесат повеќе за своите деца и не обрнуваат внимание за тоа дали ќе јадат нешто квалитетно и ќе посветат време или само ќе јадат колку да не се гладни и тоа ќе биде без никаква организација. Повторно ова придонесува за убрзано уништување на мускулната маса и забавување на метаболизмот.

Што треба да се промени

Во принцип не постојат 5 совети како да не покачите килажа со стареењто. Постои 1 совет и тој совет можете сами да го воочите од погоре напишаното, а тоа е — прави го истото она што си го правел како помлад. Најди време за себе, биди активен и храни се правилно :). Ништо комплицирано како што мислиш.

Josif Damjanov

One clap, two clap, three clap, forty?

By clapping more or less, you can signal to us which stories really stand out.