Јадеш брзо? 3 совети како да успориш

Побавното јадење ќе ти помогне да ја контролираш количината што ќе ја изедеш. Во оваа статија ќе најдеш 3 совети како да ја отклониме оваа навика.
Оваа тема ја пишувам најмногу за себе, затоа што долго време се борам со тоа да се научам да јадам побавно. Многу често на тоа ми текнува откако ќе заврши оброкот :), но сепак се трудам да бидам посвесен за оваа моја лоша навика. Пред 2 дена бевме со Тања во Битола во многу добар ресторан. Веќе и бев гладен, но и нашиот пријател правеше таква промоција на храната таму што ми ја дигна возбудата на маскимално ниво :). Кога заврши се’, како што е нормално Тања ми скрена внимание во колата дека е срамота да јадам толку брзо затоа што не изгледа добро од страна.
Бидејќи сме мажи и природата не создала со его, првата моја реакција не беше признавање иако знам дека ја имам таа лоша навика, но подоцна почнав да размислувам ако треба и на сила да го менувам овој мој ‘проблем’. Не се работи за тоа дали изгледа лошо од страна и дали е срамота, туку затоа што брзото јадење не е од никаква корист.
Најчесто нема да има можност да дојде сигнал до мозокот дека сме најадени и шансите да се прејадеме се големи. Од друга страна тоа значи дека храната не е добро изџвакана и му прави потешкотии на желудникот за да ја обработи, а на крај е впечатокот што го оставаме во околината :).
Имам читано за некои техники како да јадеш побавно како на пример да се гледаш пред огледало додека јадеш. Потоа имам читано за техника каде што секое залче храна прво да го доближиш до носот, да го допреш до усните па да го ставиш во уста. Потоа уште една техника за броење на џвакањето и слично. Но, да бидам искрен овие техники мене лично ми се глупави и повторно мислам дека во околина би изгледале лошо. Пробај стави си огледало во ресторан пред себе :), или мирисај ја и допирај ја храната со секое залче. Ќе ми дадат можеби и дијагноза. Бидејќи имам размислувано на оваа тема и од она што имам читано еве што јас ќе почнам да практикувам и да применувам што можеби ќе ти помогне и тебе:
Јади на рати
Ова најчесто го приметувам дека за мене функционира на свадби и прослави каде што има некаков протокол. Прво ќе ја имаш салатата, па ќе помине време ќе ти донесат предјадење, па ќе помине време ќе ти донесат главно јадење итн. Во овакви ситуации никогаш не сум се донел во ситуација да се прејадам затоа што и самите рати овозможуваат да стигне сигнал до мозокот, а и не јадам пребрзо затоа што секоја рата е ограничена и не сакам пребрзо да ми ја снема од чинијата.
Направи атмосфера
Исто имам приметено дека во ресторани и места каде што има отмена музика и побавна музика, во главата ми се создава атмосфера за уживање и најчесто јадам цивилизирано и бавно :).
Температура на храна
Многу често кога храната е жешка барем јас сум принуден да јадам поспоро. Прво земам од храната па ја дувам па ја внесувам во уста и сето тоа прави да јадам поспоро. Од друга страна мразам да се испотам за време на ручек или вечера и гледам да јадам многу споро и да чекам да се излади храна.
Ако имаш и ти можеби сличен проблем или решение за истиот сподели :).