Генерација израсната на протести

Мојата и борбата на мојата генерација започна кога пробаа да се инфилтрираат во она кое ние младите најмногу го цениме — образованието. Кај студентите не им помина, па удрија по помладитe, според нив послаба варијанта — средношколците. И мислеа ќе им пројде. Пробаа да ни втурнат незаконски ѓубре реформи во образованието, со што само ни помогнаа. Не здружија, не сплотија, не кренаа на нозе, ни покажаа дека знаеме и умееме да се организираме и да се бориме. Ни овозможија на наши неполни 18 години, да доживееме искуство на борба за нашите права, искуство да почуствуваш како е кога твојот глас е игнориран иако викаш, но и почуствувавме како е кога нашиот силен глас е слушнат. Искуство, кое никогаш не очекував да го доживеам на тие години, посебно не во Македонија, посебно не со мојата генерација.

Не разбудија од зимскиот сон и создадоа само контраефект. Преку никаквото образование, со квази-реформите преку кои сакаат да израснат младина на без’рбетници, мирни послушници на режимот, кои со главите наведнати надоле само слушаат наредби и прифаќаат се што ќе им се сервира успеаа само на улица, несакајќи да не воспитаат во критичка младина, генерација која нема страв и цврсто и јасно се бори за своите цели и идеали. Сами себе се направија педагозите кои сакаа никогаш да ги немаме, а со кампувањето пред МОН не научија да бидеме истрајни, упорни и силни, да делиме и страв и среќа, и љубов и тага. И тоа е она што не направи искрена генерација која не се бори за пари, моќ и власт, туку за сопственото образование, за сопствените права, за сопствената држава, СЕКОЈДНЕВНО.

Битката на нашата генерација не запре со раскревањето на средношколскиот камп пред МОН, напротив, таму само зема залет преку запознавањето на најразлични индивидуи кои подоцна се зближија, споија и сега освен за образование дејствуваат и за решавање на целосната политичка криза. И сфативме дека војната не се добива веднаш, туку се редат битка по битка. Ама сфативме и дека дојдовме на пола пат. И иако полневме полнолетство пред МОН, на протести, не ни беше доста. Сега полниме втора декада од нашиот живот, пак на протести, пред СЈО, и не ни е жал, бидејќи имаме две алтернативи: да се иселиме од државава и да чувствуваме грижа на совест дека бегаме од проблемите или да се бориме и понатаму, сплотено, здружено и искрено, онака како што правевме до сега.

Ме радува тоа што мојата генерација конечно научи да ја преземе моќта во своите раце. Ме радува тоа што сум сигурна дека доколку продолжиме вака, оваа беда никогаш повеќе нема да не снајде. Конечно дојде нашето време и ќе го искористиме. И нашата генерација, израсната на протести, ќе е таа што ќе успее да ги бутне и да има основа за критики кон сите идни власти и институции.

Автор: Александра Филипова

Like what you read? Give Гласови за демократија a round of applause.

From a quick cheer to a standing ovation, clap to show how much you enjoyed this story.