Реформи во јавната администрација во Македонија: магичниот круг на клиентелизам мора да се спречи

Реформите во јавната администрација во Македонија започнаа во доцните 90-ти, т.е. во исто време како и во останатите земји од централна и источна Европа кои сега се ЕУ членки, а порано од останатите земји во регионот (“Западен Балкан”).[1]

По една деценија, критиките кон јавната администрација во Македонија станаа посилни отколку на почетокот на реформите. Според извештаите, широко-распространетата партизација[2] ги уништува институциите.

Што тргна наопаку?

Лесно е назадувањето во реформите во јавната администрација да се припише на несигурната Евро-атлантска иднина. Назадувањето е очигледно во сите аспекти на владеење. Сепак, ние сметаме дека одредени тесноповрзани домашни и надворешни фактори придонесоа кон оваа ситуација, особено во поглед на реформите во јавната администрација.

1. Првиот фактор секако е недостигот на политичко водство при спроведување на реформите во јавната администрација. Додека различните влади имаа различни погледи и практики, ниедна од нив не презеде отворено одговорност за создавање на јавна администрација заснована на заслуги и фокусирана на давање услуги.

2. На почетокот, реформите беа спроведувани на барање на ЕУ и на одредени новосоздадени институции (на пр. поранешата Агенција за државни службеници). Сегашната влада го модифицираше системот и улогата на институциите во голема мера, на тој начин фрагментирајќи ги реформите во посебни проекти[3], со што всушност манипулираше со реформите во јавната администрација со цел да ги зароби институциите.

3. Не беше договорена јасна визија и стратегија која повеќето чинители би ја прифатиле. Едно од клучните прашања, систем на кариера наспроти систем на позиција, сеуште е на маса.

4. Спроведувањето на принципот на правична застапеност (на етничките заедници), кој е основната придобивка од Охридскиот Рамковен договор, не придонесе кон создавање на јавна администрација заснована на заслуги, туку напротив доведе до понатамошна партизација[4].

5. Интервенцијата на ЕУ, која во голема мера зависеше од проценката и советот на СИГМА-ОЕЦД (Поддршка за подобрување на владеење и управување-Организација за европска соработка и развој), како и од разни проекти за помош, беше првенствено техничка и често “одобруваше” чекори кои што декларативно требаше, но во пракса не ги постигнаа вистинските цели (како на пр. просечно годишно усвојување по два амандмани на Законот за државни службеници, усвоен во 2000 година, сѐ до 2011 година).

6. Недостигот на структурирана дебата која би го вклучила граѓанскиот и бизнис секторот и исклучување на невладините организации исто така доведоа до назадување во реформите во јавната администрација.

Една од клучните лекции кои се научија од македонскиот пример е дека е потребна искрена политичка волја од домашните актери и силен потенцијал за да се развие, а уште повеќе да се спроведе заедничката визија за реформи во јавната администрација која ќе им служи на граѓаните и на деловните субјекти.

Надворешните интервенции можат да бидат загрозени ако се инкорпорирани во јазот помеѓу суштинската волја на домашните актери и потенцијалот за реформи само на техничко ниво.

Како што сега стојат работите, потребни се итни мерки во Македонија за да се спречи магичниот круг на клиентелизам кој спречува суштински реформи во јавната администрација. Заради тоа, група македонски невладини организации бара со нејзиниот Нацрт формирање на експертска влада која на најдобар можен начин би ја одвоила државата од партиите[5]. Ова може да биде почетна точка за ресетирање на системот на јавната администрација, а особено за неговата примена.

[1] Стратегијата за реформи во јавната администрација беше усвоена во 1999 откако претходно беше усвоен Законот за државна служба во 2000.

[2] Стратегија за проширување на ЕУ 2015, Комуникација на Европската комисија со Европскиот парламент, Советот на Европа, Европскиот економски и социјален комитет и Регионалниот комитет, 10 ноември 2014, КОМ (2015), 611 конечна верзија

[3] Новата стратегија за реформи во јавната администрација беше усвоена во 2010.

[4] Ристевска Јорданова М, и други автори, Живот и броеви, правична застапеност во јавната администрација во Македонија, Институт за Европска политика, Скопје, 2016

[5] Нацрт за итни демократски реформи, Скопје, јули 2016, достапно на: http://epi.org.mk/docs/Blueprint_ANG_WEB.pdf

Aвтор: Dr. Malinka Ristevska Jordanova, Director, European Policy Institute — Skopje

One clap, two clap, three clap, forty?

By clapping more or less, you can signal to us which stories really stand out.