Суштина, копнеж и слобода — тоа е Скопје, а тоа сум и јас! — Николина Огненовска

Сонувајќи за слобода, Николина Огненовска се замислува себеси како безгрижно трча по Илинденска и мечтае. Таа е родена слободна, а секогаш е во „окови“. Се опишува себеси како птица која има цел да избега од својот кафез. Копнее по чиста љубов, топлина и преку своите цртежи, посегнува по невозможното.
Својот живот би го опишала со зборовите: „Рацете ми се испружени како слобода, а дланките ми се полни сомнежи.“
Инспирирана е од сите луѓе и честопати на својот инстаграм профил @nixizartspace објавува ремек-дела од највлијателните скопјани од нејзиното секојдневие.
„Кога ги гледам тие убави луѓе што прават секојдневно, се инспирирам и јас да направам нешто слично — сета позитивна енергија што ја шират ме прави среќна и исполнета. Ги почитувам и сакам сите луѓе што досега ги имам нацртано и им се поклонувам до земја затоа што без нив, мојот уметнички профил немаше да биде успешна приказна.“

Нејзината омилена скопска песна е „Супер Јупитер“ од Pluto’s Doubts, a омилена песна за танцување ѝ е „Мојот дом“ од Диме Поповски.
За Николина, најголемата скопска инспирација е Лука Ѓорѓиевски, но таа додава и дека не сака да седи и да ја бара инспирацијата во градот бидејќи инспирацијата доаѓа сосема случајно и неочекувано. А, како најинспиративни места во Скопје, ги издвојува трите маала — Дебар Маало, Маџир Маало и Пајко Маало бидејќи таму ја чувствува најголемата топлина.
Уметноста во Скопје, таа ја опишува како недоволно ценета и потценета:
„Сите велат „еј немаме уметност и треба да направиме нешто!“, но никој не мрднува со прст, иако сите треба да тежнеме да го промениме и разубавиме градот преку уметност. За жал, се затвораат многу галерии во последно време — тоа е вистинска штета за градот. Кога влегуваш во некоја галерија, тоа е исто како да влегуваш во душата на човекот. Кога ги гледаш цртежите, треба да се сочувствуваш со цртежот и да ја осетиш болката и агонијата во него. Треба да ја пронајдеш и разбереш суштината во уметноста и да ја цениш секоја идеја. А под поимот „уметност“ не се подразбира само цртање, туку и култура, музика, концерти, театар, филмови и музеи…“

За неа Скопје си е истото Скопје што било и во турско време, што претрпело многу тежок земјотрес, невремиња, поплави…
„Но, луѓето се она што му се има случено на Скопје. Скопјани треба да си стават прст на глава и да шират повеќе меѓусебна љубов бидејќи напразно ја фрлаат вината на Скопје, кога всушност ним им е потребна промена. Кога би променила нешто од Скопје — тоа би било метежот. Би ги избришала сите автомобили и би создала повеќе велосипеди. Всушност, само велосипеди. Нашето Скопје заслужува да дише. Нашето Скопје заслужува да живее слободно, преку уметноста. “
