5 центи за конзерватизмот

Edvard Kardelj Jr.
Letters on Liberty
Published in
6 min readOct 23, 2016

Пред да се префрлам на темата, есејот е поделен во четири дела согласно принципите за фер и објективна критика, позајмени од еден од најдобрите активни / живи филозофи денеска, Даниел Денeт. Прочитајте ги на линкот — ако се држиме до нив не само што дискусиите ќе ни бидат поцивилизирани и квалитетни, туку пристапот кон било која критика е таков што ти овозможува да учиш низ процесот.

Што е конзерватизам?

Да почнеме од сам почеток. Што е конзерватизам (К)?
Можеби звучи разочарувачки, but it’s hard to tell.
Да се обидам.

Наводно, К е инхерентниот страв на човекот од промени — преточен во политичка програма. Но, конзервативците не биле ниту се генерално против промени (сепак, промената, еволуцијата е единствен начин на преживување). Тие се против „лоши“ и драстични промени, особено промени кои може да го еродираат традиционалното морално ткиво на заедницата.
Оваа компонента К ја дополнува со еден вид на скепса кон моќта на разумот да ја промени (од горе-надолу; или од надвор) заедницата која со години па и децении поминува низ комплексен процес на еволуција на сопствени норми и правила.

Конзервативците се оние кои дигаат рачна и предупредуваат од нагли и длабоки реформи потсетувајќи дека постојната состојба е таква каква што е бидејќи еволуирала долг период и моменталниот систем е изграден од институции и норми кои содржат „генерациска мудрост”; реформите треба да бидат умерени и внимателно одбрани — времето покажува што (не)функционира.

Нивниот пристап не се заснова на високи морални принципи кон кој треба да се движат реформите, туку на искуствен еволутивен пристап со голема почит кон традицијата кон која треба да се прилагодуваат принципите. Не бидејќи постојното е совршено туку бидејќи новото може да биде полошо.

Што можеме да научиме од Конзерватизмот?

Прво, и можеби не толку очигледно, е дека помеѓу луѓето постои одреден ред и морален кодекс кој постои со причина. Ова верување всушност е тесно поврзано со почитта кон традицијата.
Едноставно, ако не ја почитуваме барем да ја имаме предвид важноста на традицијата (еволутивно прифатените норми и обичаи на заедницата, низ долг процес на trial & error) при заговарање реформи и промени. Да го познаваме добро теренот пред да се осмелиме воопшто да предлагаме било какви промени. Луѓето живеат на поинаков начин од нас поради причина — која можеби не ни се допаѓа или не ја разбираме, но тоа не значи дека е погрешна или неразумна.

Второ, да бидеме свесни за сопствените ограничености, лични но и политички (humility / скромност не е на одмет никогаш).
Некои работи ни изгледаат неприфатливи само можеби бидејќи ние потекнуваме од поинаква средина и нашето искуство поинаку влијаело врз нашите ставови и морални принципи. Но, како може воопшто да ги промениме работите кои не ги разбираме?!

Трето, можеби звучи counter-intuitive, но конзервативните принципи сами по себе ја толелираат и ја промовираат различноста помеѓу луѓето која природно постои во сите човечки заедници. „Единствените вистински форми на еднаквост се еднаквоста пред Последната пресуда и еднаквоста пред законите — сите други обиди да се „израмнат“ луѓето неизбежно водат кон социјална стагнација“ (Расел Кирк, конзервативен принцип бр.5).
Она што особено ги спојува конзервативците и либералите/либертаријанците, покрај почитта на принципот на еднаквост пред законите (а не на приходите), е почита кон приватната сопственост и разбирањето дека приватната сопственост е носечки столб на цивилизацијата. За К приватната сопственост има уште поголемо значење бидејќи ја гледа како алатка преку која поединецот и семејството стекнуваат независност, но и самоодговорност која е клучна за градење силни граѓани и уште посилна заедница.

На крај, и поврзано со првиот принцип (постоечкиот морален ред), конзервативецот е претпазлив кон концентрација на моќ, особено политичка. Иако тој признава дека одредени луѓе се поспособни (и повеќе желни) да владеат, нивната моќ мора да биде лимитирана и под постојан надзор. Државата е неопходна за зачувување на поредокот, но од друга страна неконтролираната концентрација на моќ може да доведе до рушење на поредокот и традиционалните норми на заедницата — најсветото нешто за конзервативците. Сепак …

Што е проблемот со Конзерватизмот?

(не зборувам тука за конкретни политики, туку генерално, за принципите и кохерентноста како идеологија/систем на идеи)
Прво, малку историја. Кога на политичката сцена се појавува класичниот либерализам (некаде околу средина на 17-ти и во текот на 18 век), како радикален сет на вредности кадешто секој е еднаков пред Бога и законите, сериозно ги разнишува интелектуалните столбови врз кои бил изграден постојниoт систем (Ancien regime). Наместо строго хиерахиско општество со централизирана моќ во кралот и големопоседничката аристократија, либералите барале општество на еднакви и слободни поединци и одвојување на Државата од … што повеќе области (од Црквата, економијата, меѓународната трговија, личните животи на граѓаните…). Погодете кој бил на браникот на одбраната на стариот режим, на „божјото право да владее монархот“? Конзервативците. Не ми е тука поентата да го оцрнам К со копање по минатото, туку да дадам кус вовед во клучната поента. А тоа е…

Најголемиот проблем со К е што нема „морално сидро“ (anchor), рационални принципи преку кои може да проценува дали одредени норми и правила се ок.

И ова за либертаријанците — и воопшто слободарите — е тешко сварливо. Едноставно, немаме безбедно (морално) тло. Препуштени сме да пловиме како ќе одлучи „традицијата“.
Историски, затоа и не е ни малку аномалија што К била главен противник на либерализмот кога се појавил на сцена!
Во конзерватизмот не постојат високи принципи кои можат да обезбедат интелектуални столбови за слободно општество. К се гради како сет на вредности околу концептот на традиција — која пак не се обсервира критички. Интересно, но Хаек во неговиот познат есеј Why I am Not a Conservative ќе забележи дека токму бидејќи К нема морална котва всушност се плаши од промените, односно се држи цврсто до традицијата без која е изгубен („ conservatism fears new ideas because it has no distinctive principles of its own to oppose them; and, by its distrust of theory and its lack of imagination concerning anything except that which experience has already proved, it deprives itself of the weapons needed in the struggle of ideas.“)

На пример, што ако традицијата е составена со норми и обичаи кои се угнетувачки за одредени сограѓани?! Ќе чекаме спонтано и еволутивно да се напуштат? Всушност, се чини дека често К служи за легитимизирање на односите на моќ кои им одговараат на оние кои се на врвот на „традиционалната пирамида“. Зарем, на пример, присуството на хомосексуалци низ целата историја на човештвото едноставно ќе избереме да ја игнорираме како нешто што е дел од нашите заедници од секогаш?! Или пак под плаштот на „традицијата“ одредени структури селективно бираат што ќе биде дозволено а што не?! Ако одредени норми се угнетувачки за х граѓани тоа значи дека овие граѓани се држат со сила во традиционалниот меур, односно за х граѓаните НЕ СЕ прифатливи. За нив, индивидуално, не се традиција — барем не традиција која сакаат да ја практикуваат, живеат и негуваат тие!

Што не доведува до уште еден голем проблем со К од аспект на либертаријанизмот. Кој и како ќе ја „чува“ традицијата?! Додека за либертаријанците негувањето на традицијата е лична работа и не е доволна причина за да се активира моќта на присилба на Државата, за К традицијата е политичко прашање — селектираните норми мора да се заштитат по (скоро) секоја цена, и особено со помош на државниот апарат.

Во зависност од кои вредности ќе натежнат, К многу лесно станува колективистички во сржта — традицијата е сет на обичаи кои ги прифаќа колективот и кон кои треба да се потчини поединецот.
И нема тука компромис.

Што ми беше муабетот…

Почетна точка на есејот беше зошто К во последно време ги собираат „најзатуцаните“ сограѓани (под затуцани не мислам во навредлива форма — ова се луѓе кои поради објективни и субјективни причини имаат затворени и ограничени видици кон животот и другите луѓе).
И ни малку не го кажувам ова од аспект на левицата — која се замислува како некоја прогресивна интелегенција која ги гледа десничарите со доза на презир и потсмев.

Зошто овие групи на граѓани се најприсутни во К партии?

Одговорот е едноставен — за овие групи на граѓани „сидрата“ кои им даваат некоја безбедност и значење на нивните животи и кои се денеска можеби „најзагрозени“ — нацијата, религијата и традицијата — се вредностите кои најсилно ги застапува и брани К. Точка.

п.с. Имав на ум друга теза но како се ткаеше есејот сфатив дека не можам да ја одбранам паметно — и ја оставив вака.

Great essays / articles on Conservatism:

  1. Why I am Not a Conservative, by F. Hayek
  2. Ten Conservative Principles, by R. Kirk
  3. Conservative! = Libertarian, by Arnold Kling

--

--