Јасна Котеска за „Преродбата“ — една од најдобрите колумни во 2016?

Edvard Kardelj Jr.
Letters on Liberty
Published in
4 min readSep 10, 2016
:)

Од време на време некој од политичките аналитичари знае да погоди право во целта. Колумната на проф. Јасна Котеска „Преродбата и медиумите“ е еден од таквите ретки моменти каде што нема само критика кон постојната власт туку аргументите се универзални за секоја партија која ќе се занесе кон тоталитаризам. Ок, може не е „најдобра“ (што и да значи ова), но е одлична анализа од еден слободарски аспект кој мислам дека ќе им се допадне на голем број од либертаријанците/либералите.

Ама, ај да не филозофирам многу, да преминеме на колумната.

Програмата како прв индикатор

Како што е познато, за првпат ДПМНЕ блескаво ја промовираше идејата за Преродбата уште во 2006, кога документот на Партијата буквално се викаше Преродба и имаше „само“ 116 страници. Две години подоцна, т.н.Преродба, надградена и проширена (2008–2012) се порасна во документ од речиси 200 страници. Во 2011 документот го доби името Манифест (2011–2015) и имаше 284 страници, а последната програма на ДПМНЕ од 2014 година има дури 384 страници!

Каква е врската помеѓу „дебелеењето“ на Програмата на ДПМНЕ од 100 до речиси 400 страници и фактот дека во истиот временски период од една деценија се случи драстичното паѓање на Република Македонија на сите меѓународни листи за рангирање?

Добар либерал (би требало да) може да го насети одговорот.

Парадоксалниот одговор лежи токму во самата Преродба! Колку повеќе Партијата запишуваше нови проекти во Програмата, толку повеќе државата исчезнуваше за сметка на Партијата.

Голема програма +голема Партија = намалување на слободната сфера во која поединецот може да живее и твори без контрола од власта

Или како што објаснува Јасна:

Тие не се само вообичаена програма на една политичка партија. Станува збор за документи што буквално го кодираат секој аспект од живеењето на граѓаните во земјава. Во нив, секој нов проект означува друг тип на узурпирање на државата од страна на Партијата! Од уметноста до науката, од архитектурата до медицината, од програмирањето до визуелните уметности, Владата преку овие документи набрзо се промовираше во главен архитект, доктор, издавач, програмер, писател, хирург, лингвист, пилот, адвокат, филозоф, фармацевт… во земјава.

Луѓето и заедниците не може да се микроменаџираат

Но, сепак — како што објаснува професорката — и покрај сите „проекти“ „Програмата на ДПМНЕ не функционира“. Состојбите се далеку од задоволителни во било кое поле (и ова според многумина би било huge understatement). Зошто? Јасна го начнува всушност аргументот за „спонтан поредок“ на либертаријанците — на начин кој и е најблизок, психоаналитички.

Во теориската психоанализа, овој тип на разидување помеѓу реалноста и фикцијата се објаснува со т.н. двојна природа на законите. Социјалниот поредок, имено, почива на двојна природа на законите. Постои еден јавно артикулиран закон (на пример, верноста), но зад него, како сенка, редовно се влечка вонзаконската прељуба.

Забележете, на пример, дека човек ќе плукне на улица кога никој не го гледа, ќе помине на црвено светло, со други зборови, човек ќе го пречекори законот и ваму и таму, и тоа не заради отпор кон заедница, туку парадоксално токму во име на желбата за имагинарна идентификација со духот на заедницата.

Продолжува (мојот омилен дел е со италик).

Во филмот Американска пита на Пол Вејтс, таткото агилно се труди да го упати синот во тајните на сексот, но парадоксално, кај синот само предизвикува срам и повлекување пред опсценото однесување на таткото. Таткото би му помогнал на синот тогаш кога најконзервативно би му забранил да се гледа со девојки, на што синот ќе одговори со отпор. Поедноставено речено, луѓето и заедниците не може да се микроменаџираат. Успешна политичка програма не е таа што има 500 страници проекти, туку таа што има само десетина основни развојни и стратешки постулати, со кои се гарантира индивидуалниот и креативниот развој на луѓето во заедницата.

Која е улогата на Државата во слободно општество?!

Ова е комплексно прашање околу денеска се води главната дебата (на умерените политички опции — социјалистите и фашистите не гледаат никакви граници на државната моќ). Сепак, некои контури на одговорот можат да се насетат во анализата на Јасна. And me like it на каде и одат размислите.

…комично е кога ДПМНЕ во Програмата наведува дека ќе гради „урбан ѕид за младите“, каде ѕидот е дефиниран како проект што „ќе овозможи соодветен простор за младите да ја изразат својата креативност“! Легитимното прашање гласи: А зошто Партијата воопшто би обединувала млади уметници? Зарем партијата нема попаметна работа и зарем младите уметници не знаат самите да се обединат? Одговорот гласи: не само што уметниците знаат да се обединат, туку најверојатно тие би се обединиле најнапред точно против самата Партија, а потоа и според следниве параметри: кога самите тоа ќе го посакаат, на местата што самите ќе ги одберат, под условите што самите ќе ги договорат, и.т.н. Во таква операција, најпарадоксалниот дел е дека токму тој тип на недржавно обединување на уметниците ќе биде и единствениот знак дека државната политика е добра!

Сето друго е дефиниција за диктатура, која порано или подоцна, ќе ја изгуби битката помеѓу фикцијата и реалноста.

Патем, а да си ја прочитате колумната (фокус се медиумските слободи и реформи)?!

--

--