Креатори на јавно мислење — дали нивната веродостојност е клучен фактор за развојот на општеството?

Massimaux
3 min readSep 9, 2015

--

Општо познато е дека во било кое општество, еден обичен граѓанин нема независност во формирањето на својата перцепција за општествените процеси и состојби, иако граѓаните имаат илузија дека самите се автори на своите политички мислења. Всушност, многу мал процент од граѓанството има пристап до изворни релевантни информации и е способно да размислува непристрасно и независно. Огромното мнозинство го оформува своето мислење под силно влијание на “преџваканите” информации сервирани од креаторите на јавното мислење (анг. opinion leadership, opinion makers).

Креатори на јавното мислење се јавни личности и организации чии толкувања на реалноста се дистрибуираат до граѓанството континуирано и масовно преку медиуми. Тука спаѓаат телевизии, радија, весници, интернет портали, социјални мрежи, новинари, јавни личности, едукатори, интелектуалци, експерти, газди на медиуми, политичари, активисти и др. Јавноста е секојдневно изложена на влијанието на ставовите што креаторите ги наметнуваат за политички настани, општествени состојби, комерцијални цели, итн. Оттука произлегува нивната огромна моќ за насочување на општествениот развој.

Независно од тоа на која професија и’ припаѓа, секој креатор на јавно мислење има одредена веродостојност (анг. trustworthiness — објективна мерка колку може да му се верува) која зависи од три параметри:

  • Компетентност— степен на знаење, способности и вештини за извршување на одредена професија.
  • Интегритет — степен на запазување на универзални етички принципи (вклучува фер однос, правда, конзистентност, исполнување на ветувања).
  • Добронамерност — степен на залагање да се направи добро на клиентот, т.е. на оној кому се испорачува одредена услуга (вклучува лојалност, транспарентност, грижа, поддршка).

Нека претпоставиме дека за било која професија, и за секој од горните три параметри, постои цел спектар од вредности кои може да ги имаат, односно, од нулти па се’ до максимални можни компетентност, интегритет и добронамерност. И нека претпоставиме дека за секој креатор на јавно мислење, од било која земја на светот, можеме да ги измериме овие три параметри и да ги нормализираме со максималните можни вредности. Тогаш, за секој креатор, би добиле конкретни бројки (кои се движат од 0 до 1) и би се викале релативна компетентност, релативен интегритет и релативна добронамерност.

Веродостојноста на даден креатор би се пресметала како производ од неговата релативна компетентност, релативниот интегритет и релативната добронамерност. Така, би се добила бројка помеѓу 0 и 1 (или од 0 до 100%).

Ако ги имаме овие бројки за сите можни креатори во дадено општество, тогаш можеме да ги одредиме т.н. дистрибуции на креатори на јавно мислење според веродостојност. Такви хипотетички криви се прикажани на графикот долу.

Може да се забележи дека графикот содржи 5 различни хипотетички дистрибуции што соодветствуваат на 5 категории на општества:

  • Многу сиромашни, многу заостанати општества. Во овие општества, луѓето се на работ на егзистенцијата, имаат многу низок степен на образованост и си негуваат тешки заблуди во своите мозоци.
  • Сиромашни, заостанати општества. Во овие општества, има изразени контрасти — голема сиромаштија, но има и прилично широк слој луѓе кои не се на егзистенцијалниот раб. Релативно низок степен на образованост и релативно многу заблуди.
  • Општества со средно ниво на сиромаштија и средно ниво на цивилизираност.
  • Несиромашни, пристојно освестени општества. Ова се општества чии економии обезбедуваат релативно добра егзистенција за поголемиот број граѓани, имаат добро образование и воопшто релативно високо цивилизациско ниво.
  • Богати, високо свесни општества. Нивните економии создаваат вишок вредности и солидни услови за живот на сите граѓани, имаат одлично образование и висока цивилизациска свест.

Како примери се земени случај на сиромашно, заостанато општество и случај на несиромашно, пристојно освестено општество. Претпоставено е дека во заостанатото општество 50% од креаторите на јавно мислење имаат веродостојност помала од 20%. Во незаостанатото општество ситуацијата е обратна, односно, 50% од креаторите на јавно мислење имаат веродостојност поголема од 80%.

Поимот веродостојност е суштински различен од поимот доверба (анг. trust). Довербата е субјективна мерка, а веродостојноста објективна. Ако имате целосна доверба во одреден креатор на јавно мислење (на пример — експерт кој редовно дава изјави на вашиот омилен ТВ канал), тоа не подразбира дека неговата веродостојност е 100%. Напротив, неговата веродостојност може да е 20%. Ако сте имале целосна доверба во него, тоа значи дека сте згрешиле кога сте му поверувале во 80% од случаите.

Што мислите, како влијае веродостојноста на креаторите на јавното мислење врз политичките, демократските, економските процеси, и воопшто, врз квалитетот на живот на граѓаните?

И, што мислите, која крива на графикот најмногу соодветствува на нашето чудесно општество?

P.S. За тоа како македонските креатори на јавно мислење ги пресликуваат релевантните факти во јавна перцепција, прочитајте овде.

--

--