Легитимирање на лидери: мозочна перспектива

Massimaux
4 min readJun 3, 2015

--

Легитимирање на политички лидери значи нивно поддржување/одобрување (и не само на избори!) и е многу важно прашање за секој граѓанин. Затоа што од лидерите зависи во кој правец и со која брзина ќе се движат општествените процеси. Дали кон брз/спор развој, брзо/споро дегенерирање или стагнација.

Тогаш, следното прашање е — кои се најважните фактори што влијаат на одлуката на поединецот кои и какви политичари да легитимира? Еве ги тезите.

Прво, за да поддржиш одреден политичар за лидер, потребно е да веруваш дека тој/таа поседува компетентност, интегритет и добронамерност за функцијата за којашто бара легитимитет. Во твоите очи (читај: мозок), тој човек треба да биде веродостоен. Значи, по дефиниција, веродостојност е пресек од компетентност, интегритет и добронамерност [5]. Е, сега, да видиме како луѓето одлучуваат колку и на кој политичар да му веруваат.

Од работата на Нобеловиот лауреат, Daniel Kahneman, се знае дека секој човек размислува на две нивоа — Систем 1 (брзо мислење) и Систем 2 (споро мислење) [1]. Систем 1 е автоматско мислење и претставува еволуциски дифолт затоа што е енергетски ефикасно, т.е. троши многу малце шеќер. Систем 1 го користиме 80–90% од времето. Автоматското (механичко) мислење е океј за голем број познати и рутински работи и ситуации. Се базира на интуиција, асоцијации и емоции. Нооо… Да го користиш Систем 1 за легитимирање на политички лидери е многу, многу лошо! Познато е дека кога се под силни негативни емоции, луѓето не размислуваат логички туку нивните реакции се автоматски, инстинктивни [2]. Башка, целта на политичарите е точно преку пропагандистичките медиуми систематски да ги конфигурираат нашите предрасуди, асоцијации, рефлекси, емоции како што ним им одговара (т.е. перење на мозок).

Ако сепак го вклучиш Систем 2, тоа значи дека влегуваш во мод на висока концентрација и ангажирање на делот од мозокот кој троши многу шеќер. Мислењето со Систем 2 е непријатно бидејќи одржувањето на концентрација е напорна работа, ама тоа е единствениот начин да осигураме дека сме разумни. За да изврши некакви логички операции, на Систем 2 му се потребни податоци. Податоците, со коишто оперира мозокот, може да се заблуди, знаење или податоци со неодредена точност. Колку повеќе заблуди и колку помалку знаење — толку полоши перформанси на Систем 2, а со тоа и поголеми шанси да легитимираме неверодостоен политичар. Максимизација на точноста на податоците се постигнува со квалитетно образование базирано на наука [9], информирање преку објективни, непристрасни медиуми [10] и формирање и насочување на јавното мислење од страна на критична маса од свесна и совесна критичка јавност.

Дури и да носиме одлуки со Систем 2, многу битно е кои ни се барањата/очекувањата од лидерите. Ако се секираме само за својот ценет задник и we don’t give a damn за интересите и потребите на сите сограѓани, тогаш сме себични и шансите да легитимираме лош политичар се големи [6]. Ако освен сопствениот интерес, важна ни е и благосостојбата на сите луѓе од општата заедница, има помали шанси да легитимираме битанга.

На дијаграмот е прикажан целиот спектар од можности.

Во долниот лев агол е рајот на планетата земја, т.е. оние земји во кои граѓаните носат важни одлуки со Систем 2. Таму луѓето се добро образовани, слабо религиозни, се информираат преку непристрасни медиуми, живеат квалитетно и благосостојбата на сите сограѓани им е високо приоритетна [3], [4], [7], [8], [9], [10].

Во горниот десен агол е пеколот на земјата. Таму луѓето носат важни одлуки интуитивно и емотивно, слабо се образовани, живеат под прекумерен стрес (војни, глад, болести), многу се религиозни, дезинформирани се од пристрасни медиуми, и благосостојбата на сите сограѓани им е задња секирација [3], [4], [7], [8], [9], [10].

Заклучок:

За да може еден граѓанин точно да ја процени веродостојноста на еден политичар, тој граѓанин треба да ги поседува следните квалитети:

  • Да биде доволно интелигентен и да носи важни одлуки со Систем 2, т.е. неизбрзано и аналитички;
  • Да оперира со точни податоци за релевантните општествени состојби, а особено за дотичниот политичар, неговите компетенции, карактер и минато;
  • Да очекува и бара од политичарот да се грижи за благосостојбата на сите граѓани.

Всушност, постои еден поим што ги обединува овие квалитети. Се вика морална интелигенција [11].

Па, што мислите, како стои нашето општество со просечната морална интелигенција?

Референци:

[1] Систем 1 (брзо мислење) и Систем 2 (споро мислење) објаснети со едноставни зборови овде: http://www.nytimes.com/2011/11/27/books/review/thinking-fast-and-slow-by-daniel-kahneman-book-review.html

[2] Oд неуронауката е познато дека стресот е непријател на Систем 2, т.е. на логичкото и аналитичкото размислување: https://youtu.be/XeJSXfXep4M?t=1327

[3] Даниел Канеман докажал емпириски дека економската несигурност предизвикува стрес, анксиозност и депресија кај луѓето (овде: http://www.pnas.org/content/107/38/16489.full.pdf)

[4] Еве ја ранг листата на земји според приход: http://hdr.undp.org/en/content/income-index

[5] Поимот за веродостојност на долго и на широко објаснет овде: https://www.ocf.berkeley.edu/~reetaban/triple%20helix/trust%20and%20decision%20making.pdf

[6] Негрижата на луѓето за благосостојбата на сите граѓани (т.е. себичноста) води до продлабочување на нееднаквоста. На следниот сајт, покрај најважните индикатори за развој на секоја држава во светот, може да се види и рангирањето на земјите според степенот на нееднаквост: http://hdr.undp.org/en/indicators/135006

[7] Неверодостојните политички лидери се извор и понор на корупцијата. Ранг листа според степен на корупција: https://www.transparency.org/news/feature/corruption_perceptions_index_2017

[8] Убедливо најголемиот извор на заблуди кој страшно го блокира рационалното размислување (Систем 2) е религиозноста. Овој труд емпириски покажува дека во земји каде што религиозноста е голема, научниот развој е слаб: https://www.princeton.edu/~rbenabou/papers/Religion%20December%201g_snd.pdf

[9] Степенот на образованост е силно корелиран со целокупниот развој и благосостојба на едно општество. Еве ги земјите поредени според степенот на образованост: http://hdr.undp.org/en/content/education-index

[10] Степенот на слобода на медиумите преку кои граѓаните се информираат за сите важни настани има огромно влијание врз степенот на точност на податоците со кои располага секој поединец. Еве ја ранг листата за цел свет: http://index.rsf.org

[11] Поимот на морална интелигенција: http://en.wikipedia.org/wiki/Moral_intelligence

--

--