Коронавирусот: Чеканот и танцот

Maja Gjorgjioska
Tomas Pueyo
Published in
28 min readMar 27, 2020

Како би можеле да изгледаат следните 18 месеци, доколку лидерите ни дадат време

Оригинален автор: Tomas Pueyo, линк до оригиналот на англиски
Превод: Маја Ѓорѓиоска
Контакт за печатни грешки и забелешки: https://herefrom95.wordpress.com/contact/

Оваа статија ја следи статијата Коронавирус: зошто мора веднаш да се реагира, со над 40 милиони прегледи и над 30 преводи.

Накратко за статијата: Со преземање на строги мерки за коронавирусот денес, кои траат само неколку недели, не би требало да има висок степен на инфекции подоцна, притоа, сите мерки би можеле да се применат со разумно влијание врз средината, а со тоа би се спасиле и милиони животи. Доколку не се применат тие мерки, десетици милиони ќе се заразат, многу ќе починат, заедно со останатите пациенти на кои им е потребна интензивна нега, затоа што здравствениот систем ќе колабира.

За една недела, земјите низ светот преминаа од мислењето дека „овој коронавирус не е ништо страшно“ до објавување на вонредни состојби. Но сепак, голем број на земји се уште не преземаат сериозни мерки. Зошто?

Секоја земја го поставува истото прашање: Како треба да реагираме? Одговорот не им е очигледен.

Некои земји, како Франција, Шпанија или Филипините, се под строги рестрикции. Други, како САД, Велика Британија или Швајцарија, го губат времето и нерешително воведуваат мерки за социјално дистанцирање.

Еве за што ќе зборуваме денес, повторно со многу графикони, информации и модели со многу извори:

  1. Која е моменталната ситуација?
  2. Кои ни се опциите?
  3. Што е едниственото нешто што сега е важно: времето
  4. Како изгледа добра стратегија за справување со коронавирусот?
  5. Како треба да размислуваме за влијанието врз економијата и општеството?

Кога ќе завршите со читање, ќе ги сфатите следните нешта:

Здравствениот систем веќе се преоптоварува.
Земјите низ светот имаат две опции: или сега ќе воведат строги мерки за да се справат со вирусот или ќе живеат со последиците од масивната епидемија.
Доколку ја изберат епидемијата, стотици илјади ќе изумрат. Во некои земји и милиони.
А тоа нема да ги спречи следните бранови на инфицирање.
Доколку сега се бориме, ќе ги спречиме смртните случаи.
Ќе го ослободиме здравствениот систем.
Подобро ќе се подготвиме.
Ќе научиме.
Светот никогаш не учел брзо, за било што.
А баш тоа ни е потребно, затоа што немаме многу информации околу овој вирус.
Со сите овие мерки ќе добиеме нешто многу важно: повеќе време.

Доколку избереме да се бориме, борбата ќе биде ненадејна, а потоа постепена.
Ќе бидеме затворени само неколку недели, а не со месеци.
Потоа, ќе добиваме се повеќе и повеќе права и слободи.
Можеби нема да се вратиме на нормалата веднаш.
Но постепено и повремено, ќе стигнеме до тој степен.
И сево ова ќе го направиме додека внимаваме и на економијата.

Да започнеме.

1. Која е моменталната ситуација?

Минатата недела, ви ја покажав оваа крива:

Тука беа прикажани случаите со коронавирус низ светот, надвор од Кина. Можевме да ги забележиме само Италија, Иран и Јужна Кореја. Морав да зумирам на долниот десен агол за да ги забележиме останатите земји. Поентата на тоа беше да ви кажам дека тие земји за брзо ќе стигнат до претходните три.

Да видеме што се случи од тогаш.

Како и што претпоставивме, бројот на случаи се искачи во голем број на земји. Овде ги прикажав само земјите кои имаа над 1000 случаи. Да забележеме неколку нешта:

  • Шпанија, Германија, Франција и САД имаат повеќе случаи од Италија кога земјата се затвори.
  • Дополнителни 16 земји денес имаат повеќе случаи во споредба со бројот на случаи во Хубеи кога провинцијата ја затворија: Јапонија, Малезија, Канада, Португалија, Австралија, Чешка, Бразил и Катар имаат повеќе случаи од Хубеи, но сепак се под 1000. Швајцарија, Шведска, Норвешка, Австрија, Белгија, Холандија и Данска имаат над 1000 случаи.

Дали забележувате нешто чудно со оваа листа на земји? Покрај Кина и Иран, каде имаше голема епидемија како и Бразил и Малезија, сите останати земји во листата се во најбогатите земји на светот.

Дали мислите дека вирусот ги намерил богатите земји? Или поверојатно е дека полесно е да се идентификува вирусот во богатите земји?

Мала е веројатноста посиромашните земји да имаат мал број на случаи. Топлото и влажно време веројатно помага, но не ја спречува и самата епидемија — во таков случај, Сингапур, Малезија или Бразил воопшто не би имале епидемии.

Најверојатно сценарио е дека коронавирусот подоцна пристигнал до тие земји затоа што не се толку поврзани со светот или дека стигнал многу порано, но овие земји не можеле доволно да инвестираат во тестови за да го откријат вирусот.

Како и да е, ако ова е вистина, ова значи дека нема бегање од вирусот. За кратко време во секоја земја ќе има епидемија и ќе мора да се преземат мерки.

Кои мерки можат да ги преземат овие земји?

2. Кои ни се опциите?

Од последната статија до сега, разговорот се смени и многу земји презедоа мерки. Еве некои од најилустративните примери:

Мерките во Шпанија и Франција

Во една екстремна насока, ги имаме Шпанија и Франција. Ова е времепловот на мерките во Шпанија:

Четвртокот, 12ти март, претседателот ги отфрли ппораките дека шпанските власти ја потценуваале заканата кон здравјето.
Петокот, прогласија вонредна состојба.
Саботата ги презедоа следните мерки:

  • Луѓето не смеат да излегуваат од дома освен за основни причини: намирници, работа, аптека, болница, банка или осигурителна компанија (со одлична причина).
  • Конкретна забрана да не се изнесуваат децата надвор на прошетка или во посета на пријатели или роднини (исклучок се луѓето на кои им е потребна грижа и помош, но со одредени мерки на физичка оддалеченост и хигиена).
  • Сите барови и ресторани се затворени. Остануваат отворени само локалите со достава.
  • Сите локации за разонода се затворени: спортски центри, кина, музеи, прослави… Свадбите се без гости. Погребите може да имаат мал број на посетители.
  • Јавниот превоз продолжува да функционира.

Понеделникот, сите копнени гранични премини се затворија.

Некои луѓе мислат дека ова се одлични мерки. Други пак, се бунат и се очајни. Ова е разликата што ќе се усогласи во оваа статија.

Во Франција, времепловот и мерките се слични, единствена разлика е што тиеподоцна ги воведоа истите мерки, па затоа сега се поагресивни. На пример, кириите, даноците и сметките се запрени за малите бизниси.

Мерките во САД и во Велика Британија

САД и Велика Британија, како и земјите како Швајцарија, го губеа времето и не ги спроведоа мерките на време. Еве го времепловот за САД:

  • Среда, 11ти март: забрана за патување.
  • Петок: Прогласена е воредна состојба. Нема мерки за социјално дистанцирање.
  • Понеделник: Власта препорачува да се избегнуваат ресторани и барови и присуство на настани каде има повеќе од 10 луѓе. Ни една од мерките за социјално дистанцирање не може да се примени. Се е само препорака.

Голем број на држави и градови сами покренаа иницијативи и воведоа многу построги мерки.

Во Велика Британија беше слично: многу препораки, но многу малку наредби.

Овие две групи на земји ги илустрираат двете екстремни пристапувања кон борбата против коронавирусот: ублажување на ситуацијата и спречување на ширењето. Сега ќе откриеме што значат.

Опција 1: Ништо не се прави

Пред да го направиме ова, прво ќе разгледаме што би значело да не се прави ништо за земја како САД:

Ова е одличен калкулатор за епидемии кој може да ви помогне да сфатите што ќе се случи со различни сценарија. Под графиконот ги внесов главните фактори кои влијаат врз однесувањето на вирусот. Забележете дека заразените, во розово, на одреден датум го достигнуваат врвот. Најголем дел од варијабилните се сочувани од оригиналот. Единствените големи разлики се R од 2.2 до 2.4 (одговара на моменталните достапни инфрмации. Видете на дното од калкулаторот), стапката на фаталност (4% поради колапс на здравствениот систем. Деталите се подолу или во претходната статија), времетраењето на престојот во болница (од 20 намален на 10 дена) и стапка на хоспитализирање (намален од 20% на 14%, според тешките и критичните случаи. Според СЗО, ова е 20%), според најновите достапни информации. Овие броеви немаат голем ефект врз резилтатите. Единствената промена се забележува кај стапката на фаталност.

Доколку не правиме ништо: сите ќе се заразат, здравствениот систем ќе се преоптовари, смртната стапка ќе експлодира и ќе загинат околу 10 милиони (броевите во сино). Грубата пресметка би била: доколку околу 75% од американците се заразат и 4% загинат, тоа е 10 милиони смртни случаи, или околу 25 пати повеќе од бројот на смртни случаи во САД за време на втората светска војна.

Можеби си помисливте „Тоа е голем број. Немам слушнато до сега толку висок број!“

Што се случува? Со сите овие бројки, лесно е да се збуниме. Но само два броеви ни се важни: бројот на луѓе што ќе се заразат и разболат и бројот од нив што ќе загине. Ако само 25% се болни (бидејќо останатите го имаат вирусот, но немаат симптоми, па не се сметаат како случаи), и стапката на фаталност е 0.6% наместо 4%, добиваме 500,000 смртни случаи во САД.

Доколку не правиме ништо, бројот на смртни случаи од коронавирусот најверојатно ќе биде некаде помеѓу тие два разултати. Границата помеѓу двете екстремни цифри најмногу зависи од стапката на фаталност, па важно е подобро да се сфати истата. Што е вистинската причина за смртните случаи од коронавирусот?

Како треба да размислуваме за стапката на фаталност?

Ова е истиот графикон од претходно, но сега ги гледаме хоспитализираните пациенти, наместо заразените и починатите:

Броевите во светла сина боја е се луѓето што ќе треба да се лекуваат во болница, додека броевите со темно сина боја се луѓето што ќе завршат на интензивна нега. Ќе забележите дека тој број го достигнува врвот над 3 милиони.

Сега да го споредиме бројот на кревети во интензивна нега што го има САД (денес е 50,000, но може да се удвои доколку се пренамени друг простор). Тоа е црвената испрекината линија.

Не, тоа не е грешка.

Црвената испрекината линија е капацитетот на кревети што го имаме во интензивна нега. Сите заболени над тој број ќе бидат во критична состојба, но нема да го добијат потребното лекување и потребната нега и најверојатно ќе починат.

Наместо кревети во интензивна нега, можеме да го заменеме тој број со бројот на апарати за дишење, но резултатот е отприлика ист, затоа што има помалку од 100,000 апарати за дишење во САД.

Ова е причината зошто толку голем број на луѓе умреа во Хубеи, а сега умираат во Италија и Иран. Стапката на фаталност во Хубеи имаше подобар резултат отколку што требаше затоа што изградија 2 дополнителни болници во речиси една ноќ. Но Италија и Иран ја немаат таа можност — всушност, многу мал број на земји можат да го изведат истото. Па ќе видиме што ќе се случи таму.

Тогаш зошто е стапката на смртност толку блиску до 4%?

Доколу 5% од вкупниот број на случаи треба да оди на интензивна нега, а вие немате простор, голем дел од тие луѓе ќе умрат. Толку е едноставно.

Понатаму, според најновите информации, случаите во САД се покритични отколку во Кина.

Посакувам тоа да беше се, но не е.

Колатерална штета

Овие броеви ни ги покажуваат луѓето кои ќе умрат од коронавирус. Но што ќе се случи доколку целиот здравствен систем колабира од заразените пациенти? И други ќе умрат поради други болести.

Што ќе се случи доколку имате срцев удар, но на возилото од брза помош му е потребно 50 минути за да пристигне до кај вас, наместо 8 (поради преголем број на заразени со коронавирус), а потоа кога ќе пристигните, нема место на интензивна нега ниту па слободен доктор? Ќе умрите.

Секоја година во САД има околу 4 милиони пациенти на интензивна нега, а околу 500,000 од нив (околу 13%) умираат. Доколку нема доволно кревети во тој оддел, процентот ќе се зголеми на околу 80%. Дури и да умираат само 50%, за време на епидемија која трае цела година, стапката од 500,000 би се искачила на 2 милиони, значи се додава 1,5 милиони само со колатерална штета.

Доколку коронавирусот се остави да се прошири, здравствениот систем во САД ќе колабира, а смртните случаи ќе достигнат цифра во милиони, а можеби и над 10 милиони.

Истото ќе се случи и во другите земји. Бројот на кревети на интензивна нега, како и апарати за дишење и здравствени работници е сличен на САД, па и понизок. Неконтролираното ширење на коронавирусот значи дека здравствениот систем ќе колабира, а тоа значи масовна смрт.

Неконтролираното ширење на коронавирусот значи дека здравствениот систем ќе колабира, а тоа значи масовна смрт.

До сега, се надевам дека ви е доволно јасно дека мора да се преземат мерки. Другите две опции кои ни остануваат се ублажување на ситуацијата и спречивање на ширењето. Двете од нив предлагаат да се израмни кривата, но на различни начини.

Опција 2: Стратегија за ублажување на ситуацијата

Ублажувањето оди на следниов начин: „Веќе е невозможно да се спречи коронавирусот, па да го оставиме да се прошири низ земјата, додека се обидуваме да го намалиме врвот на бројот на заразени. Да ја израмниме кривата само малку, за здравствениот систем полесно да се справи.“

Овој графикон се појавува во многу важно истражување кое го објави Империјалниот колеџ во Лондон. Навидум ова е причината зошто владите во Велика Британија и САД ја сменија насоката.

Ова е многу сличен графикон на претходниот. Не е истот, но концептот е еквивалентен. Овде, ситуацијата „да не правиме ништо“ се броевите со црна боја. Секоја од останатите криви се ситуации што ќе се случат доколку се спроведат се построги и постоги мерки за социјално дистанцирање. Броевите во сино ги покажуваат најстрогите мерки за социјално дистанцирање: изолирање на заразените, луѓето кои можеби се заразени се во карантин, а постарите лица се изолирани. Оваа сина линија е моменталната стратегија за коронавирусот во Велика Британија, иако моментално само ги препорачуваат мерките, а не ги наредуваат.

Овде, црвената линија повторно го означува капацитетот во интензивна нега, но сега во Велика Британија. И линијата е повторно блиску до долниот дел. Сиот простор од кривата над црвената линија се заболените од вирусот кои најверојатно ќе умрат поради недоволниот капацитет.

Понатаму, со израмнувањето на кривата, одделот за интензивна нега ќе биде колабиран неколку месеци, со што ќе се зголеми колатералната штета.

Можеби сте шокирани. Кога ќе слушнете „мерки за ублажување на ситуацијата“ всушност велат „намерно ќе го преоптовариме здравствениот систем, а со тоа ќе ја зголемиме стапката на фаталност минимум за 10 пати.“

Си мислите дека ова е доволно лошо. Но ова не е се. Затоа што една од главните претпоставки за оваа стратегија се нарекува „колективен имунитет“.

Колективниот имунитет и мутирањето на вирусот

Идејата тука е дека сите луѓе кои ќе се заразат и потоа ќе оздрават ќе бидат имуни на вирусот. Тоа е суштиината на оваа стратегија “Видете, знам дека некој период ќе биде потешко, но откако ќе заврши и ќе изумрат неколку милиони, останатите што ќе преживееме ќе бидеме имуни, па вирусот ќе престани со ширење и конечно ќе се збогуваме со коронавирусот. Подобро е се да се заврши веднаш, затоа што другата алтернатива е мерки за социјално дистанцирање со времетраење дури и од цела година, а и така повторно се ризикува да се искачи бројот на заразени и подоцна.“

Но со ова се претпоставува следното: вирусот не се променува многу. Доколку не се променува многу, тогаш така е, голем број на луѓе ќе бидат имуни и во еден момент ќе заврши епидемијата.

Колкава е веројатноста вирусот да мутира?
Најверојатно веќе мутирал.

Овој графикон ги претставува различните мутации на вирусот. Можете да забележите дека првите случаи започнаа во Кина, а потоа се проширија. Секој пат кога ќе видете разгранување од левата страна на графиконот, тоа е мутација што води кон малку поразлична варијанта на вирусот.

Ова не треба да не изненадува: Вирусите базирани врз РНК како коронавирусот или настинката најчесто мутираат 100 пати побрзо отколку вирусите базирани врз ДНК — сепак коронавирусот мутира побавно од вирусите на грип.

Понатаму, најдобриот начин за вирусот да мутира е да има милиони можности за мутирање, а тоа се овозможува со мерките за ублажување: стотици милиони заразени.

Затоа мора да се прима вакцината за грип секоја година. Затоа што грипот има толку многу мутации, а и постојано еволвира, самата вакцина не може да ве заштити од сите видови.

Со други зборови: стратегијата за ублажување не само што претпоставува дека ќе има милиони смртни случаи во земји како САД или Велика Британија, туку и се надева дека коронавирусот нема премногу да мутира — а веќе знаеме дека мутира.

Со ова дополнително ќе се овозможат шансите да мутира. Значи, откако ќе се подготвиме за неколку милиони смртни случаи, треба да се подготвиме за уште неколку милиони — секоја година. Овој коронавирус може да стане дел од секојдневниот живот — како грипот, но многу пофатален.

Најдобриот начин за вирусот да мутира е да има милиони можности за мутирање, а тоа се овозможува со мерките за ублажување: стотици милиони заразени.

Значи доколку нема добри резултати ако не се прави ништо, ниту пак со мерки за ублажување на ситуацијата, што е алтернативата? Се вика спречување на ширењето.

Опција 3: Спречување на ширењето

Со стратегијата за ублажување, не се обидуваме да ја ограничиме епидемијата, туку само малку да ја исправиме кривата. Додека со стратегијата за спречување на ширењето се воведуваат многу строги мерки набрзина, за епидемијата да се контролира. Конкретно:

  • Започнете строго веднаш. Наредете строги мерки за социјално дистанцирање. Воспоставете контрола врз целата ситуација.
  • Потоа, постепено опуштајте ги мерките, за луѓето постепено да добиваат повеќе слобода и да се вратат на нормалниот социјален и економски живот.

Како изгледа тоа?

Сите параметри во моделов се исти, само има мала интервенција „околу сега“ во намалувањето на стапката на пренесување на R=0.62, а затоа што здравствениот систем не колабирал, стапката на фаталност се намалува на 0.6%. Го дефинирав „околу сега“ како околу 32,000 случаи кога се воведуваат мерките (3 пати повеќе од официјалните броеви моментално). Да напоменам дека ова нема голем ефект врз избраниот R. Со R=0.98, на пример имаме 15,000 смртни случаи. Пет пати повеќе отколку со R=0.62, но сепак се десетици илјади смртни случаи, а не милиони. Исто така нема ефект врз стапката на фаталност: доколку е 0.7% наместо 0.6%, стапката на смртност се искачува од 15,000 на 17,000. Всушност, комбинацијата на повисока R, повисока стапка на фаталност, како и воведување на мерки подоцна резултираат во голем број на фаталности. Затоа мора веднаш да се воведат мерки што ќе ја намалат вредноста на R. За појаснување: популарното R0 е R на почетокот (т.е. R за време 0). Тоа е стапката на пренесување кога се уште нема имуни на вирусот и нема воведени мерки. Додека R е просечната вкупна стапка на пренесување.

Со стратегија за спречување на ширењето, откако ќе заврши првиот бран, има илјадници смртни случаи, а не милиони.

Зошто? Затоа што не само што се прекинува експоненцијалниот раст на бројот на случаи, туку и се прекинува стапката на фаталност, затоа што здравствениот систем не е преоптоварен. Овде, користев стапка на фаталност со вредност од 0.9%, слично на она што моментално се случува во Северна Кореја, земја каде спроведувањето на овие мерки е најефикасно до сега.

Доколку се претстави вака, многу е едноставно. Секој треба да ја следи оваа опција.

Но зошто се двоумат некои власти?

Се плашат од три нешта:

  1. Првичните затворања и ограничувања ќе траат со месеци, што е неприфатливо за многу луѓе.
  2. Доколку се е затворено со месеци економијата ќе биде уништена.
  3. Проблемот нема ни да се реши затоа што епидемијата само се задоцнува: подоцна, откако ќе се опуштат мерките за социјално дистанцирање, повторно ќе се заразат и ќе изумрат милиони.

Еве каков беше моделот за спречување на ширењето од Империјалнот колеџ. Линиите со зелена и жолта боја се различните сценарија за оваа опција. Можеме да забележеме дека не изгледаат добро: поворно има остри врвови, па зошто воопшто да се воведуваат такви мерки?

Наскоро ќе ги одговориме и тие прашања, но сега имаме нешто поважно.

Поентата е целосно промашена.

Доколку вака е претставено, двете опции, ублажување на ситуацијата и спречување на ширењето, една до друга, не изгледаат многу привлечно. Или ќе изумрат многу луѓе сега и нема да и се наштети на економијата или ќе и се наштети на економијата а смртните случаи ќе се одложат за подоцна.

Ова целосно го игнорира важниот фактор на времето.

3. Важноста на времето

Во претходната статија, објаснивме колку е важно времето во спасувањето на животи. Секој ден, секој час што се чекаше за да се воведат мерки, оваа експоненцијална закана продолжи да се шири. Видовме и како само еден ден може да го намали вкупниот број на случаи за 40%, а стапката на смртност уште повеќе.

Но времето е поважно и од тоа.

За кратко ќе го видиме наголемиот бран на притисок врз здравствениот систем во целата историја. Воопшто не сме подготвени и се соочуваме со непознат пријател. Ова не е добра позиција за војна.

Што ако, треба да се соочите со најголемиот непријател, за кој имате многу малку информации, а притоа имате само две опции: или ќе трчате директно кон него или ќе избегате за да имате повеќе време за да се подготвите. Што ќе изберете?

Ова треба да се направи денес. Светот се разбуди. Со секој ден што се одложува коронавирусот, се повеќе сме подготвени. Во следниот дел во детали ќе разгледаме што се ќе ни овозможи времето:

Намалување на бројот на случаи

Со ефикасно спречување на ширењето, бројот на вистински случаи преку ноќ ќе се намали, како што се случи во Хубеи минатата недела.

Од денес (19 март), има точно 0 нови дневни случаи на коронавирус во огромниот 60 милионски регион во Хубеи.

Дијагнозите би се искачувале неколку недели, но потоа ќе се намалат. А со помалку случаи се намалува и стапката на фаталност. И колатералната штета ќе се намали: помалку луѓе ќе загинат од причини кои не се поврзани со коронавирусот затоа што здравствениот систем не е преоптоварен.

Спречување на ширењето ќе ни донеси:

  • Помал вкупен број на случаи на коронавирус
  • Моментално олеснување за здравствениот систем и работниците во него
  • Намалување на стапката на фаталност
  • Намалување на колатералната штета
  • Можност за заразените, изолираните и здравствените работници во карантин да се вратат на работа. Во Италија, здравствените работници се 8% од сите заболени.

Сфаќање вистинскиот проблем: тестирањето и следењето

Моментално, во Велика Британија и САД, не се знае точниот број на вистински случаи. Не знаеме колкав е бројот. Само знаеме дека официјалниот број не е точен, додека вистинскиот е некаде околу десетици илјади. Ова се случи затоа што не ги тестиравме доволен број на луѓе, ниту па ги следевме нивните контакти.

  • За неколку недели, ќе ја средиме ситуацијата со тестирањето и ќе се тестираат сите. Со тие информации, конечно ќе го дознаеме точниот степен на проблемот, каде треба да бидеме поагресивни, како и кои региони се сигурни и мерките можат да се опуштат.
  • Нови методи за тестирање би го забрзале тестирањето и значително би ги намалиле цените.
  • Исто така, би вовеле и мерки за следење слични на оние во Кина или во другите земји во источна Азија, каде ги идентифицираат сите луѓе кои биле во контакт со заразена личност и би ги изолирале. Со ова ќе се добијат многу повеќе информации и за мерките за социјално дистанцирање: знаеме точно каде е вирусот и можеме да се фокусираме само на тие места. Не е нуклеарна физика: ова е начинот на кој земјите во источна Азија ја контролираа епидемијата без драконски мерки за социјално дистанцирање, што е потребно во многу други земји.

Мерките од овој дел (тестирање и следење) самостојно го спречија зголемувањето на бројот на случаи во Јужна Кореја и ја ставија епидемијата под контрола, без строги наредби за социјално дистанцирање.

Зголемување на капацитетот

САД (а најверојатно и Велика Британија) ќе започнат војна без оклоп.

Имаме доволно маски за само две недели, недоволно опрема за заштита, мал број на апрати за дишење, мал број на кревети во интензивна нега… Ова е причината зошто стапката на фаталност би била толку висока со стратегијата за ублажување.

Но, доколку имаме повеќе време, можат да се сменат резултатите:

  • Ќе имаме повеќе време да ја купиме потребната опрема што ќе ни треба за во иднина.
  • Ќе се зголеми израбоката на маски, опрема за заштита, апрати за дишење и сите други потребни уреди за да се намали стапката на фаталност.

Со други зборови, не ни се потребни години за да го направиме оклопот, туку само неколку недели. Да направиме се што е потребно за производството сега. Земјите се мобилизирани. Луѓето се инвентивни, со примерот на користење на 3Д печатач за печатење на делови од апаратите за дишење. Можеме. Само ни треба повеќе време. Дали би почекале неколку недели за да набавите оклоп пред да се соочите со смртен непријател?

Но, ова не се едниствените капацитети кои ни се потребни. Потребни ни се и здравствени работници. Каде да ги најдеме? Треба да обучиме луѓе да им помагаат на медицинските сестри, а ќе треба и да излезат од пензија здравствените работници. Овој процес е започнат во многу земји, но потребно е време. Може да се постигне за неколку недели, но нема доколку се колабира.

Намалување на заразата во јавноста

Јавноста е исплашена. Коронавирусот е нов. Има многу нешта што не ни се познати. Луѓето се уште не се одвикнати од ракување. Се уште се гушкаат. Не ги отвораат вратите со лактите. Не ги мијат рацете секој пат кога ќе допрат квака од врата. Не ги дезинфицираат масите пред да седнат околу нив.

Но, кога ќе имаме доволно маски, ќе можеме да ги користиме и надвор од здравствениот систем. Моментално, најпотребни се за здравствените работници. Но ако ги имаше во доволен број, луѓето би ги носеле и во секојдневниот живот, со што се намалуваат шансите да заразат и други ако веќе се заболени, а со тренирање, ќе се намали и веројатноста дека и тие што ги носат маските ќе се заразат (во меѓувреме, подобро е нешто отколку ништо).

Ова се неколку евтини начини да се намали стапката на пренесување. Колку помалку се шири вирусот, толку помалку мерки ќе бидат потребни за да се контролира. Но ќе мора да ги образоваме луѓето и да ги опремиме за овие мерки.

Разбирање на вирусот

Многу малку знаеме за вирусот. Но секоја недела се објавуваат стотици нови истражувања.

Светот конечно се обедини пред заеднички непријател. Истражувачите низ целиот свет се мобилизираа за подобро да го сфатат овој вирус.

Како се шири вирусот?
Дали може да се забави ширењето?
Колкав е процентот на заболени без симптоми?
Дали се заразни тие пациенти? Колку?
Кои се добри лекови и третмани?
Колку време може да преживее?
На кои површини?
Како влијаат различните мерки за социјално дистанцирање врз стапките на пренесување?
Која е нивната цена?
Кои се најдобрите начини за следење?
Колку се добри нашите тестови?

Точни одговори на овие прашање ќе ни помогнат подобро да се фокусираме во борбата додека се намалува колатералната економска и општествена штета. Тие ќе стигнат за неколку недели, а не за неколку години.

Откривање на лекарства

И не само тоа, што ако откриеме лекови во наредните неколку недели? Секој ден што го имаме плус, не води поблиску до таа цел. Моментално има неколку кандидати, како Фавипиравир, Хлороквин или Хлороквин во комбинација со Азитромицин. Што ако за два месеци откриеме лек за коронавирусот? Колку смешно ќе изгледаме доколку веќе изумреле милиони поради стратегиите за ублажување?

Разбирање на трошоците

Со сите горенаведени фактори ќе се спасат милиони животи. Тоа треба да е доволно. За жал, политичарите не можат да мислат само на животите на заразените. Мора да мислат и на населението и на влијанието на строгите мерки за социјално дистанцирање врз нив.

Моментално не знаеме колку влијаат мерките за социјално дистанцирање врз стапката на пренесување. Исто така не го знаеме нивното влијание врз економските и општествените трошоци.

Не е тешко да се одлучи кои мерки ни се потребни доколку не ги знаеме нивните вредности и предности?

Доколку имаме неколку недели време, би имале доволно време да ги проучиме, да ги разбереме, да направиме приоритети и да одлучиме кои мерки треба да се воведат.

Помал број на случаи, повеќе разбирање околу проблемот, зголемување на бројот на средства, разбирање на вирусот, разбирање на трошоците околу различните мерки, образување на јавноста.. Ова се некои од основите алатки со кои ќе се справиме со вирусот, а потребни ни се само неколку недели за да ги развиеме. Не е малку глупаво да избереме одредена стратегија што на крајот би не довела точно пред мечот на нашиот непријател?

4. Чеканот и танцот

Сега знаеме дека стратегиите за ублажување на ситуацијата најверојатно не се точниот избор и дека стратегиите за спречување на ширењето имаат големи краткотрајни поволности.

Но имаме оправдани грижи околу оваа стратегија:

  • Колку време ќе трае?
  • Која е нејзината цена?
  • Дали ќе има и втор врв што ќе биде со иста големина доколку не направиме ништо?

Овде, ќе разгледаме како би изгледала вистинска стратегија за спречување на ширењето. Се вика чеканот и танцот.

Чеканот

Најпрво, реагираме брзо и агресивно. Заради сите горенаведени причини и затоа што знаеме колку ни е важно времето, сакаме да ја придушиме целата ситуација веднаш.

Едно од најважните прашање е: Колку време ќе трае?

Стравот што е присутен кај сите е дека ќе бидеме затворени во нашите домови неколку месеци со претстојна економска катастрофа и ментални сломови. За жал, оваа идеа беше разгледана во истражувањето од Империјалниот колеџ:

Се сеќавате на овој графикон? Светло синиот дел што се движи од крајот на март до крајот на август е периодот што истражувањето го нарекува чеканот и е почетното спречување на ширењето во кое се вклучени строгите мерки за социјално дистанцирање.

Доколку сте политичар и гледате дека едната опција е да се остават стотици илјади или милиони да умрат со стратегија за ублажување, додека другата опција е да се запре економијата пет месеци, а потоа да се видат истите очекувани броеви на заразени и смртни случаи, ова не се примамливи опции.

Но не мора да значи дека тоа е се. Ова истражување, врз кое се базираат многу политики денес, е критикувано затоа што има основни маани: тука се игнорирани мерките за следење (една од основните мерки во политиките на Јужна Кореја, Кина и Сингапур) и забраните за патување (основна мерка во Кина), и го игнорираат влијанието на големите толпи…

Времето кое е потребно за чеканот се недели, а не месеци.

Во овој графикон се прикажани сите нови случаи во регионот на Хубеи (60 милиони жители) секој ден од 23ти јануари. За само 2 недели, провинцијата веќе почна повторно да оди на работа. За околу 5 недели се беше под контрола. А за само 7 недели, новите случаи беа во мал број. Да запомнеме, ова беше најзаразениот регион во Кина.

Потсетете се повторно на броевите со портокалова боја. Броевите во сиво, вистинскиот број на случаи, многу порано се намали (графикон 9).

Мерките што ги воведе Хубеи беа слични на мерките што се воведени во Италија, Шпанија или Франција: изолации, карантин, луѓето да седат дома освен во итни случаи или при купување на намирници, следење на контактите, тестирање, поголем број на кревети во болниците, забрани за патување.

Но и деталите се важни.

Мерките во Кина беа построги. На пример, луѓето беа ограничени — само една личност од секој дом смееше да го напушти домот на секои три дена за да се купат намирници. А и спроведувањето на истите беше строго. Голема е веројатноста дека оваа строгост ја спречи епидемијата во толку краток период.

Во Италија, Франција и Шпанија, мерките не беа толку драстични, а и спроведувањето не беше толку строго. Луѓето уште се шетаат по улиците, а голем дел не носат и маски. Ова е најверојатно резултатот на побавниот чекан: повеќе време за целосно да се воспостави контрола врз епидемијата.

Некои луѓе ова го сфаќаат како „Демократиите никогаш не би можеле да ги повторат овие стапки на намалување на случаите.“ Но ова е погрешно.

Неколку недели, Јужна Кореја беше со најлошата епидемија надвор од Кина. Но сега е под контрола. А сето тоа го сторија без да им бараат на луѓето да седат дома. Ова го постигнаа со агресивно тестирање, следење на контактите и спроведување на изолациите и карантинот.

Во следната табела може да се забележат мерките кои беа применети во различни земји, како и што им донесоа тие мерки како резултат (ова се уште се случува, па добредојдени се и повратни информации).

Во оваа табела можеме да забележиме кои земји биле подготвени, со повеќе авторитет од страна на епидемиолозите, образување на јавноста околу хигиената и социјалното дистанцирање, како и рана детекција и изолација, со што не биле потребни строги мерки подоцна.

За разлика од нив, земјите како Италија, Шпанија или Франција не ги следеа овие мерки доволно добро, па затоа мораше да го искористат чеканот со строги мерки на дното за да ги стигнат другите.

Недостатокот на мерки во САД и во Велика Британија е во строг контраст, особено во САД. Овие земји се уште не ги воведуваат мерките што им дозволија на Сингапур, Јужна Кореја или Тајван да го контролираат вирусот, иако епидемијата експоненцијално се развиваше. Но за кратко време или ќе имаат масивна епидемија или предоцна ќе ја сфатат нивната грешка, па ќе мора да компензираат со потежок чекан. Од ова нема бегање.

Но може да се направи. Доколку може да се контролира епидемија како онаа во Јужна Кореја за само неколку недели, без мерки за социјално дистанцирање, западните земји, кои веќе го применуваат тешкиот чекан со строги мерки за социјално дистанцирање, дефинитивно можат да воспостават контрола врз епидемијата за неколку недели. Станува збор за дисциплина, изведување, како и колку јавноста се придржува до правилата.

Откако се воведи чеканот и се исконтролира епидемијата, започнува втората фаза: танцот

Танцот

Доколку се удри чеканот врз коронавирусот, за неколку недели ќе се воспостави контрола и справувањето е многу полесно. Потоа следат мерките за контролирање и спречување на ширењето на вирусот додека не се открие вакцина.

Ова е најверојатно најголемата и најважната грешка што ја прават луѓето кога размислуваат во оваа фаза: мислат дека дома ќе седат со месеци. Но не е така. Всушност, нашите животи ќе се вратат блиску до нормалата.

Танцот во успешните земји

Како можеа Јужна Кореја, Сингапур, Тајван и Јапонија да имаат случаи долго време — во случајот со Јужна Кореја и илјадници случаи — а луѓето не се затворени дома?

Во ова видео, министерот за надворешни работи на Јужна Кореја објаснува како тоа го постигна нејзината земја. Многу е едноставно: ефикасно тестирање, ефикасно следење, забрани за патување, ефикасна изолација и ефикасен карантин.

Ова истражување го објаснува пристапот на Сингапур:

Сакате да претпоставите кои се нивните мерки? Истите како Јужна Кореја. Во нивниот случај, економски им помогнаа на луѓето кои беа во карантин со забрани за патување и забавување.

Дали е предоцна за овие земји и за другите? Не. Со користење на чеканот, добиваат нова шанса да ја исправат грешката. Колку повеќе чекаат, толку ќе биде подолг и потежок чеканот, но ќе се исконтролира епидемијата.

Но што кога сите овие мерки сепак не се доволни?

Танцот на R

Неколкумесечниот период помеѓу чеканот и вакцината или ефикасното лекување го нареков танцот затоа што не е период кога мерките секогаш ќе бидат строги. Во некои региони повторни ќе има епидемии, додека во други долго време нема да има ништо. Зависи како се развиваат случаите, ќе треба или да се воведат построги мерки за социјално дистанцирање или да се опуштат истите. Тоа танцот на R: танцот на мерките помеѓу враќањето на животот во нормала и ширењето на болеста, т.е. економијата наспроти здравството.

Како функционира овој танц?

Се се врти околу R. Доколку запамтивте, тоа е стапката на пренесување. Во најраните моменти во една стандардна, неспремна земја, тоа е некаде помеѓу 2 и 3: првите неколку недели откако ќе се зарази некој, истата личност во просек заразува помеѓу 2 или 3 други луѓе.

Доколку R е над 1, бројот на инфицирани расте експоненцијално и се случува епидемија. Доколку е под 1, се намалува.

За време на чеканот, целта е да се доближеме што е можно повеќе со R до нула, што е можно побрзо, за да се придуши епидемијата. Во Вухан, на почетокот пресметале дека стапката на пренесување (R) била 3.9, а откако се се затворило и карантинот бил централизиран, се намалил на 0.32.

Но откако ќе преминеме во танцот, тоа веќе не ни е потребно. Потребно е само стапката на пренесување (R) да остане под 1: многу од мерките за социјално дистанцирање им влијаат на луѓето. Ќе останат без работа, без бизнис, без здрави навики…

Со неколку едноставни мерки можете да останете под R=1.

Ова е приближна вредност како реагираат различните пациенти на вирусот, како и колку можат да заразат други (стапката на пренесување). Никој не ја знае вистинската форма на оваа крива, но собравме информации од различни истражувања за да го претпоставиме изгледот.

Секој ден откако ќе се заразат, луѓето имаат потенцијал да заразат други (период на инкубација). Кога ќе се соберат сите заедно, овие денови на зараза имаат просек на 2.5 заразени луѓе.

Се смета дека луѓето се заразуваат и за време на фазата додека се без симптоми. Потоа, откако ќе се појаваат симптомите, луѓето одат на доктор, добиваат дијагноза, и стапката на пренесување се намалува.

На пример, доколку сте заразени, но немате симптоми, се однесувате најнормално. Кога разговарате со други, ги заразувате и нив. Кога ќе се допрете на носот, а потоа отворите врата, следниот човек што ќе ја отвори истата врата и ќе го допре носот ќе се зарази.

Колку повеќе се развива вирусот во вас, толку повеќе сте заразни. Потоа, откако ќе се појават симптомите, ќе престанете да одите на работа, ќе лежите в кревет, ќе носите маска или ќе појдете на доктор. Колку се посилни симптомите, толку повеќе и самите социјално се изолирате и го спречувате ширењето на вирусот.

Откако сте хоспитализирани, дури и да сте многу заразни, не го пренесувате и ширите вирусот во толкав степен затоа што сте изолирани.

Тука може да се забележи големото влијание на политиките во Сингапур или Јужна Кореја:

  • Луѓето масовно се тестираа и беа идентифицирани пред да се појават симптомите. Во карантин ништо не можат да прошират.
  • Доколку луѓето се образоваат порано да ги забележуваат симптомите, го намалуваат бројот на денови во сина боја, како и вкупната заразност.
  • Доколку луѓето се изолираат штом ќе ги препознаат симптомите, заразноста во портокаловата фаза ќе исчезне.
  • Доколку луѓето се образовани за физичкото дистанцирање, носењето маска, миењето раце и дезинфицирањето на просторот, помалку го прошируваат вирусот.

Само кога не се следат тие мерки, потребни се построги мерки за социјално дистанцирање.

Враќањето на инвестицијата на социјалното дистанцирање

Ако со сите овие мерки се уште сме далеку над R=1, треба да се намали бројот на луѓе со кои контактира просечната личност.

Има евтини начини за ова да се постигне, како забрана за јавни настани каде има одреден број на луѓе (на пример 50, 500) или да им се препорача на луѓето да работат од дома колку што можат.

Другите начини се многу, многу економски, општествено и етички поскапи, како затворање на улилиштата и универзитетите, препорачување сите да седат дома или да се затворат бизниси.

Овој графикон е измислен затоа што денес не постои. Никој нема доволно истражено на оваа тема, ниту па се воведени сите мерки на начин на кој може да се споредат.

За жал, ова е најважниот графикон за политичарите да донесат одлуки. Ни покажува за што размислуваат тие во оваа ситуација.

За време на периодот на чеканот, политичарите се обидуваат да ја намалат стапката на пренесување (R) што е можно повеќе, со мерки што целото население може да ги толерира. Во Хубеи, стигнаа до 0.32. Но можеби кај нас не мора до толку: Можеби само до 0.5 или 0.6.

Но за време на периодот на танцот на R, сакаат да се доближат поблиску до 1, а да бидат и под таа вредност на подолг временски период. Со оваа мерка се спречува нова епидемија и се елиминираат најдрастичните мерки.

Ова значи дека, без разлика дали лидерите сфаќаат или не, го прават следново:

  • Ги идентификуваат сите мерки што можат да ги воведат за да се намали стапката на пренесување (R)
  • Добиваат идеја кои се предностите на воведување: намалување на стапката на пренесување (R)
  • Добиваат идеја за цената: економската, општествената и етичката цена.
  • Ги оценуваат мерките според нивната исплатливост
  • Ги избираат тие што најмногу ќе ја намалат стапката на пренесување (R) со најмала цена.
Ова е само илустративно. Сите информации се измислени. Но, колку што можевме да претпоставиме, овие информации денес не постојат. Но треба да постојат. На пример, оваа листа е одличен почеток, но недостигаат елементите како образовни мерки, квантитет на вредности и предности, детали околу мерките, економски/општествени противмерки…

На почетокот, увереноста во овие броеви ќе им биде ниска. Но тоа е се уште начинот на кој размислуваат — а и треба да размислуваат.

Треба овој процес да го направат формален: да сфатат дека ова е игра со броеви каде набрзина треба да научат која е вредноста на R, влијанието на секоја мерка врз намалувањето на стапката на пренесување, како и нивната општествена и економска цена.

Дури тогаш ќе можат да донесат рационални одлуки кои мерки да ги воведат.

Заклучок: Ни треба повеќе време

Коронавирусот се уште се шири скоро насекаде. Има случаи во 152 земји. Се уште сме во борба со времето. Но не мора да биде така: има едноставен начин на кој треба да размислиме..

Некои земји, особено оние кои се уште немаат голем број на случаи на коронавирус можеби се прашуваат? Дали ова ќе се случи кај нас? Одговорот е: Најверојатно веќе се има случено. Само немате забележано. Кога навистина ќе излезе на површина, здравствениот систем ќе биде во полоша состојба во споредба со богатите земји каде има добар здравствен систем. Подобро е да се спречи отколку да се лечи, затоа мора веднаш да се преземат мерки.

За земјите каде веќе има заразени со вирусот, опциите се јасни.

Од една страна, земјите можат да ја следат првата опција со ублажување на ситуацијата: се создава масовна епидемија, се преоптеретува здравствениот систем, умираат милиони, а вирусот слободно мутира.

Од друга страна, земјите можат да се борат. Можат да се затворат неколку недели за да се добие повече време, да се направи образован план на акција и да се исконтролира овој вирус додека не се направи вакцина.

Властите околу светот, вклучувајќи ги и земјите како САД, Велика Британија и Швајцарија ја избрале првата опција: да ја ублажат ситуацијата.

Ова значи дека се предале без никаква борба. Ги виделе другите земји кои успешно се избориле и си рекле „Ние не можиме така!

Што ако Черчил го кажал истото? „Нацистите се веќе насекаде низ Европа. Не можеме да се бориме со нив. Ајде да се предадеме.“ Ова го прават многу власти низ светот во моментов. Не ни даваат шанса да се бориме. Затоа мора сами да си ја побараме.

Споделете ги овие информации

За жал, се уште има милиони животи во опасност. Споделете ја оваа статија — или сличните на оваа — ако мислите дека можете да го смените мислењето кај луѓето. Лидерите ова треба да го разберат за да избегнат катастрофа. Сега е моментот на акција.

--

--