Коронавирус: Зошто мора веднаш да се реагира

Maja Gjorgjioska
Tomas Pueyo
Published in
26 min readMar 15, 2020

Политичари, општествени и бизнис лидери: што треба да се направи и кога?

Оригинален автор: Thomas Pueyo, линк до оригиналот на англиски
Превод: Маја Ѓорѓиоска
Контакт за печатни грешки и забелешки: https://herefrom95.wordpress.com/contact/

Следната статија е објавена: Коронавирусот: Чеканот и танцот.

Со сe што се случува околу Коронавирусот, не е лесно да се одлучи што да се направи денес. Дали треба да се почека додека не се дознаат повеќе информации? Да се направи нешто денес? Што?

Еве за што ќе зборувам во оваа статија, со многу графикони, информации и модели, заедно со многу извори:

  • Колку случаи на коронавирус ќе има во вашиот регион?
  • Што ќе се случи кога ќе се појават овие случаи?
  • Што треба да направите?
  • Кога?

Кога ќе завршите со читање, ќе го дознаете следното:

Коронавирусот доаѓа и до вас.
Доаѓа со експоненцијална брзинa: полека, а потоа одеднаш.
Станува збор за неколку дена. Можеби недела до две.
Кога ќе пристигне, здравствениот систем ќе биде преоптоварен.
Сограѓаните ќе се лечат во ходниците.
Преморените здравствени работници ќе колабираат. Некои ќе загинат.
Тие ќе мора да одлучат кој пациент ќе добие кислород, а кој ќе умре.
Единствениот начин на кој ова може да се превентира е социјална изолација. Не утре. Денес.
Ова значи што е можно повеќе луѓе да седат дома, уште сега.

Како политичари, општествени или бизнис лидери, имате моќ и одговорност ова да го превентирате.

Можеби се плашите денес: Што ако претерувате? Дали луѓето ќе ви се смеат? Дали ќе ви се лутат? Дали ќе изгледате глупаво? Нема ли да биде подобро да почекате другите да ги преземат првите чекори? Нема ли да и наштетите на економијата?

Но, за 2–4 недели, кога целиот свет е под клуч, кога тие неколку дена изолација спасиле животи, останатите нема да ве критикуваат: Ќе бидат благодарни што сте ја донесле вистинската одлука.

Да почнеме.

1. Колку случаи на коронавирус ќе има во вашиот регион?

Стапка по земји

Графикон 1: Вкупен број на случаи на коронавирус низ светот

Вкупниот број на случаи експоненцијално се зголемуваше се додека Кина не ги стави под контола. Но потоа, излезе надвор и сега е пандемија што никој не може да ја запри.

Графикон 2: Вкупен број на случаи на коронавирус надвор од Кина

Моментално, најголем број на заразени има во Италија, Иран и Јужна Кореја.

Графикон 3: Случаи на коронавирус според земја (без Кина)

Јужна Кореја, Италија и Иран имаат толкав број на случаи, што тешко се забележуваат останатите земји низ светот — но ќе ја зголемеме сликата за да го видеме долниот десен агол подетално.

Графикон 4: Случаи на коронавирус според земја (без Кина, Ј. Кореја, Италија, Иран)

Има голем број на земји каде стапката на заразеност експоненцијално се зголемува. Моментално, најголем е бројот на западни земји.

Графикон 5: Дневна стапка на зголемување на бројот на случаи помеѓу 5 и 6 март

Ако ја следеме таа стапка за една недела, ќе ги добиеме следните броеви:

Графикон 6: Претпоставување на случаи на коронавирус по земја

Ако сакате да разберете што ќе се случи и како да се превентира, треба да се погледнат случаите што веќе завршиле: Кина, источните земји со вирусот САРС и Италија.

КИНА

Графикон 7: Времеплов на настаните во Хубеи (извор)

Ова е еден од најважните графикони.

Во портокалово е официјалниот број на случаи во провинцијата Хубеи — колку луѓе ја добиле дијагнозата тој ден.

Во сиво е вистинскиот број на случаи. Кинескиот центар за контрола на болести и превенција ги откри овие броеви кога ги праша пациентите за време на дијагнозата кога започнале нивните симптоми.

Овие случаи не беа познати тогаш. Можат да се откријат само доколку го анализираме минатото: властите нема да знаат дека одредени луѓе тој ден ги почувствувале првите симптоми. Ги знаат само луѓето кои одат на лекар и ја добиваат дијагнозата.

Ова значи дека портокаловите броеви се случаите кои и се познати на власта, а сивите броеви, тоа што навистина се случувало.

На 21ви јануари, бројот на нови дијагнози драстично се зголемил: има околу 100 нови случаи. Но, всушност, тој ден имало околу 1500 нови случаи, кои се зголемиле експоненцијално. Но властите не го знаеле тој број. Само знаеле дека ненадејно имало 100 нови случаи со оваа дијагноза.

Два дена подоцна, властите го затворија Вухан. Тогаш, бројот на новозаболени бил околу 400. Значи одлучиле да го затворат градот со само 400 нови случаи во еден ден. А всушност, тој ден имало 2500 нови случаи, но тие тоа не го знаеле.

Еден ден подоцна, 15 други градови во провинцијата Хубеи биле затворени.

До 23ти јануари, кога бил затворен Вухан, ако ја погледнеме сивата графа: расте експоненцијално. Бројот на вистински случаи експлодирал. Но моментот кога Вухан е затворен, бројот забавува. На 24ти јануари, други 15 градови биле затворени, а бројот на вистински случаи (повторно во сиво) забавува. Два дена подоцна е достигнат максималниот број на вистински случаи, а од тој ден бројот само се намалува.

Но официјалнот број на случаи (во портокалово) се уште расте експоненцијално. Следните 12 дена, се уште изгледал како да се искачува. Но, тоа не било така. Тој број го означувале само случаите каде симптомите на луѓето биле позабележливи, па луѓето повеќе оделе на преглед — со тоа, системот за идентификација се зголемувал.

Овој концепт, на официјални и вистински случаи е важен. Запамтете го за подоцна.

Останатите региони во Кина биле добро координирани од страна на владата, па затоа биле применети драстични мерки веднаш. Ова е резултатот:

Графикон 8: Случаи на коронавирус (Кинески региони надвор од Хубеи наспроти Италија, Иран и Ј. Кореја)

Секоја рамна линија е Кинески регион со дијагнози на коронавирус. Секоја од нив имала потенцијал да се искачува експоненцијално, но благодарение на драстичните мерки на крајот на јануари, вирусот бил запрен насекаде пред да се прошири.

Во меѓувреме, Јужна Кореја, Италија и Иран имаа рок од еден месец за да научат од Кина, но не научија. Започнаа со истите експоненцијални бројки како провинцијата Хубеи, но ги надминаа сите Кинески броеви до крајот на февруари.

ИСТОЧНИ ЗЕМЈИ

Случаите во Јужна Кореја се искачија, но дали се имате запрашано зошто не се случувало истото во Јапонија, Тајван, Сингапур, Тајланд и Хонг Конг?

Графикон 9: Вкупен број на случаи на коронавирус надвор од Кина

Во 2003год. во овие земји имаше епидемија на вирусот САРС, па сите тие научија тогаш. Научија колку вирален и смртоносен може да биде и го сфатија сериозно. Затоа во сите нивни графикони, иако многу порано се искачија броевите, сепак не изгледаа како експоненцијални броеви.

До сега, имаме приказни за експлозија на броеви на случаи со коронавирус, власти кои ја сфатија заканата и воздржување. Но, во останатите земји не е така.

Пред да ја започнеме таа анализа, една забелешка околу Јужна Кореја: оваа земја најверојатно е исклучок. Коронавирусот беше воздржан со првите 30 случаи. Пациентот со број 31 го рашири вирусот најмногу, на илјадници други. Бидејќи вирусот се шири пред да се појават првите симптоми, кога властите го забележаа проблемот, вирусот веќе беше раширен. Па сега одговараат за тој еден случај. Сепак, мерките за воздржување се очигледни: Италија веќе го надмина бројот на случаи, а Иран ќе го надмине утре (10 март 2020).

ДРЖАВАТА ВАШИНГТОН

Веќе го видовме бројот во западните земји и кои се предвидувањата во рок од една недела. Сега замислете дека истите мерки за спречување на ширењето да не се спроведат на ист начин како Вухан и останатите источни земји и добивате страшна епидемија.

Да ги разгледаме неколку од случаите, како државата Вашингтон во САД, крајбрежниот регион на Сан Франциско, Париз и Мадрид.

Графикон 10: Случаи во државата Вашингтон и смртна стапка

Вашингтон е америчкиот Вухан. Таму броевите експоненцијално растат. Моментално има 140 случаи (08/03/2020).

Но има и дополнителен факт. Смртната стапка е превисока. Во еден момент, државата имала три заболени и еден смртен случај.

Знаеме од други локации дека стапката на смрт на коронавирусот е некаде помеѓу 0.5% и 5% (повеќе ќе го анализираме ова подоцна). Како може смртната стапка да биде 33%?

Всушност, вирусот неколку недели се ширел без да има некаква дијагноза. Не биле само тие 3 случаи. Властите ги знаеле само тие 3 случаи, а еден од нив починал затоа што колку се посериозни симптомите, толку се поголеми шансите да бидат тестирани заболените.

Ова е слично на броевите со портокалово и сиво во Кина. Во овој случај, властите знаеле само за официјалните броеви (со портокалово) и се изгледало супер — само 3 случаи. А навистина имало стотици, а можеби и илјадници случаи.

Ова е проблемот — го знаеме само официјалниот, а не вистинскиот број. Но треба да го знаеме вистинскиот број. Дали можете да претпоставите? Има неколку начини за да се дознае. И имам модел за двата, за да можете да разгледате различни броеви.

Прво, со бројот на смртни случаи. Доколку има смртни случаи во вашиот регион, можете да го користите како претпоставка за вистинскиот број на случаи. Отприлика знаеме колку време е потребно за човек да биде заразен и да подлегне на болеста (17.3 дена). Ова значи дека личноста која починала на 29 февруари во Вашингтон, најверојатно била заразена на 12 февруари.

Со ова, ја знаеме стапката на смртност. За ова сценарио, користам 1% (подоцна ќе ги објаснам деталите). Ова значи дека, околу 12 февруари, веќе имало околу 100 случаи во тој регион (од кои само еден смртен случај 17.3 дена подоцна).

Сега, искористете го просечниот број на удвојување на времето на коронавирусот (времето кое е потребно за бројот да се дуплира, во просек). Тоа е 6.2, а ова значи дека во тие 17 дена, случаите треба да се помножат со околу 8(=2^(17/6)). Тоа значи дека ако сите случаи не добиваат дијагноза, еден смртен случај денес се 800 вистински случаи денес.

Денес Вашингтон имал 22 смртни случаи. Со оваа формула, добиваме околу 16 000 вистински случаи на коронавирус. Тоа е колку вкупниот збир на официјални случаи во Иран и Италија.

Доколу разгледаме подетално, ќе сфатиме дека 19 од тие смртни случаи биле од еден кластер, што можеби не го раширило вирусот премногу. Па, ако ги сметаме тие 19 случаи како еден, вкупниот број на смртни случаи во државата е 4. Доколку ја направиме истата пресметка со новиот број, добиваме околку 3000 вистински случаи.

Овој пристап потекнува од Тревор Бедфорд и ги анализира самите вируси и нивните мутации за да го пресмета моменталниот број на случаи.

Заклучокот е дека моментално во Вашингтон има околу 1100 случаи.

Никој од овие пресметки не е совршен, но сите го даваат истиот заклучок дека не го знаеме бројот на вистински случаи, но тој е многу повисок од официјалните броеви. Не се стотици. Илјадници се, а можеби и повеќе.

КРАЈБРЕЖНИОТ РЕГИОН НА САН ФРАНЦИСКО

До 8 март, крајбрежниот регион немаше ни еден смртен случај. Со оваа информација тешко е да се дознае бројот на вистински случаи. Официјално, имаше 86 случаи. Но во САД не се тестираат сите затоа што нема доволно тестови. Земјата реши да создаде сопствени тестови, но тие не функционираа.

Ова се броевите на тестови во различни земји до 3 март:

Извори за секој број

Турција, без ниеден случај на коронавирус, имаше направено 10 пати повеќе тестови на жител отколку САД. Ситуацијата денес не е нешто подобра, со околу 8000 направени тестирања во САД, што значи дека околу 4000 луѓе биле тестирани.

Графикон 10-б: Извршени тестови за коронавирус на милион луѓе за различни земји

Овде, може делумно да го искористиме бројот на официјални заболени со навистина заболени. Кој број треба да се искористи? За крајбрежниот регион, ги тестираа сите кои патувале или биле во контакт со патник, што значи дека ги знаеле случаите поврзани со патување, но не ги знаеле случаите на заболени преку нив. Доколку го земеме во предвид општественото ширење, наспроти патничкото ширење, можеме да го дознаеме бројот на вистински случаи.

Го разгледав соодносот за Јужна Кореја, каде има многу информации. Моментот кога бројот се искачил на 86 случаи, процентуално од нив општествено биле проширени 86% (еднаквоста помеѓу овие броеви е само случајност).

Со овој број, можеме да го пресметаме бројот на вистински случаи. Доколу крајбрежниот регион имал 86 случаи, најверојатно, вистинскиот број на случаи е околу 600.

ФРАНЦИЈА И ПАРИЗ

Франција има објавено дека има 1400 случаи денес, и 30 смртни случаи. Со користење на горенаведените методи, можеме да добиеме опсег помеѓу 24 000 и 140 000 случаи.

Вистинскиот број на случаи на коронавирус во Франција денес најверојатно е некаде помеѓу 24 000 и 140 000.

Значи вистинскиот број на случаи во Франција е некаде помеѓу 24 000 и 140 000. Да ви повторам, бројот на вистински случаи во Франција е најверојатно со ред на големина од еден или два повисока отколку официјалните броеви.

Не ми верувате? Ајде повторно да се вратиме на графиконот од Вухан.

Графикон 11: Времеплов на настаните во Хубеи

Доколку ги споредиме портокаловите графи до 22 јануари, добиваме 444 случаи. Сега ги собираме броевите од сивите графи, со што добиваме околу 12 000 случаи. Значи во периодот кога во Вухан се сметаше дека има само 444 случаи, навистина имаше 27 пати повеќе случаи. Доколку Франција смета дека има 1400 случаи, најверојатно има десетици илјади.

Истата формула се користи и за Париз. Со околу 30 случаи во самиот град, вистинскиот број на случаи најверојатно е стотици, а можеби и илјадници. Со 300 случаи во регионот Ил де Франс, вкупниот број на случаи во тој регион најверојатно надминува десетици илјади.

ШПАНИЈА И МАДРИД

Шпанија имаше многу слични броеви со Франција (1200 случаи наспроти 1400, двете имаа 30 смртни случаи). Ова значи дека истите правила важат и тука: Шпанија најверојатно навистина има над 20 000 случаи.

Во регионот на Мадрид (Comunidad de Madrid) со официјален број од 600 случаи и 17 смртни случаи, вистинскиот број на случаи е некаде помеѓу 10 000 и 60 000.

Доколку ги прочитате овие информации и помислите дека ова не е вистина и е невозможно, размислете за ова: со овој број на случаи, Вухан веќе беше затворен.

Со бројот на случаи што ги гледаме денес во земји како САД, Шпанија, Франција, Иран, Германија, Јапонија, Холандија, Данска, Шведска или Швајцарија — Вухан веќе беше под клуч.

А доколку си мислите дека Хубеи е само една провинција, да ве потсетам дека таму има скоро 60 милиони жители, што е повеќе од цела Шпанија, а можеме да ја споредиме со големината на Франција.

2. Што ќе се случи кога ќе се појават овие случаи на коронавирус?

Значи, коронавирусот е веќе тука. Скриен е и расте експоненцијално.

Што ќе се случи со нашите земји кога ќе се појави? Лесно е да дознаеме, затоа што веќе има неколку локации каде веќе се случува. Најдобри примери ни се Хубеи и Италија.

Стапки на фаталност

Светската Здравствена Органицазција (СЗО) објави дека стапката на смртност е во граница 3.4% (значи процент на луѓе кои се заразени од вирусот, а потоа подлегнале на болеста). Овој број е надвор од контекст, затоа подетално ќе ви објаснам.

Графикон 12: Стапка на фаталност: Смртни случаи / Вкупен број на случаи

Значи навистина зависи од земјата и од моментот, помеѓу граница од 0.6% во Јужна Кореја и граница од 4.4% во Иран. Но кој е вистинскиот број? Сепак можеме да го откриеме.

Има два начини за да се открие вистинскиот број, едниот е да се поделат смртните случаи со вкупните случаи, а другиот е да се поделат смртните случаи со затворените случаи. Со првиот начин на пресметување, најверојатно ќе се добие понизок број, затоа што сепак поголем број на заболени можат да завршат со смртен случај. Со вториот начин на пресметување, најверојатно ќе се добие повисок број, затоа што смртните случаи се добиваат побрзо отколку излечените.

Затоа јас решив да ги гледам како напредуваат двата резултати во одреден временски период. Двете пресметки ќе го достигнат истиот резултат откако ќе се затворат сите случаи, така што доколку ги претпоставиме минатите пресметки за иднината, можеме да пресметаме колкава ќе биде фаталноста отприлика.

Со оваа пресметка се добива следниот резултат. Фаталноста во Кина моментално е во граница помеѓу 3.6% и 6.1%. Доколку ова го претпоставиме и во иднина, броевите се движат во граница помеѓу 3.8% и 4%. Ова е два пати повеќе од моменталните претпоставки и 30 пати полошо од обичниот сезонски грип.

Но ова е случај во сосема различна реалност, а тоа е во провинцијата Хубеи и во остатокот од Кина.

Графикон 13: Стапка на фаталност во провинцијата Хубеи во Кина

Стапката на фаталност во провинцијата Хубеи најверојатно ќе конвергира во граница околу 4.8%. Во меѓувреме, во остатокот од Кина, најверојатно ќе конергира во граница околу 0.9%.

Графикон 14: Стапка на фаталност во Кина, без провинцијата Хубеи

Истото го направив со графикони за броевите во Иран, Италија и Јужна Кореја, единствените земји каде има доволно смртни случаи за да можат да се направат овие пресметки.

Графикон 15: Претпоставка на стапката на фаталност во Иран
Графикон 16: Претпоставка на стапката на фаталност во Италија
Графикон 17: Графикон 16: Претпоставка на стапката на фаталност во Ј. Кореја

Смртните случаи поделени со вкупниот број на случаи за Иран и за Италија конвергираат околу 3% до 4%. Јас претпоставувам дека крајните резултати ќе конвергираат околу истите броеви.

Графикон 17-б: Број на болнички кревети на 1000 луѓе во различни земји

Јужна Кореја е најинтересниот пример, бидејќи овие два броеви немаат допирна точка: бројот на смртни случаи поделен со вкупниот број на случаи е само 0.6%, додека бројот на смртни случаи поделен со затворени случаи е дури 48%. Според мене, тука се случуваат неколку работи. Прво, во земјата се тестираат сите (со толкав број на отворени случаи, бројот на смртни случаи е многу низок), а ги оставаат случаите отворени на подолг период (за побрзо да ги затворат доколку пациентот почине). Второ, имаат голем број на болнички кревети (графикон 17-б). Можеби има и други причини кои не ги знаеме. Но тоа што нам ни е битно е дека бројот на смртни случаи поделен со бројот на случаи од почеток е во граница од околу 0.5%, што ни кажува дека најверојатно и ќе остане во таа граница, поради влијанието на здравствениот систем и менаџирањето со кризата.

Последниот значаен пример е крузерот Дајмонд принцес (Diamond Princess): со 706 случаи, 6 смртни случаи и 100 излечени, стапката на фаталност е во граница помеѓу 1% и 6.5%.

Имајте во предвид дека старосната граница во секоја земја има ефект врз резулатите, со оглед на тоа дека фаталноста е поголема кај постарите луѓе, земјите со постаро население, како Јапонија во просек ќе имаат поголема стапка на фаталност отколку земјите со помладо население како Нигерија. Исто така има ефект и временскиот фактор, особено влажноста на воздухот и температурата, но не е јасно како ова влијае врз пренесувањето и стапката на фаталност.

Можеме да го заклучеме следното:

  • Без овие случаи, сите земји што се подготвени, ќе имаат стапка на фаталност во граница од околу 0.5%(Јужна Кореја) до 0.9%(остатокот од Кина).
  • Земјите кои не се спремни и има преголем број на случаи ќе имаат стапка на фаталност во граница помеѓу 3% и 5%.

Со други зборови, земјите кои брзо ќе реагираат значително ќе го намалат бројот на смртни случаи — за 10 пати. А ова е само за стапката на фаталност. Доколку брзо се реагира, драстично се намалува и вкупниот број на заболени, за што не треба да се размислува два пати.

Земјите кои брзо ќе реагираат ќе го намалат бројот на смртни случаи минимум за 10 пати.

Што и е потребно на една земја за да биде подготвена?

Што ќе врши притисок врз системот?

Околу 20% од заболените се хоспитализираат, додека 5% од случаите се на интензивна нега и на околу 2.5% им е потребна многу интензивна помош, со апарати за дишење.

Најголемиот број на инфекции се лесни. Првата колона — лесни случаи (како грип), втората колона — тешки случаи (хоспитализација), третата колона — критични случаи (интензивна нега)
Графикон 18: Слајд од семинарот на америчкото здружение на болници кој прикажува проценки на влијанието на коронавирусот врз америчкиот здравствен систем во 2020г.

Проблемот е тоа што машините за дишење не можат да се изработат или да се купат така лесно. На пример, пред неколку години, САД имаше вкупно 250 апарати за дишење.

Што значи дека ако ненадејно имате 100 000 случаи, многу од нив ќе сакаат да се тестираат. Околу 20 000 од нив ќе треба да се хоспитализираат, 5000 ќе бидат на интензивна нега, а на 1000 ќе им биде потребен апарат за дишење, што ги немаме во доволен број. А тоа е само со 100 000 случаи.

Ова се броеви во кои не се земени во предвид дополнителните можни проблеми, како маските. Земја како САД има само 1% од маскитe кои се потребни за да се покријат потребите за здравствените работници (12М N95, 30M хирушки, наспроти 3.5B потребни). Доколку ненадејно се појават голем број на случаи, ќе има доволно маски само 2 недели.

Во земји како Јапонија, Јужна Кореја, Хонг Конг или Сингапур, како и провинции во Кина надвор од Хубеи, луѓето беа подготвени и пациентите ја добија потребната грижа.

Но остатокот од западните земји одат во истата насока како Италија. Што се случува?

Како изгледа преоптоварен здравствен систем

Приказните од случките во Хубеи и од Италија започнуваат да се случуваат низ светот. Во Хубеи се изградија две болници во рок од 10 дена, но дури и тогаш, системот беше преоптоварен.

Се жалеа дека пациентите ги преплавиле болниците. Морале да ги згрижат секаде, во ходници, во чекални…

Здравствените работници со часови носат само еден комплет заштитна опрема затоа што немаат доволно. Како резултат на тоа, не можат да излезат надвор од инфицираните зони со часови. А кога ќе излезат, тие колабираат, бидејќи се дехидрирани и преморени. Смените повеќе не постојат. Луѓето излегуваат од пензија за да ги задоволат потребите на заболените. Луѓе кои немаат познавање од негување ги тренираат преку ноќ за да ги исполнат потребните улоги. Сите се дежурни, цело време.

Франческа Мањаторди, докторка која колабирала за време на војната со коронавирусот

Ова се случува додека и тие не се разболат. А ова често се случува, затоа што постојано се изложени на вирусот, без доволно заштитна опрема. Кога тоа ќе се случи, мора да одат во карантин 14 дена, временски период во кој не можат да помагаат. Во најдобри околности, губат 2 недели. Во најлоши околности, нов смртен случај.

Најлошо е во интензивна нега, кога пациентите треба заедно да ги користат и да ги делат апаратите за дишење. Не е возможно заедно да се користат, затоа здравствените работници мораат да донесат одлука кој ќе ги користи апаратите. Што значи живот или смрт за пациентите.

„По неколку дена, мора да одлучиме. […] Не може секој да биде интубиран. Одлучуваме врз основа на возраст и состојба на здравје.“ — Христијан Салароли, италијански доктор.

Доктори во заштитна опрема додека ги лекуваат пациентите заболени со коронавирусот, во одделот за интензивна нега во новата болница во Вухан, Кина на 6ти февруари (извор)

Поради овие околности системот може да се доведе до стапка на фаталност со граница од околу 4%, наместо околу 0.5%. Доколку сакате вашиот град или вашата земја да биде дел од тие 4%, денес не мора да правите ништо.

Сателитска фотографија од гробишта во Иран (Гардијан и Њуjорк Тајмс)

3. Што треба да направите

Израмнете ја кривата

Моментално ова е пандемија. Не може да биде елиминирана. Но може да се намали влијанието.

Некои земји можат да се земат за пример. Најдобрата е Тајван, која е тесно поврзана со Кина, а сепак денес има помалку од 50 случаи. Во истражувањето подолу се објаснети сите мерки кои се преземени од почеток, кои се фокусирани на воздржувањето.

Тие успеале да го спречат ширењето, но многу земји ги немаат нивните експерти и не успеале. Сега, се фокусираат на следниот чекор: ублажување. Треба да го направат вирусот безопасен.

Доколку го намалиме бројот на инфекции, нашиот здравствен систем ќе може да ги третира сите случаи многу подобро, со што ќе се намали стапката на фаталност. И доколку го прошириме ова со текот на времето, ќе стигнеме до точка каде остатокот од населението ќе биде вакциниран, со што целосно ќе се елиминира ризикот од заболување. Значи нашата цел не е целосно да се елиминира заразата од коронавирусот, туку да се одложи.

Извор

Колку повеќе се одложуваат случаите, подобро ќе функционира здравствениот систем, се намалува стапката на смртност и се зголемува бројот на луѓе кои ќе се вакцинираат пред да бидат инфицирани.

Како можеме да ја израмнеме кривата?

Социјално дистанцирање

Едно едноставно нешто што е многу ефикасно што можеме да го направиме е социјалното дистанцирање.

Доколку повторно се навратиме на графиконот за Вухан, ќе се сетиме дека во моментот кога се затвори градот, бројот на случаи се намали. Тоа е затоа што луѓето не комуницираа едни со други, па вирусот не се прошири.

Моментално научниците тврдат дека овој вирус не може да се прошири во растојание поголемо од 2 метри, доколку некој се накашла. Со други зборови, капките ќе паднат на земја и нема да ве инфицираат.

Следниот најлош начин за инфицирање е површинскиот. Вирусот може да преживее и до 9 дена на различни површини како метал, керамика и пластика. Ова значи дека предметите како кваки, маси или копчиња во лифт се налоши места за инфекција.

Единствен начин навистина да се воздржи вирусот од дополнително ширење е социјално дистанцирање. Седење дома што е можно повеќе, што е можно подолго, се додека ова не исчезне.

Овој метод е веќе докажан во минатото. Конкретно, пандемијата на грип во 1918 година.

Лекции од пандемијата во 1918г.

Графикон 19: Стапката на смртност на пандемијата на грип во 1918 во градови со различни мерки за социјално дистанцирање

Можеме да видиме дека Филаделфија не реагирала толку брзо, па како резултат имало голем број на заболени и смртни случаи. Споредете ги броевите со Сент Луис, каде брзо се реагирало.

Потоа погледнете ги броевите од Денвер, каде имало строги мерки, кои подоцна биле ублажени. Таму бројот на заболени два пати растел, а вториот бил и поголем од првиот.

Графикон 20: Стапка на смртност во Денвер за време на пандемијата на грип во 1918г.

Ако ги земиме овие броеви во просек, го добиваме следното:

Графикон 21: Вкупен број на смртни случаи од пневмонија и инфлуенца според воведените мерки

Според овој графикон, за време на грипот во 1918год. во САД, бројот на смртни случаи во градовите бил соодветен според мерките кои биле применети и брзината на нивното применување. На пример, град како Сент Луис презел мерки 6 дена пред Питсбург, па имало скоро половина помалку смртни случаи по жител. Во просек, преземањето мерки 20 дена порано ја преполовило смртната стапка.

Сега, Италија конечно ја откри оваа информација. Прво ја затворија Ломбардија во неделата, а следниот ден, понеделникот, ја сфатија грешката и решија дека треба да се затвори целата земја.

Се надеваме дека во следните денови ќе ги видиме и резултатите од овие мерки. Но сепак, вистинските резултати ќе се покажат по недела до две. Запомнете го графиконот од Вухан: имаше застој од 12 дена од моментот кога беше објавено затворањето до моментот кога официјалниот број на заболени почна да се намалува.

Како можат политичарите да помогнат во социјалното дистанцирање?

Прашањето што денес ги мачи политичарите не е дали треба да се преземат мерки, туку кои се точните мерки кои треба да се преземат.

Има неколку фази кога станува збор за контрола на епидемија, кои започнуваат со очекување, а завршуваат со истребување. За жал, моментално е предоцна за голем дел од мерките. Со овој број на заболени, политичарите имаат само две опции, а тие се спречување на ширењето и ублажување.

Спречување на ширењето

Под спречување на ширењето се подразбира да се идентификуваат, контролираат и изолираат сите случаи. Ова одлично го спроведуваат Сингапур, Хонг Конг, Јапонија и Тајван. Воведоа мерки да се контролира кои луѓе влегуваат во земјата, идентификација дали се болни, веднаш се изолираат, користат одлична заштитна опрема за да ги заштитат здравствените работници, ги следат сите контактирани личности и ги ставаат во карантин.

Ова одлично функционира кога земјата е спремна и го спроведува многу рано, притоа нема потреба да и се штети на економијата за да се спроведе.

Веќе го пофалив пристапот на Тајван. Но и пристапот на Кина е исто така добар. Вчудоневидувачки се мерките кои ги спроведе за да не се прошири вирусот. На пример, имаа дури 1800 тимови од 5 луѓе, кои го следат заболениот пациент, сите луѓе кои контактирале со пациентот, потоа сите луѓе кои контактирале и со нив, а потоа сите нив ги изолирале. Така го спречиле вирусот од проширување низ оваа држава, која има над милијарда жители.

Но, ова не се случува со западните земји, а сега е веќе предоцна. Неодамнешната изјава од САД за забраната на патување од Европа е мерка за спречување на ширењето за земја, која денес веќе има три пати повеќе случаи отколку што имаше провинцијата Хубеи кога се затвори, а бројката расте експоненцијално. Како можеме да знаеме дали тоа е доволно? Можеме, доколку ги погледниме броевите од забраната за патување во Вухан.

Графикон 21-б: Забавување на ширењето на коронавирусот низ Кина, според забрани за патување (извор)

Овој графикон ни го покажува влијанието што ја имало забраната за патување во Вухан врз проширувањето и одложувањето на епидемијата. Големината на круговите го означуваат бројот на дневни случаи. Горната линија го означува бројот на случаи доколку не се преземат мерки. Другите две линии го означуваат бројот на случаи доколку се елиминира 40% и 90% од патувањето. Ова е модел создаден од епидемиолози, затоа што не можеме да знаеме со сигурност.

Ако не гледате голема разлика, во право сте. Тешко е да се видат промени во развојот на епидемијата.

Според научниците, забраната за патување во Вухан отприлика го одложи ширењето на вирусот низ Кина за 3–5 дена.

А што мислеа научниците за влијанието врз намалувањето на пренесување на вирусот?

Графикон 21-в: Забавување на ширењето на коронавирусот низ Кина според забрани за патување и намалување на стапката на пренесување (R)

Горниот блок е истиот што го видовме претходно. Следните два го прикажуваат намалениот број на пренесување на вирусот (R). Доколку стапката на пренесување на вирусот (R)се намали за 25% (преку социјално дистанцирање), кривата се израмнува и врвот на заболување се одложува за 14 недели (околу 3.5 месеци). Доколку стапката на пренесување (R) се намали за 50%, епидемијата нема ни да започне дури и 3 месеци подоцна.

Забраната за патување со Европа од страна на САД е добра, најверојатно на САД дополнително им донесе неколку часа или ден до два. Но ништо повеќе, бидејќи не е доволно. Ова е мерка за спречување од проширување, а потребна е мерка за ублажување.

Откако ќе се прошири вирусот со стотици илјади случаи низ населението, спречувањето на дополнителни случаи однадвор, следењето на постоечките случаи и изолирањето на нивните контакти веќе не е доволно. Следниот чекор е ублажувањето.

Ублажување

За да се ублажи ситуацијата потребно е многу социјално дистанцирање. Луѓето треба да престанат да се дружат за стапката на пренесување (R) да се намали, од 2 до 3 заболени доколку нема мерки, до под 1 заболен, за конечно да се сведи на 0.

За да се применат овие мерки, потребно е да се затворат компании, продавници, јавен превоз, училишта, како и да се спроведат мерки за изолација. Колку е полоша ситуацијата во регионот, толку е полошо социјалното дистанцирање.

Колку порано се спроведат строгите мерки, толку е пократко времето за кое треба да се следат истите, полесно е да се откријат потенцијалните случаи и помал е бројот на луѓе кои ќе заболат.

Ова требаше да го направи Вухан. Ова е тоа што Италија беше приморана да го прифати. Бидејќи кога вирусот не е конторлиран, единствената мерка е да се затворат сите инфицирани региони за да не се прошири насекаде одеднаш.

Со илјадници официјални случаи — а и десетици илјади вистински случаи, ова треба да го спроведат земји како Иран, Франција, Шпанија, Германија, Швајцарија или САД.

Некои бизниси работат од дома, што е супер.
Некои големи настани се откажани.
Некои зафатени региони самите се изолираат.

Сите овие мерки ќе го забават вирусот. Ќе ја намалат стапката на пренесување (R)од 2.5 до 2.2, можеби и 2. Но, сепак не се доволни да не доведат до под 1 за подолг временски период, кој е доволен за да се запре епидемијата. Доколку не можеме тоа да го постигнеме, ќе мора да го доведеме бројот блиску до 1 на подолг временски период, за да ја израмнеме кривата.

Овде доаѓаме до прашањето: Која размена треба да ја направиме за да ја намалиме стапката на пренесување (R)? Ова е менито што ни го сервираше Италија на цел свет:

  • Никој не смее да влегува или да излегува од региони кои се затворени, освен ако имаат докажани семејни или професионални причини.
  • Движењето во овие региони треба да се избегнува, освен ако има добра причина за итна лична или професионална основа која не може да биде одложена.
  • Луѓето со симптоми (респираторна инфекција и температура) цврсто се препорачува да останат дома.
  • Стандардното слободно време за здравствените работници е запрено.
  • Затворени се сите образовни институции (училишта, универзитети…), теретани, музеи, ски центри, културни и социјални центри, базени и театри.
  • Баровите и рестораните работат со ограничено работно време од 6 часот наутро до 18 часот попладне, со најмалку 1 метар растојание помеѓу луѓето внатре.
  • Сите кафичи и ноќни клубови се затворени.
  • Секоја комерцијална активност мора да биде на растојание од еден метар помеѓу луѓето. Местата каде не може да се изведе истото се затворени. Религиозните храмови можат да останат отворени се додека можат да го гарантираат ова растојание.
  • Посетата во болниците за семејство и пријатели е ограничено.
  • Работните состаноци се одложени. Се препорачува работа од дома.
  • Сите спортски настани и натпревари, јавни или приватни, се откажани. Важните настани може да се одржат зад затворени врати.

Два дена подоцна, Италија додаде: Не, сепак сите бизниси кои не се клучни треба да се затворат. Затоа сега ги затвораме сите комерцијални активности, канцеларии, кафичи и продавници. Само транспортот, аптеките и маркетите остануваат отворени.

Еден начин е постепено да се спроведат мерките. За жал, со ова му се дава време на вирусот да се прошири. Доколку сакате да бидете сигурни, следете го примерот на Вухан. Луѓето на почеток ќе се жалаат, но подоцна ќе ви бидат благодарни.

Како можат бизнис лидерите да придонесат во социјалното дистанцирање?

Доколку вие сте бизнис лидер и сакате да знаете што треба на правите, најдобар ресурс за вас е Клубот Остани Дома (на англиски).

Тоа е листа на полиси за социјално дистанцирање кои ги применуваат американските компании за технологија — до сега 328.

Се движат од задолжителна работа од дома и ги забрануваат посетите, патувањата и настаните.

Има многу нешта што треба да ги одлучат компаниите, како што ќе се случува со саатниците на вработените, дали канцеларијата да биде отворена или не, како да се спроведуваат интервјуата, што да се прави со мензита. Доколку сакате да знаете што се случува во мојата компанија, Course Hero, како и пример како да ги известите вработените, еве што искористивме ние (на англиски).

4. Кога?

Голема е веројатноста дека се согласивте на се што ви кажав до сега, па се прашувавте од почеток кога да се донесе секоја одлука. Со други зборови, кои се знаците кои треба да ги забележиме пред секоја мерка.

Модел на знаци базиран врз ризици

За да се реши овој проблем, создадов модел(на англиски).

Со овој модел, може да се пресмета веројатниот број на заболени во вашиот регион, веројатноста некој од вработените веќе да е заразен, како ќе еволвира ситуацијата, па според тоа дали треба бизнисот да остане отворен.

Моделот покажува работи како:

  • Доколку вашата компанија имала 100 вработени во регионот на државата Вашингтон, каде имало 11 смртни случаи од коронавирусот на 8 март, има 25% веројатност барем еден од вработените да е заразен и треба веднаш се да затворите.
  • Доколку вашата компанија имала 250 вработени, од кои најмногу лоцирани во регионот Јужниот брег (Сан Матео и Санта Клара, каде заедно имале вкупно 22 официјални случаи на 8 март, а вистинскиот број на случаи најверојатно бил барем 54, до 9 март има околу 2% веројатност да е заразен барем еден вработен и треба да ја затворите канцеларијата.
  • Доколку вашата компанија е во Париз (во самиот град) и имало 250 вработени, денес има 95% веројатност еден од вработените да е заболен со коронавирусот и канцеларијата треба да ја затворите уште утре.

Овој модел користи ознаки како „компанија“ и „вработени“, но може да се користи за се друго како училишта, јавен превоз… Па доколку имате само 50 вработени во Париз, но сите тие вработени го користат возот, со што се во контакт со илјадници други луѓе, одеднаш веројатноста дека барем еден од нив ќе се инфицира е многу поголема и треба веднаш да ја затворите канцеларијата.

Доколку се уште не сте сигурни за затворање бидејќи се уште никој не покажал симптоми, сетете се на фактот дека 26% од случаите се заразени пред да се развијат симптоми.

Дали вие сте дел од група на лидери?

Оваа математика е себична. Го разгледува ризикот на секоја компанија индивидуално, пресметувајќи го ризикот кој ние сакаме да го внесеме, се додека моментот кога коронавирусот не ни стропа на врата и ја затвориме канцеларијата.

Но, доколку сте дел од група на бизнис лидери или политичари, не треба да сметате само за една компанија, туку за се вкупно. Тогаш, пресметката е следнава: Која е веројатноста дека било која од компаниите е заразена? Доколку сте во група од 50 компании, со 250 вработени во просек, во регионот на крајбрежниот дел на Сан Франциско, имате 35% шанса барем една од тие компании да има вработен кој е заразен, а шансата се искачува на 97% следната недела. Додадов калкулатор во моделот и за вас.

Заклучок: Цената на чекањето

Можеби е страшно да ја донесете одлуката денес, но не треба така да размислувате.

Графикон 22: Модел на нови дневни случаи на коронавирус со мерки за социјално дистанцирање спроведени во различни денови

Овој теоретски модел ги покажува различните заедници: еден од нив не ги зема во предвид мерките за социјално дистанцирање, еден од нив ги зема мерките од првиот ден на епидемијата, еден од нив ги зема од следниот ден. Сите бројки се фиктивни (ги одбрав да наликуваат на случките Вухан, со најлоша опција од околу 6000 нови случаи во еден ден). Тука се за да покажат колку е важен само еден ден кога нешто се зголемува експоненцијално. Се забележуваат максималните броеви од тој еден ден се подоцна и повисоко, но потоа, дневните случаи конвергираат на нула.

Но шо се случува со кумулативните случаи?

Графикон 23: Модел на кумулативни случаи на коронавирус со мерки за социјално дистанцирање кои се воведени преку еден ден

Во овој теоретски модел, што малку наликува на провинцијата Хубеи, чекањето само еден ден создава 40% повеќе случаи. Значи доколку властите во Хубеи објавеа затворање на провинцијата на 22 јануари, наместо еден ден подоцна, можеби би го намалиле бројот на случаи за 20 000 помалку.

Но запомнете, ова се само случаи. Стапката на смртност може да биде многу повисока, бидејќи нема да бидат директно 40% повеќе смртни случаи. Исто така, многу побрзо ќе колабира и здравствениот систем, со што стапката на смртност ќе се искачи 10 пати повеќе отколу во пресметките. Значи еден ден од мерките за социјално дистанцирање би значеле крај за броевите на смртни случаи во вашата заедница со зголемувањето на бројот на случаи и стапката на фаталност.

Ова е експоненцијална закана. Секој ден е важен. Доколку чекате само еден ден за да донесете одлука, можеби не придонесувате за мал број на случаи. Најверојатно веќе има стотици или илјадници случаи во вашата заеница. А секој ден кој не е проследен со мерките за социјало дистанцирање, овие броеви ескпоненцијално растат.

Споделете ги овие информации

Ова е најверојатно единствен пат во оваа деценија кога со споделување на статија би можеле да спасите животи. Сите треба ова да го сфатат за да се избегне катастрофа. Сега е моментот во кој треба да се преземат мерки.

--

--

Tomas Pueyo
Tomas Pueyo

Published in Tomas Pueyo

Insights about Growth, including Coronavirus Growth

Maja Gjorgjioska
Maja Gjorgjioska

No responses yet