Коронавирус: Спречување на нови кластери и ширење

Maja Gjorgjioska
Tomas Pueyo
Published in
30 min readJun 9, 2020

Дали да го ограничиме патувањето? Да ги затвориме музичките фестивали? Училиштата? Кои бизниси да се отворат? Кои социјални собири да бидат дозволени?

Оригинален автор: Tomas Pueyo, линк до оригиналот на англиски
Превод: Маја Ѓорѓиоска
Контакт за печатни грешки и забелешки: https://herefrom95.wordpress.com/contact/

Ова е петтиот дел од Како да танцуваме (прв дел, втор дел, трет дел, четвртиот не е објавен), серија во која анализираме што треба да направат земјите за да го започнат Танцот, повторно да ја отворат економијата без нови бранови на епидемија.

Земјите повторно се отвораат. Сакаат да го копираат успехот на земји како Јужна Кореја или Тајван. Веќе знаеме дека ова се постигнува со многу тестирање и следење на контактите, изолации и карантин, задолжително носење на домашни маски, хигиена, физичко дистанцирање и едукација ја јавноста.

Сите овие мерки се доста евтини во споредба со затворање на економијата, но дали се доволни? Дали треба училиштата да бидат затворени? Бизнисите? Музичките фестивали? Туризмот? Дали има други мерки кои се скапи за економијата, но се потребни за да се контролира вирусот?

Најпрво лошите вести:

  • Најверојатно ќе треба многу да се забави националниот и интернационалниот туризам повеќе месеци
  • Големите настани како саемите или музичките концерти засега ќе треба да останат откажани

Добрите вести:

  • Најверојатно ќе можеме да патуваме на далечни дестинации или во еден правец
  • Има начини на кои може да се забрза отворањето на туризмот
  • Најверојатно можат да се отворат училиштата
  • Ни станува јасно кои бизниси можат да се отворат. Најважните што треба да останат отворени се банките и маркетите, а најневажни се кафичите, кафаните и спортските сали.

Да започнеме.

Замислете дека вашата земја добро го искористила Чеканот и сега се подготвува за Танцот. Некои региони се уште се во карантин, но остатокот од економијата полека започнува со отворање. Властите се внимателни: задолжително е носењето на маски, сите контакти се следат, сите заболени се изолираат во хотелски соби, а карантинот се спроведува со следење на локацијата на мобилните телефони.

Вашата земја има две цели:

  1. Да ги заштити сигурните региони од зарази кои доаѓаат од заразени региони. Ова ќе го наречам спречување на нови кластери.
  2. Спречување на овие кластери пред да се развијат во нова епидемија. Ова ќе го наречеме спречување на ширењето.

Земјите треба да спречат кластери и ширење.

За да се спречат кластери, потребни се рестрикции во патувањето.

За да се спречи ширењето, потребни се рестрикции во социјалните собири.

Бидејќи голем дел од земјите веќе се отвораат и започнуваат да дозволуваат собири, поважно е да разговараме за ширењето. Најпрво ќе ја анализираме таа тема, додека кластерите ќе ги разгледаме со патувањето.

Омилените настани на Коронавирусот

Супер-пренесувачи

Како што веќе кажавме, до сега веќе знаете за случајот на супер-пренесувачот од Јужна Кореја:

Извор

Една личност, пациентот 31, зарази 5000 нови случаи. Во тој период, тоа беа најголемиот дел на случаи во Јужна Кореја. Од средината на Мај, овој број се уште го претставува 40% од вкупниот број на случаи во земјата — без да се земе во предвид дополнителното ширење од тие случаи. Доколку оваа личност не ја предизвикала епидемијата, можеби Северна Кореја не би се справувала со неа, како и Тајван.

Можеби слушнавте дека причината за пренесувањето од страна на пациентот 31 е двојната посета на мегацрква. Но, можеби не знаете како изгледа таква служба.

Црковна служба. Извор.

Во оваа црква, илјадници луѓе седат заедно на долг временски период, забрането им е носење на очила или маски, а притоа, пеат и се молат гласно. Црквата не им дозволува да пропуштат служба, дури и ако се болни. Затоа, пациентот 31 ја посетил црквата две недели со ред, за време на службата, иако бил заразен.

Во вториот дел од оваа серија на статии, објаснив како се шири вирусот, преку капки и облаци од капки, кои се создаваат со кашлање, но и со пеење, а и со зборување. Дискутиравме и дека вирусот преферира затворени простори каде луѓето се физички блиски еден со друг.

Оваа мегацрква ги исполнува сите правила што ја зголемуваат стапката на пренесување — зборување, пеење, престојување во затворен простор на подолг временски период — особено затоа што забрането е носење на маски или очила.

Понатаму, како што видовме и во првиот дел, нешто слично се случи во заедничките домови во Сингапур.

Да ве потесетам, ова е слика од главниот заеднички дом, сликана откако се затвори земјата.

Исто: ова се места каде луѓето се во затворен простор и постојано комуницираат еден со друг преку зборување.

Работници мигранти во нивната соба во заеднички дом во Сингапур. Слика: EPA. Извор. Како што гледате, ни самите не се криви за ширењето на вирусот, ова последица е на условите за живеење.

Бруталното ширење на коронавирусот на социјални собири се случува во многу слично примери. Еден од нив е хорот во државата Вашингтон, каде луѓето стојат блиску еден до друг и пеат долг временски период. Од вкупно 60 членови, 45 се заразија.

Над 4000 лица се заразија низ Европа, најверојатно од шанкер во Ишгл, каде собирите после скијање се секојдневие.

Трофана Алм, собир после скијање во Ишгл

Во германскиот регион околу Гангелт се појавија 1500 случаи после карневал, каде луѓето се дружеле, зборувале, пееле и се поздравувале со бакнеж на образите.

Ова е слика од карневалот:

Извор

Другиот најголем кластер во Германија повторно е поради прослава. Германскиот дистрикт Тиршенројт, со 600 случаи, има најмногу случаи по глава на жител во цела Германија, после фестивал кој го славел пивото.

Листата продолжува:

  • На плажата Бонди во Сиднеј, се заразиле најмалку 30 лица откако присуствувале на забава една вечер пред да се воведе забрана на собири со повеќе од 500 лица.
  • Во Франција, четиридневна прослава во црквата Порте Оверта (Porte Ouverte), каде присуствувале 2500 верници, голем број на луѓе се заразиле и предизвикале многу кластери низ целата земја, вклучувајќи и 250 лица кои работеле во универзитетската болница во Стразбур и 263 лица во Корзика.
  • Поради фудбалски меч во февруари, помеѓу италијанскиот тим Аталанта од Бергамо и Валенсија од Шпанија, подоцна беше причината за епидемијата во Бергамо, една од најголемите во Италија.
  • Дури и во Сеул, главниот град на Јужна Кореја, што е една од земјите кои најдобро се справуваат со коронавирусот, се затворија 2100 барови и клубови во средината на мај, откако едно заразено лице посети пет клубови за време на продолжен викенд и до сега зарази околу 100 лица. Моментално се следат околу 1900 контакти.

Ова не е ограниченно само на големи прослави.

Свадбите, погребите и родендените создале 10% од најраните кластери во САД. На пример, овој човек од Чикаго заразил 16 други луѓе на погреб, а три од нив потоа починале. Ова има смисла, затоа што луѓето на ваквите настани често поминуваат многу часови заедно, се допираат, прегрнуваат, зборуваат. За време на оваа забава со 50 посетители, на половина се заразиле, а потоа овие лица го прошириле вирусот низ САД и низ светот.

Овие супер-пренесувачки настани се случуваат и во бизнис индустријата.

Во САД, имало епидемии во најмалку 115 фабрики за преработка на месо, каде заразени биле околу 5000 вработени.

Работници во фабрика. Извор.

За време на биоген конференција во Бостон, на почетокот на март, се заразиле околу 100 лица, кои потоа го прошириле вирусот во четири соединети држави. Во фабрика за риби во Гана, еден работник заразил над 500 други.

Но, ширењето не е ограничено само кај работниците. Еден работник во кол центар заразил околу 100 колеги (околу 45%) во Јужна Кореја.

Извор

Кажете им пријатно на отворените канцелариски простории.

Секаде низ светото постојано ги гледаме истите навики. Физичка блискост, комуникации, пеење, зборување, танцување, гушкање, бакнување, сето ова во затворен простор на долг временски период. Според чија шема, капките преку кои се шири вирусот, преку кашлање, зборување или пеење. Немаме информаци за зарази кои потекнуваат од кино сали, каде луѓето најчесто се тивки и постојано седат на едно место.

Едно истражување водено од доктор Карл Џуно (Carl Juneau) — јас сум коавтор — анализираше многу други истражувања. За сезонскиот грип, доказите не се сигурни, но најчесто важни се временските периоди и видот на настаните. Откривме дека сезонскиот грип повеќе се шири за време на настани кои се во затворен простор и имаат голем број на посетители. Друго истражување откри дека, за сезонскиот грип, ограничувањето на јавните собири помага само до почетокот на епидемија (но, нема голем ефект 20 денови после врвот на епидемијата на сезонскиот грип). Еве неколку важни цитати од понови истражувања:

„Најдобрите докази ни покажуваат дека на поголем ризик се настаните кои траат по неколку дена, кои имаат многу посетители во затворен простор. Масовните собири не се хомогени и ризикот треба да биде пресметан случај по случај.“ Nunan и Brassey, (март, 2020), универзитетот Оксфорд, не е рецензиран.

„Резултатите покажаа дека дури и откажаните настани можат да ја намалат заразата од Ковид-19 за 35%.“ Sugishita et al. (март, 2020), не е рецензиран.

Фергусон и останати истражувачи, од Империјалниот колеџ веруваат дека ограничувањето на јавните собири има влијание врз намалувањето на стапката на пренесување од околу 12,5%.

Со сите овие докази ни е се појасно дека коронавирусот обожава социјални собири и гужви. За сите оние кои го сакаме чувството што ни го даваат големите групи и запознавањето на нови луѓе, можеби ќе мора да се откажеме од нив на неколку месеци. А ова е особено важно доколку запознаваме многу нови луѓе.

Социјалната мрежа

Во ова истражување, се анализира колку брзо се шират заразните болести во социјални групи. Колку е поголема групата, толку побрзо се шири заразата низ целата група.

Погледнете ја зелената линија каде пишува n=20, која претставува група од 20 луѓе. Оваа линија ни покажува дека со зголемувањето на стапката на пренесување на вирусот, се зголемува и бројот на заразени лица во групата. Ова се случува многу побрзо во споредба со остатокот од населението (долната испрекината линија). Но, со група од 100 лица ќе се заразат и тие, иако има ниска стапка на пренесување.

Да го споредиме ова со концерт посетен од 10,000 лица и училница со 20 лица. Со концертот, многу е поголема веројатноста дека има најмалку едно заразено лице, во споредба со училницата. Понатаму, секое лице комуницира со голем број на луѓе, додека во училница, максималниот број е 20. Плус, голем дел од луѓето на концертот не се ни познаваат еден со друг. Доаѓаат од различни општествени групи, па вирусот ќе се прошири низ сите тие групи, а тие лица кога ќе се вратат во сопствените групи ќе ги заразат и лицата во нив. За разлика од таа ситуација, бидејќи во училницата постојано се собираат истите лица, доколку некој се зарази, најголем дел од заразата ќе биде ограничен во истата група.

Големите настани не се полоши од малите настани. Туку се многу, многу полоши.

Во следните неколку месеци, со подобри истражувања можеби ќе откриеме колкаво е влијаието на собирите во различните општествени групи врз ширењето на коронавирусот. Но, во меѓувреме, можеме да претпоставиме дека:

  • Собирите треба да ги избегнуваме ако голем број на лица се физички блиску еден до друг, пеат, мнгоу зборуваат и комуницираат.
  • Затворените простори се многу полоши од активностите на отворено.
  • Времето е важно. Краток временски период најверојатно е во ред. Но долг не е.
  • Мешањето на различни групи е особено лошо.
  • Контрастно, малите собири на отворено, каде луѓето не зборуваат или не комуницираат премногу најверојатно се во ред, особено ако се комбинирани со останатите мерки како носењето маски, физичкото дистанцирање и хигиената.

Како можеме да ги искористиме овие информации за да одлучиме кои настани можеме да ги одржеме?

Рестрикции за социјални собири: превенција на ширењето

Можеме да поставиме неколку основни правила. На пример:

  • Кината и концертите со класична музика се многу посигурни настани во споредба со рок концертите. Во првите случаи, ограничен број на лица седи на мала физичка дистанца, но меѓу нив или има многу мала комуникација или воопшто нема. Доколку е потребно, можат да користат и маски, а можат и да седат на растојание од 2 метри. За време на голем рок концерт, тешко е да не пеете, танцувате или комуницирате со останатите луѓе околу вас.
  • Училиштата и малите бизнис состаноци каде постојано присуствуваат истите лица се многу посигурни отколку големите панаѓури, спортските настани и патувањето до работа. Доколку некој се зарази во склоп на училиштето, ќе се заразат и многу други лица во склоп на истата мрежа, но тоа не значи дека заразата ќе се прошири на многу повеќе места надвор од таа мрежа.
  • Доколку наскоро треба да присуствувате на свадба, откажете или презакажете ја, или пак имајте мала церемонија на отворено каде сите ќе носат маски, нема да се прегрнуваат, ќе избегнуваат разговор — особено на мала дистанца. Но, бидејќи сето ова е тешко, многу е посигурно да ја презакажете. Во секој случај, доколку се одлучите да ја организирате свадбата, кажете и на баба ви или на братучедот со дијабетес дека иако многу ги сакате, да не присуствуваат на овој настан. Ова е лоша замена, но со оглед на ситуацијата, најсигурна опција е да присуствуваат со видео повик.

Сите наведени точки се заклучоци кои се базирана врз моментални — но недоволни — докази. Овие заклучоци ќе се сменат. Но со нив, ќе сфатите колку се ризични настаните. Ние се обидуваме да претпоставиме колку зарази ќе се појават на поединечни настани.

Белешка: сите овие броеви се претпоставени според се што имам прочитано. Сигурен сум дека не се точни. Сепак, ова се одлуките кои ги носиме денес: информирани претпоставки. Се надевам дека ова ќе предизвика нови истражувања околу темава.

Во оваа табела се обидуваме да пресметаме колку зарази би се предизвикале од различни настани. Забележуваме дека гледањето на филм во кино можеби ќе зарази едно лице, додека голем панаѓур би заразил 20,000 лица.

Ова е само едниот дел на формулата: цената на дозволувањето на одредени настани. Другиот дел се предностите.

Анализата на цената и предностите на социјалните собири

Откако ќе ја откриете цената на еден настан — заразите — можете да пресметате кои се предностите за секој настан, па конечно да можете се да споредите.

Откако добиете верзија од формулата која има смисла, ќе имате многу заклучоци:

  1. Дали вреди да се дозволат настаните, откако знаеме која е цената и кои се предностите? На пример, со овој модел, операта има вредност од 33,000 долари од зараза. Тоа е најголемата вредност по лице од сите настани (повторно, најверојатно не е точно. Ова е само пример.) Но која е цената по зараза за општеството? Доколку кажеме, врз база на нашиот здравствен систем, дека цената е само 10,000 долари од зараза, тогаш треба да дозволиме настани како операта, театарот, кината и големите конференции, додека да забраниме настани како големи панаѓури или музички концерти, затоа што нивната вредност е под 10,000 долари од зараза.
  2. Како можеме да ја пресметаме вредноста надвор од финансиските пресметки, како психолошките, етичките или легалните вредности?
  3. Како се менува со менувањето на распространетоста? Со колкава распространетост можеме да дозволуваме настани? Како се менува ова според регионите? Дали можеме да дозволиме настани во места каде има мал број на случаи? На кој степен од распространетоста можеме да ги дозволиме другите настани?
  4. Како можам јас да влијаам врз ризикот на различните настани? Дали можам да воведам задолжително носење маски? Дали можам да ги присилам луѓето да комуницираат со мал број на луѓе
  5. Како можеме да ги споредиме овие вредности по зараза со оние кога туристите пристигнуваат во вашата земја?

Доколку се воведат интелигентнти мерки, можеби има вредност во дозволувањето на овие настани.

На пример, доколку задолжително мора да се скенира QR код пред влезот на некој настан, а луѓето кои присуствуваат задолжително мора да ја вклучат Блутут опцијата додека се присутни за да регистрираме кој е во нивна близина, доколку откриеме дека едно лице било заразено, можеме да ги проследиме сите други лица кои биле во близина, да стапиме во контакт, да ги тестираме и да ги изолираме или ставиме во карантин. Доколку има проверки на телесната температура на влезовите, ова може да го намали бројот на потенцијални зарази кои влегуваат (но, најверојатно помалку од половина). Доколку успеете да ги присилите луѓето да носат маски, настанот можеби и вреди да се одржи.

Совршеното е непријател на доброто: зошто ни е потребна непрецизна рамка

Ова можеби звучи тешко и непрецизно, па вреди да запреме за момент, за да размислиме зошто воопшто и го правиме.

Најголемиот дел на луѓето кои ги носат одлуките сето ова го претпоставуваат. Дури и ако не пресметуваат формално и математички, сепак ги прават овие пресметки. Ние само ги изнесуваме нивните мисли за луѓето да можат да ги дебатираат со заеднички јазик.

Кога група на научници и политичари се собираат за да одлучат колкава група на луѓе можат да се собираат, што мислите, каков е разговорот? Можеби не сфаќаат, но разговараат за цените и предностите.

„Доколку забраниме настани со повеќе од 1000 лица, забрануваме многу спортови, панаѓури и музички настани. Ова е тешко.“

„Да, но за време на тие настани има многу зарази.“

„Но, што се случува со сите изгубени работни места?“

„Размислете за сите спречени смртни случаи!“

Не се обидуваме да бидеме прецизни кога зборуваме за цените и предностите. Со информациите кои ги имаме, не е возможно да бидеме прецизни. Целта е да ги ставиме сите пристрасности, информации, знаење, цели, проблеми и решенија на едно место, пред сите, со заеднички јазик, за да можеме да разговараме за нив и најдобро да можеме да претпоставиме кои дозволи се најдобри за општеството.

Кои бизниси треба да ги отвореме или затвориме?

Научниците веќе го применуваат овој пристап за да одлучат кои бизниси треба први да се отворат:

Извор. Белешки: опасноста е пресметана заедно со бројот на посети, бројот на поединци и лице/час посети кога се присутни повеќе лица. Значи, банките се доста сигурни затоа што не ги посетуваат многу лица, тие што ги посетуваат се постојано исти лица и не поминуваат многу време внатре. Контрастно, многу различни лица посетуваат спортски сали и кафичи, каде поминуваат многу време — а во кафичитие тие и разговараат лице в лице. Ова станува важно кога го комбинираме со информациите колку им се бизнисите важни на луѓето, што ги добивме од анкети, како и колку заработуваат, пресметано со приходите и вработените. Овој модел не е совршен затоа што не се пресметани разговорите лице в лице или пеењето. За нив се потребни други модели, како и за останати емпириски резултати.

Според оваа анализа (каде се разгледани реални информации како мобилност, желби на потрошувачите и статистика од властите) најважно е да останат отворени банките и маркетите, додека спортските сали или кафичите треба да останат затворени и последни да се отворат. Не е совршено, но отприлика добиваме некаков приоритет во редоследот на отворање:

  • Ако се затворени, банките, финансиските компании и маркетите треба први да се отворат
  • Потоа, треба да се отворат стоковните куќи, колеџите и универзитетите, продавниците за облека и обувки, како и автомобилските салони и механичарите
  • Следуваат салоните за мебел и домаќинство, продавниците за бела техника, салоните за убавина и фризерските салони, продавниците за алати, храмовите, казината, продавниците за канцелариски материјали и кината
  • Следни се забавните паркови, книжарниците, музеите, продавниците за миленици и градежни материјали, како и продавниците за алкохол и цигари.
  • Последно треба да се отворат продавниците за спортска опрема, спортските сали, кафичите и рестораните.

Интересен е фактот дека земјите веќе интуитивно ги подредиле според приоритетите за отворање, дури и со недостатокот на информации.

Ваквите модели се уште не се совршени. На пример, не се согласувам со заклучокот за местата за јадење. Точно е дека рестораните за брза храна треба да бидат отворени пред рестораните каде седете и јадете, бидејќи луѓето не би поминувале многу време во нив и не би разговарале многу, но според ова истражување дел од нив треба целосно да ги отвориме многу рано. Затоа што не е пресметан големиот ризик кој се добива од рестораните каде луѓето седат еден наспроти друг долго време. Исто така, не се земени во предвид креативните начини на кои бизнисите можат да се адаптираат за да можат сигурно да бидат отворени. На пример, спортските сали би можеле да го ограничат бројот на посетители, подобро да го организираат просторот, да воведат правило каде луѓето ќе мора да држат растојание од 2 метри и да вработат лице кои постојано ќе го чисти просторот, како во оваа спортска сала:

Исто така, бизнисите можат да воведат построги рестрикции во работното време за редовните клиенти. Ова е само пример, сепак, погенералното прашање можеби не е „Кои бизниси треба да се отворат?“ туку „Како можеме сигурно да ги отвореме бизнисите?“

Семејствата и превозот

Во Кина, надвор од регионот Хубеи, околу 80% од заразите ги сочинуваа семејства и нивните блиски контакти. Ова е сигурно резултат на домашните карантини, затоа што големите собири беа ограничени. Но, ни покажува како се шири вирусот во семејствата.

Во овие контакти, на најголем ризик за зараза се сопружиците: 28% од нив се заразуваат, во споредба со 17% од останатите возрасни во домот, а само 4% од децата под 18 години.

Како и да е, можеме да донесеме заклучоци кои ќе ги користиме на други места:

  • Запирањето на заразите во домовите има голем ефект врз епидемијата
  • Мала е веројатноста да се заразите од случајни минувачи на улица
  • Но, голема е веројатноста да се заразите од вашиот партнер, вашите деца, вашите родители или пријателите кои ги посетувате.

Влијание има и превозот, но не е јасно дали тоа е поради патувањето со членови на семејството или патувањето со други луѓе.

Значи, внимателни бидете околу вашето семејство. Избегнувајте физички контакт со членовите кои се во ризичните групи. Подобро е само да им се јавите. Доколку некој има симптоми, изолирајте го тоа лица. Иако е тешко кога станува збор на член на семејството, алтернативата е повеќе заразени лица, посети во болница, па дури и смрт. Значи, ако има симптоми, избегнувајте бакнежи, прегратки, па дури и разговор без маски.

Благодарност до доктор Muge Cevik за збирот на истражувања.

А училиштата?

Улогата на децата во епидемијата на коронавирусот не е јасна. Колкава е веројантоста тие да се заразат и да го пренесат на други? Каков ефект има врз нив?

Од една страна, тие веројатно помалку се заразуваат, а кога се заразени, не умираат од вирусот ниту пак заразуваат многу други лица. Според ова, затворањето на училиштата нема голем ефект врз ограничувањето на ширењето на вирусот. Од друга страна, не сме сигурни, затоа што најголем дел од земјите ги затворија, па тешко е да споредиме, но сепак, има нови вести околу деца со посебни симптоми и зарази во дневни престои.

Една земја каде само во неколку региони беа затворени училиштата на само неколку недели е Австралија, каде епидемијата сега е под контрола.

Според нивниот премиер и советите кои ги добиле од експертите, отворените училишта не би имале голем ефект врз ширењето на вирусот, дури би било и подобро затоа што децата не би заразувале голем број различни општествени групи (најмногу останатите во училницата/училиштето) и би било подобро бидејќи родителите би можеле да одат на работа.

Кое е влијанието врз образованитео? Знаеме дека учениците кои пропуштиле дел од своето образование за време на втората светска војна имале значителни снижувања во приходите во текот на животот. Сега, со секоја година што се образовате, добивате 10% повеќе годишни приходи. Затворањето на училиштата имаат и голем ефект врз нееднаквоста, бидејќи децата од побогатите семејства имаат повеќе поддршка, додека оние од посиромашните семејства, кои се хранат на училиште, можеби нема да јадат дома.

Според сите овие информации, добро би било внимателно да се отворат училиштата. Економист (Economist) предложи разумен редослед:

  1. Започнете со малите деца, со отворање на дневниот престој, градинките и основните училишта. Овие деца најмногу учат, коронавирусот најмалку ги напаѓа, нивните родители ќе одморат и ќе можат да одат на работа, а нивната возраст е идеална за намалување на нееднаквоста низ учење и исхрана (белешка: Судир на интереси. Имам три мали деца.)
  2. Продолжете со поголемите деца, особено оние кои имаат важни испити: тие можат да ги следат правилата за физичко дистанцирање и иднината најмногу им зависи.
  3. Мора да се воведат мерки што ќе го намалат ширењето на заразата, како проверки на температурата, тестови за просветните работници (а и за децата), намалување на бројот на ученици во училниците, а распоредот би бил поделен на смени или на денови.

Колеџите и универзитетите се различни од училиштата. Таму се собираат многу луѓе од различни општествени групи. Студентите комуницираат низ гужвите, каде се на мала дистанца. Вака е за скоро сите делови од нивните животи, од училниците до групите за учење, студентските домови или забавите. Студентите се и постари од децата, поголема е веројатноста да се заразат, а можат повеќе да учат онлајн.

Според ова ризикот е поголем отколку кај училиштата, а има помалку предности. И покрај сето ова, на универзитетите не им е лесно. Доколку не се отворат наесен, ќе изгубат половина од годишните приходи. Доколку одржуваат часови онлајн, кажуваат дека часовите со физичко присуство не се толку корисни колку што тврдат, што тешко може да се демантира откако повторно ќе се отворат за студентите.

Ова е голема предност за онлајн училиштата, додека на некои од универзитетите кои веќе имаат финансиски проблеми, ќе им биде потешко да останат отворени подоцна.

Затоа толку се брзаат за да отворат наесен. Се ќе сторат за да бидат отворени и да го намалат ширењето на вирусот.

Можеби ќе успеат, затоа што на студентите им е полесно да ги следат правилата за социјално дистанцирање, додека универзитите се на позиција каде можат да го сменат распоредот за да го ограничат ширењето на вирусот и да наметнат задолжително користење на апликациите на телефоните, со што ќе се олесни следењето на контактите и нивното изолирање (белешка: конфликт на интереси. Работам во Course Hero, компанија што им помага на студентите да учат онлајн.)

Накратко за рестрикциите за собирите

Го научивме следново:

  • Коронавирусот најмногу се шири во затворени простории, каде луѓето поминуваат голем временски период заедно, разговараат, пеат, дишат или се допираат.
  • Големите настани каде се мешаат голем број на општествени групи се поризични. Тие треба да се ограничени. Особено саемите, музичките фестивали, додека кината и оперите можеби се во ред, доколку се почитува физичкото дистанцирање.
  • Бавно треба да се отворат бизнисите. Најголем приоритет секогаш се маркетите, банките, финансиските сервиси, додека намал се спортските сали, кафичите, рестораните, баровите и клубовите.
  • Работните места каде има гужва се рецепт за катастрофална епидемија. Мора да се воведат мерки за физичко дистанцирање, како физички бариери, проверка на температурата, различни смени, работа од дома или, доколку има можност, работа на отворено.
  • Бидете многу внимателни со семејството. Големи се шансите да се заразите од партнерот или од другите возрасни во домот или од пријателите. Најголемиот ризик е дома или за време на патување. Избегнувајте посети на бабите и дедовците и максимално изолирајте се доколку имате симптоми.
  • Отворањето на училиштата треба да е приоритет, но со внимание, а да се започне со помалите деца.

Земјите мора да ги спречат кластерите и ширењето.

Разгледавме како да се спречи ширењето на коронавирусот со ограничување на социјални собири. Сега, треба да се погрижиме да не се создаваат кластери во општеството со нови случаи од странство. Да ги разгледаме рестрикциите за патување.

Овој дел е доста инспириран од работата на Barthold Albrecht. Благодарам!

Рестрикции за патување: спречување на кластери

Влијанието на рестрикциите за патување во источна Азија

Како што забележавме во првиот дел од оваа серија, Сингапур применуваше многу правилни мерки, со скоро совршен танц, но, потоа, пристигнаа работници од странство кои создадоа нови кластери на коронавирус што ја распламти епидемијата. Лесните рестрикции за патување ја засилија болеста, незадолжителното носење на маски го рашири вирусот, а недостатокот на ограничувања за социјални собири создаде супер-пренесувачки настани.

Земјата одлично ги контролираше кластерите од Кина на почетокот. Како што гледате, неколкуте сини кластери во јануари запреле откако се воведе забрана за посетители од Кина. Но, не воведоа забрана за посетители од земји како Италија, Франција, Шпанија и Германија во првата половина од март, а потоа од Велика Британија и САД, па и од други земји. Затоа овие неколку случаи подоцна создадоа епидемија (со розова боја).

Како што видовме во првиот дел, Тајван постојано воведуваше забрани за патување и дневно беа обновувавни. Земјата забрани посетители од Вухан кога се затвори Тајван, а за сите жители на Кина две недели подоцна, на 6ти февруари. На 14ти март, воведоа задолжителен двонеделен карантин на влезот за сите посетители од Европа. Оваа мерка се прошири за сите посетители три дена подоцна, а до 19ти март забрана добија сите странци. Од 18ти април забрането е секое незадолжително патување, додека сите нови посетители задолжително беа во двонеделен карантин.

Јужна Кореја воведе обратна забрана. „Благодарение“ на раната епидемија, 171 земја забранија патување до и од Јужна Кореја, со што се избегнаа многу потенцијални кластери.

Друга земја што официјално добро се справи со кризата е Виетнам. Изјавија дека има епидемија на 1ви февруари, кога открија дека вирусот се шири низ земјата. Ги запреа сите летови од Кина. Набрзо потоа ги запреа летовите од голем број на земји. Толку беа брзи што забранија туристи од Шпанија, Франција и Велика Британија пред да се затворат овие три земји. Од 18ти април, земјата има 270 случаи, а имаат 95 милиони жители.

Овој графикон ни покажува кога ги презеле мерките за патувања земјите во источна Азија. Секоја земја има свој ред, а обоените линии ни ги покажуваат рестрикциите за одредени географски региони: Хубеи, Кина, Јужна Кореја, Северна Италија, Европа, остатокот од светот. Тешко е ова да се прикаже во графикон, затоа што можат да се воведат бесконечно многу мерки, од проверки на температура до здравствени известувања, регионални рестрикции за патување, карантин за одредени посетители, исклучоци за други… Но, се обидовме да го претставиме на наједноставниот начин, ги зедовме мерките кои се најблиску до задолжителен карантин за сите посетители од одреден регион или целосна забрана — и покрај големиот број на исклучоци, како за дипломатите и сл.

Во овој графикон ги гледаме различните забрани за патување што ги воведоа земјите од источна Азија. Секоја линија претставува рестрикција од различен регион, од Хубеи па до целиот свет. Гледаме дека Тајван и Виетнам, две земји каде има помалку од 1000 случаи, побрзо вовеле забрани за патување за разлика од другите земји.

Сингапур беа прилично брзи, но не доволно брзи за да ги спречат кластерите, кои најчесто доаѓаа од Бангладеш и Индонезија. Но, имаа и среќа: ако Сингапур не беше толку космополитски, би немало толкава епидемија. За среќа, со одлично менаџирање, земјата веќе ја намали епидемијата.

Јужна Кореја е посебен случај: не воведе рестрикции за патување со иста брзина, но брзо воведе забрани за патување од Кина. До крајот на февруари, десетици земји веќе воведоа забрани за патување од Јужна Кореја, што им го отежна патувањето и на посетителите што одеа таму. Оваа “обратна забрана“ значително и помогна на земјата.

Иако Тајланд беше побавен, воведе одредени мерки, како проверка на температура и здравствени известувања. Можеби имале и среќа што не се појавиле многу кластери.

Јапонија била најбавна од сите, што можеби ни го објаснува бавното зголемување на случаите во февруари и март, а конечниот бран стигнал на крајот од март. За среќа и оваа земја добро реагирала и моментално ја контролира епидемијата.

Со сите овие информации, гледаме дека земјите во источна Азија што најбрзо вовеле рестрикции за патување се истите што имаат помал број на кластери, а со тоа и помалку ширење.

Но очигледно, проблемот е што овие забрани за патување се многу скапи. За земјите кои зависат од туризам се неопходни.

Забрани за патување или карантин

Околу 10% од глобалниот БДП припаѓа на туризмот. За земја како Шпанија, вредноста е 15%. Оваа земја 83 милиони посетители годишно. Со затворањето во март и април, земјата изгуби 2% БДП за само два месеци. Веќе се очајни за отворање: 6% од вкупниот БДП е од туризмот од јуни до септември. Дали Шпанија ќе стигне да се отвори на време? Како треба секоја земја да размислува за рестрикциите за патување?

Има многу видови на рестрикции за патување, како проверки на температурата, здравствени известувања или тестирање, но две од нив имаат големо влијание врз кластерите: карантин и забрани. Со карантин, посетителите мора да бидат затворени две недели. Со забраните, им се забранува да влезат во земјата.

Доколку карантинот е детален како во Тајван, можеме да претпоставиме дека нема да има многу заразени од туристите.

За жал, ова е скапо и не е практично за многу туристи. Кој сака да помине две недели од одморот затворен во соба, а потоа да помине уште две недели во карантин откако ќе се врати дома?

Доколку туристичките земји како Шпанија го започнат танцот, треба да ги ограничат кластерите кои ќе пристигнат од странство. За пример, да ги земеме туристите од Велика Британија. Во 2019г. 18 милиони Британци ја посетиле Шпанија. Да претпоставиме дека 1,2% од Британците се заразени и дека шансите да патуваат болни луѓе се околу 50% помали. Ова значи дека, за една година, Шпанија би увезла 108,000 случаи на коронавирус од Велика Британија, во просек, околу 300 на ден. Ова е само една земја. Замислете каква катастрофа би се случила доколку земјата целосно би била отворена за туристи.

Како треба да размислува на оваа тема земја како Шпанија?

Целта е да се размислува за цените и предностите. Цената тука е нови кластери на зараза во земјата. Ова сакаме да го намалиме. Треба да се обидеме да го откриеме бројот на зарази што би го донеле странските туристи. Предноста е парите што се внесуваат во економијата.

Најверојатно има два видови на патници: оти кои би оделе во карантин и оние кои не би оделе во карантин. Оние кои би оделе во карантин веројатно би живееле во земјата и значително би учествувале во економијата. Благодарение на карантинот, тие луѓе не би додале многу нови случаи во земјата. Значи, тие имаат помала цена во однос на заразени лица и повеќе вредат во однос на економска активност.

Значи воглавно, земјите кои можат да си дозволат кластери кои потекнуваат од странство треба најпрво да ги сменат забраните за патување со карантин за сите посетители, без разлика од која земја доаѓаат. Шпанија конечно го сфати ова.

Земјите кои воведуваат добар карантин за патниците кои ќе престојуваат на долг временски период, се грижат тие патници да имаат каде да престојуваат. Во спротивно, ќе мора да престојуваат во хотел одреден од власта. Некои земји дури и ги плаѓаат овие хотели.

Овие земји се грижат и транспортот од аеродромот или границата, до локацијата каде престојува туристот нема многу шанси за пренесување на вирусот низ локалното население. Во Тајван или Кина, го користите приватното возило или транспорт обезбеден од властите. Секој друг вид на транспорт — дури и пешачење — е забранет.

Откако ќе почнат правилно да функционираат овие процедури, земјите треба да ја набљудуваат ситуацијата за да не се појават нови увезени кластери, а тие кластери да бидат контролирани. Можеби ќе ги сменат забраните за патување во карантин според земјата од која се патува, во зависност од случаите кои пристигнуваат и можноста за нивното контролирање.

Размислете ја следнава измислена ситуација:

Замислете дека земја како Шпанија треба да избере за кои земји прво ќе ги отвори границите. Земјата H најчесто е добар извор на туристи (10 милиони!), но не ја исконтролирала епидемијата, па моментално, околу 5% од населението е заразено. Ако претпоставиме дека овие луѓе не се чувствуваат добро и шансите да патуваат се 30% помали од останатите, ова значи дека би увезле 350,000 инфекции. Нема шанси.

Понатаму, земјата D успешно танцува и има мал број на заразени патници. Има логика границите да се отворат за таа земја. Но за која земја тогаш треба да отвориме: D, O или W? Треба да се пресмета и вредноста која ја добиваме во земјата со секој заразен патник.

Овде, Шпанија вовела карантин за сите патници кои остануваат на долг временски период, а со тоа претпоставуваме дека ќе се намали бројот на кластери за 75%. Гледаме дека со отворање на границите за земјата H, добиваме околу 1,7 милиони долари од заразена личност за економијата, но, ако ја отвориме Шпанија за посетители од земјата D, добиваме 700 милиони долари. Очигледно е дека ако Шпанија треба да одлучи од каде ќе дојдат првите посетители кои ќе останат на долг временски период, треба најпрво да ја избере земјата D, потоа O (околу 11 милиони долари од заразена личност), па W и на крај H.

Шпанија би одлучила колку кластери би добила од овие земји во зависност од бројот на случаи со кои може да се справи. Тука, со отворање за земјите D, O и W, би добиле околу 1250 случаи годишно во земјата ил околу 4 на ден.

Ако ова е можно, следното прашање за секоја земја станува: дали воопшто можеме да ги укинеме карантините за патниците од одредени земји? Ова е целта на туризмот. Без овој фактор, туризмот не може да функционира.

Пресметката е иста: Која е вредноста од турист што се добива, а која е цената на секоја зараза? Отворете ги границите за земјите каде ја добивате најдобрата вредност за секоја зараза, до максималниот број што може да го издржи здравствениот систем, се додека предностите се поголеми од цената.

Ова ни илустрира, на пример, дека има смисла да им дозволиме посета на туристите од земјите D и O, ду и без карантин, пред да дозволиме посета на било кој турист кој би останал на долг временски период од земјата H, само затоа што земјите D и О добро танцуваат: Нивните туристи ни носат 25 милиони долари и 2 милиони долари за локалната економија, во споредба со 1,7 милиони долари кои би ги донесле и туристите кои остануваат на долг временски период од земјата H.

Со ова, можеме да ги подредиме според приоритет за кои земји најпрво ќе ги отвориме границите и какви посетители ќе добиеме.

Ако Шпанија може да си дозволи да добива по 10 нови случаи на ден, може да им дозволи пристап на посетителите кои ќе останат на долг временски период од земјите D, O и W, а и на туристите од земјата D.

Има неколку важни детали. На пример, не претпоставувајте само од која земја потекнуваат посетителите, туку и од која земја патуваат. Треба да бидете сигурни за процентот на зараза што можете да го спречите со карантин. Треба да претпоставите колкава е распространетоста во секоја земја и да ја знаете вредноста од секој турист или жител.

Научете кои бројки се најважни и како да влијаете врз нив. За овој модел, главните бројки се распространетоста на заразените луѓе во земјите и процентот на заразени што можете да го откриете или изолирате. Доколку, на пример, дозволите проверки на температура и PCR тестови (тест за проверка на антитела) на аеродромите за да откриете кој е заразен, веднаш ќе можете повеќе да ја отворите земјата. Ова е резултатот ако ги откриете 75% од потенцијалните заразени:

Одеднаш, посетителите кои ќе останат на подолг временски период и туристите од голем број на земји се добредојдени! Можеби ова е една од причините зошто во Јужна Кореја границите останаа отворени толку долго. Ова е нивниот процес:

Австрија веќе нуди PCR тестови за патниците кои патуваат во и надвор од земјата.

Овие важни детали треба да се откријат во следните неколку недели и месеци. Сите овие бројки се претпоставки. Но, ако редот на големина е точен, со овој модел ќе добиеме многу информации. На пример:

  • Има два фактори во распространетоста на коронавирусот (процентот на населението кое е заразено) од земјата на потекло и колку сме успешни во откривање и изолирање на случаите. Потоа, потребна ни е вредноста на посетителот или туристот.
  • Ако има голем број на случаи низ светот, дури и да ги ставиме сите патници во карантин би го преоптовариле системот, па можеби ќе треба да избираме за која земја би ги отвориле границите. Доколку најголем дел од земјите низ светот го стават коронавирусот под контрола, распространетоста ќе биде толку ниска што земјите ќе можат да ги отворат границите за патници кои ќе останат на долг временски период од многу земји.
  • Земјите кои се обидуваат да се справат со колективен имунитет можеби имаат толку многу случаи, што дури и да ги ставиме во карантин посетителите кои ќе останат на долг временски период не е доволно за да им дозволиме да одат во странство.
  • Посетителите кои остануваат на долг временски период, кои најверојатно имаат повеќе вредност од лице за земјата отколку туристите и можеби би оделе во карантин, најверојатно имаат поголем приоритет од туристите. Ако е така, побрзо би ги отвориле границите со карантин за патниците, а откако системот се справи со нив, ќе можеме да им дозволиме на туристите да патуваат без карантин.
  • Ако некоја земја одлично ги открива заразените патници и ги става во карантин, со 100% успех, може да ги отвори границите за посетители од цел свет.
  • Генерално, на туристите би им дозволиле пристап после жителите. Но жителите од земји каде распространетоста е мала можеби ќе одат каде сакаат. За туристичката индустрија ова не е лесно: би било можно само доколку распространетоста е на ниско ниво, земјите одлично ги откриваат раните случаи или туристичката индустрија открие начин на кој сите клиенти би биле на физичка дистанца, во спротивен случај индустријата е во загуба се додека не се направи вакцина или не се открие ефикасен лек.

Сето ова е базирано врз теоретски модел, значи можеби сите овие заклучоци се грешни. Целта не е да стигнеме до овие заклучоци, туку да нагласиме како би им помогнало ова размислување на политичарите.

Ова е генерално, како размислува Хонг Конг за проблемот

Од официјалниот план:

„Власта спроведе детална анализа на ризиците пред да имплементира здравствени мерки во однос на епидемијата во другите земји или региони. Освен што се разгледа бројот, дистрибуцијата и стапката на зголемување на заразени лица, власта исто така ги разгледа и мерките за контрола и набљудување кои властите ги воведоа во сите земји/региони, како и фреквенцијата на патување од Хонг Конг до секоја земја/регион. Власта ќе ги прегледа сите важни мерки во однос на сите нови случувања со епидемијата„ — Законодавниот совет на секторот за контрола и превенција на коронавирусот, 2019г во Хонг Конг

Приказна за два света

Ова ни кажува дека земјите можат да се поделат на два дела: земји кои танцуваат и заразени земји.

Со многу труд, земјите кои танцуваат ќе го елиминираат најголемиот дел од случаите на коронавирус. Ќе дозволат патување меѓу нив, со мал број ограничувања. Но, ќе ги одбегнуваат земјите кои се одлучиле да се справуваат со колективен имунитет, за да не создадат нова епидемија. Додека, заразените земји, би дозволиле посетители од сите земји, бидејќи нема што да изгубат. За жал, најголем дел од посетителите ќе бидат од други заразени земји, затоа што земјите кои танцуваат нема да сакаат да се заразат, а тие земји нема да дозволат патниците да се вратат од заразените земји без карантин..

Ова е уште една причина зошто земјите кои одлучиле да се справуваат со колективен имунитет треба да бидат внимателни. Ќе им го отежнат патувањето на жителите во странство, ќе го отежнат отворањето на туристичката индустрија поради големиот број на рестрикции до и од тие земји.

До сега, зборувавме само за земји, но истото може да се каже и за регионите.

Во САД, неколку соединети држави кои танцуваат имаат мал број на случаи, како Алјаска, Орегон, Монтана, Ајдахо, Хаваи или Мејн. Заразените држави каде има голема епидемија се Илиноис, Ајова, Њујорк, Њу Џерси или Мериленд.

Можеме да претпоставиме дека државите кои танцуваат би дозволиле патување меѓу нив, но ќе ги спречат посетителите од заразените држави или патниците ќе ги стават во карантин, како и веќе што прават Хаваи или Алјаска. Државите како Калифорнија, Невада или Вашнигтон ќе треба напорно да работат за да стигнат до пониско ниво на распространетост за да влезат во оваа група.

Компаративно, некои држави како Ајова, Небраска или Илиноис би имале преголема епидемија што ќе одлучат да се справат со колективен имунитет. Нив би им се приклучиле јужните земји како Џорџија, Тенеси или Мисисипи. Земјите во средината ќе треба да одлучат дали сакаат да бидат во групата на танчери или заразени.

Нешто слично се размислува во многу земји.

Во Австралија, дозволено е локално и регионално патување за регионите кои го започнале првиот чекор. Во вториот чекор следи патување помеѓу државите, а во третиот и интернационално патување.

Во Шпанија, каде секој регион има различни закони и правила во зависност од степенот на распространетост, патувањето од и до провинциите кои танцуваат ќе биде дозволено, додека заразените провинции ќе треба повеќе да се потрудат да ја запрат епидемијата. Централната власт не им дозволува на провинциите да се справат со колективен имунитет.

Овој дел е инспириран од делата на Jorge Peñalva.

Заклучок

Земјите кои успешно сакаат да танцуваат можат да стигнат до тој степен само со тестирање, следење на контактите, изолирање, карантин, маски, хигиена, физичко дистанцирање и образување на населението. Покрај тоа, ќе треба да ги ограничат собирите се додека распространетоста на коронавирусот не стигне на ниско ниво и откријат начин на кој би ја ограничиле заразата на ваквите настани. За време на танцот, ќе треба да ги ограничат заразите кои доаѓаат од странство со карантин, мерки за филтрирање на границите или со целосна забрана.

Земјите кои овие мерки добро ќе ги спроведат ќе можат да ја отворат економијата и да патуваат меѓусебе.

За земјите кои нема да се справуваат со колективен имунитет, нема само да претрпат намален туризам од земјите кои танцуваат. Треба да се сетиме и на изгубените животи, хроничните болести, моменталната епидемија и влијанието врз економијата.

Доколку стапката на пренесување R е 2,7 околу 65% од населението ќе се зарази, што значи околу 214 милиони Американци. Доколку стапката на фаталност е помеѓу 0,5% и 1,5% — што е многу веројатно со оглед на најточните истражувања за распространетоста на вируост — бројот на смртни случаи во САД ќе изнесува помеѓу 1 и 3 милиони луѓе.

Покрај тоа, има и хронични болести кои ќе произлезат на белите дробови, бубрезите, крвта, мозокот… За да се стигне до колективен имунитет потребни се месеци, а за тоа време економијата би била во депресија затоа што луѓето нема да сакаат да излегуваат, да се заразат и да ги заразат најблиските. Околу 45% од амерканците имаат болести што коронавирусот ги отежнува и ги прави поопасни, како дијабетес, дебелина или само возраст.

Но, сето ова е безвредно, затоа што нема да ја спречат понатамошната епидемија: со колективен имунитет не значи дека населението е во ред. Често се случуваат нови епидемии, особено ако вирусот се однесува како другите сезонски грипови и имунитетот исчезнува по една или две години.

Значи стратегијата на колективен имунитет е лоша и за здравјето и за економијата. Подобро е да се спречат кластерите и ширењето.

--

--