Коронавирус: Основните чекори за танцување што секој може да ги научи

Maja Gjorgjioska
Tomas Pueyo
Published in
17 min readMay 12, 2020

Втор дел од Коронавирус: Како да танцуваме

Извор: Кивањето и коронавирусот (Ковид-19), Journal of the Amercian Medical Association

Оригинален автор: Tomas Pueyo, линк до оригиналот на англиски
Превод: Маја Ѓорѓиоска
Контакт за печатни грешки и забелешки:
https://herefrom95.wordpress.com/contact/

Претходните две статии Коронавирус: Зошто мора веднаш да се реагира и Коронавирусот: Чеканот и танцот заедно собраа над 60 милиони прегледи и се преведени на над 30 јазици. Оваа статија е дел од серија (прв дел) што се фокусира на чекорите кои се потребни за да се отвори економијата.

Накратко за статијата: Секоја земја може да ги следи следниве мерки кои се многу евтини и драматично ја намалуваат епидемијата: задолжително носење било каква заштита за лицето, физичко дистанцирање, хигиена и образование за јавноста.

Во првиот дел, ги покажавме патеките на различните азиски земји и нивниот танц со коронавирусот. Се појавија и шеми околку кои се најважните мерки што треба да се применат.

Време е подетално да ги разгледаме овие можни мерки, подобро да ги сфатиме и да одлучиме кои од нив треба да се спроведат. Можеме да ги поделиме на четири блокови:

  1. Евтини мерки што можеби ќе бидат доволно да го спречат ширењето на коронавирусот како маски, физичко дистанцирање, тестирање, следење на контактите, карантин, изолација и сл.
  2. Поскапи мерки што можеби се потребни во одредени случаи, како забрани за патување и ограничување на собири.
  3. Скапи мерки што не се секогаш потребни за време на танцот, како затворање на сите училишта и бизниси.
  4. Медицински капацитет

За време на танцот, кога ќе започне опуштањето на мерките и ќе започне животот да се враќа во нормала, целта е да се комбинираат мерките за да се извлече максимумот од економската активност, додека стапката на пренесување на вирусот да остане под 1 — за да не се проширува — се додека не се открие лек или вакцина.

Денес ќе се фокусираме на најевтините и лесните мерки што секој може да ги примени, како и нивното големо влијание. Да започнеме со најочигледната мерка: маските.

Маски

Како што видовме во првата статија, маските многу се користат во источна Азија: Кина, Јужна Кореја и Тајван, но и во Хонг Конг, а сега и во Сингапур. Но ова не се единствените земји кои имаат доверба во маските. Од 22ри април 2020г. дури 51 земја воведоа мерка за задолжително носење маски за време на одредени јавни активности, вклучувајќи ги и Германија и Тајван. Тоа е над 25% од сите земји:

Детали околу мерките во секоја земја, благодарение на тимот на Mask4All

Но ова е задолжителното носење. Многу поголем број на земји препорачаат носење маски, вклучувајќи ги и сите земји во Групата на Седумте (G7 — освен Италија и Велика Британија). Во САД, голем број на градови, вклучувајќи ги Њујорк, Остин, Лос Анџелес и Сан Франциско воведоа вакви мерки во последните денови.

Но до неодамна, ни беше кажано да не носиме маски. Од 22ри април, СЗО се уште препорачуваше да не носите маска доколку сте здрави. И во најголем дел од земјите не е задолжително носењето маска во јавен простор. Зошто? Кој е во право?

За да го дознаеме одговорот, треба да ја разбереме научната страна на ширењето на коронавирусот.

Како се шири коронавирусот

Респираторните инфекции ги користат устата и носот за да се прошират, со користење на три механизми:

  • „Капки“: капки течност кои ги испуштаме низ устата и респираторниот систем
  • „Аеросоли“: многу мали честички што се мешаат со воздухот и остануваат во него со часови
  • Површини: на пример, доколку се накашлате во дланката и потоа доприте квака што некој после вас ќе ја допри

За коронавирусот, голем број научници на почетокот мислеа дека заразата се шири преку капките што се испуштаат кога луѓето кашлаат, но дека овие капки брзо паѓаат на земја, во рок од неколку секунди после кашлањето, а не се шират подалеку од 2 метри. Доколку тоа беше вистина, главниот начин на кој би можеле да се заразиме би бил доколку некој ни се закашла в лице, или доколку доприме заразена површина.

Но најчесто никој не ни кашла в лице, затоа властите реакоа дека нема потреба просечниот човек да носи маска. Додека за здравствените работници, веројатноста некој да им се накашла в лице е голема, па затоа што постојано се во контакт со тие капки од заразените пациенти кои кашлаат пред нив — кога ги интубираат или во слични ситуации.

Бидејќи нема доволно маски за сите, одредени власти низ светот решија дека повеќе им се потребни на здравствените работници, па повикаа остатокот од населението да не ги носат маските.

Добра одлука беше поприоритетни да бидат здравствените работници, но наместо да кажат „Покорисни им се на здравствените работници, па затоа ќе чуваме повеќе маски за нив“, тие кажаа дека маските се бескорисни — дури и опасни — за јавноста. Со тоа поткопа довербата кон властите.

Потоа излегоа следните докази.

Во ова видео илустрирани се облаците од капки и како се движат на растојанија поголеми од 2 метри пред да паднат на земја
Во ова видео прикажани се истражувањата околу капките, облаците и како истите ги заразуваат луѓето
Научниците ја мереле брзината на кашлањето. Дури и на растојание од еден метар од устата, капките од центарот на облакот се движат со еден метар во секунда (зелена боја). Оваа брзина ни покажува дека и растојанието од две метри од другите луѓе не е доволно и вирусот сепак може да се прошири со кашлање.

Значи, со кашлањето или кивањето, капките можат да се разнесат на растојание многу поголемо од 2 метри, а не ни паѓале на земја толку брзо. Некои да, паѓале, но голем дел останувале во воздухот во вид на облак од капки.

Извор: слика од едно од претходните видеа каде е прикажан облак од капки

Потоа, се откри дека нема потреба ни од кашлање. Пеењето е доволно. Во хор каде членувале 60-мина во државата Вашингтон, 45 членови се заразиле. Дури и зборувањето е доволно:

Дури и дишењето!

Што значи дека маските се многу, многу важни. Маската може да го спречи ширењето на капките од заразените луѓе, а така и здравите нема да се заразат.

Но нема маски! Во светот има дефицит. Малиот број што го имаме им е потребен на здравствените работници. Што да направиме.

За среќа, некои научници откриле дека не ни се потребни професионални маски. Маските направени дома се доволно добри.

Белешка: Ова е само една мерка дали маските функционираат или не. Има многу други мерки. За подетален преглед, разгледајте го истражувањето: https://www.preprints.org/manuscript/202004.0203/v1

Ова импресивно истражување ги анализира сите докази околку маските и нивната функционалност. Главниот заклучок е дека функционираат. Стапката на пренесување се намалува кога носиме маски.

Извор: LaVision

Ова е важно за здравите луѓе, но е особено важно за заразените: носењето маски ги спречува капките да не се прошират во воздухот, во вид на облак, како што видовме во видеото.

Би кажале „Одлично! Кога некоја личност ќе се разболи, нека носи маска.“ За жал, веќе е доцна.

Истражувањето. Оригиналниот графикон.

Едно одлично истражување од Универзитетот Оксфорд, објавено во Science, детално објаснува како се проширува коронавирусот од личност на личност. Хоризонталата ги прикажува деновите од првата зараза, додека вертикалата го прикажува дополнителниот број на лица кои се заразиле на различни начини во различни денови. На пример, на петтиот ден од заразување, носителите на вирусот во просек заразуваат 0.4 други луѓе. Најчесто тоа е од луѓе кои веќе имале симптоми или кои наскоро ќе развијат (се нарекуваат пред-симптоматски лица). Мал дел од нив е од околината (најчесто, заразени површини), а уште помал дел се луѓе кај кои вирусот е присутен, но никогаш не добиваат симптоми.

Ова ни покажува дека околу половина од инфекциите се од луѓе кои имаат симптоми, но половина се од луѓе кои се уште немаат никакви симптоми. Доколку само луѓето кои имаат симптоми носат маски, ќе се спречат околу половина од инфекциите. А доколку секој носи маски, ќе се спречат скоро сите инфекции.

Секој треба да носи домашна маска — можете да заразите луѓе уште пред да дознаете дека вие сте болни.

Колку може да се намали R со носење маски? Прилично многу.

Според овој модел, доколку само 60% од луѓет кои носат маски што се 60% ефикасни, би ја спречиле епидемијата.

Оваа информација не го зема во предвид фактот дека со маските се спречува ширењето на вирусот на површини, со што здравите луѓе би се заразиле кога ќе ги допрат тие површини, а потоа нивното лице.

Не знам за вас, но јас не можам да се контролирам. Постојано го допирам лицето. Кога носам маска, не го допирам лицето, што најверојатно ја намалува заразата од површини, со тоа што не можам да ги допрам ранливите делови од лицето со валкани раце, како очите, носот и устата.

Значи треба да носиме маски. Но не можеме да носиме хирушки или N95 маски затоа што во најголем број од земјите, ги нема во доволен број, додека тие што ги има, треба да ги носат здравствените работници. Треба да направите маска дома. Со што да ја направите?

Има четири важни фактори на кои треба да внимаваме:

  1. Материјалот
  2. Дебелината
  3. Бројот на слоеви
  4. Комбинацијата на слоеви

За број 1 — материјалите:

Белешка: не користете кеси од правосмукалка Можат да испуштат мали парчиња стакло што ќе ги вдишите.

Некои материјали се подобри од други, но голем дел се одлични.

Материјалот кој го изборате треба да биде многу дебел. За памучни маски, треба да се користи памук со најголем број на влакна. Генерално, колку помалку светлина пропушта материјалот, толку е подобар. Но, треба да можете и да дишите.

Колку слоеви треба да има? Колку повеќе, толку подобро.

За крај, дали треба да ги комбинирате материјалите?

Сите овие информации ни покажуваат дека треба да избираме материјали кои се подебели, да ги комбинираме со различни материјали и да имаме голем број на слоеви, но сепак да можеме да дишиме. Но, бидете внимателни, доколку не можете да дишите, ќе ја извадете маската или воздухот ќе излегува низ страничните отвори. Тоа е лошо. Маската мора да добро да ви стои. Во спротивно, ефикасноста се намалува.

Подготвени сте да ја направите вашата маска? Еве како да ја направите за само 40 секунди, а еве и подетално упатство.

Доколку носите маска, треба да знаете како да ја ставите и извадите, за да избегнете и вкрстена контаминација.

Бидејќи сите дома имаат стари блузи, домашните маски се евтини — властите дури можат и да заработат на ова, со што ќе ги казнуваат сите кои не носат такви маски. Во меѓувреме, секоја таква маска може да има вредност од 3000–6000 евра со намалување на стапката на смртност. Повратокот на инвестицијата е бесконечен.

Со ваква цена и леснотија во имплементирање, не би требало да се двоумиме околу маските. Дури и доколку се сомневаме во нивното влијание, сепак со оглед на цената, одлуката е лесна. Јапонија не воведе многу мерки за ширењето на вирусот, но сепак има многу помала стапка на пренесување, поради носењето на маски во јавност. Чешка и Словачка, првите земји кои воведоа мерка за задолжително носење на маски во јавност, се две земји каде ситуацијата е одлична.

Властите низ светот треба да воведат мерки за задолжително носење на маски во јавност. Треба да има казни доколку не се носат. Компаниите треба да бараат нивните вработени да носат маски. Продавниците истото да го бараат од клиентите. Треба да го смениме размислувањето околу маските — не треба да бидат знак на заболена личност, туку знак дека личноста е интелигентна и се грижи за останатите.

А доколку ова на го направат властите, тогаш треба да го направат граѓаните. Кога во Чешка за три дена стигна стапката за носење на маски во јавност од 0% до 100%, можете и вие.

Да резимираме што научивме за маските?

  • Коронавирусот може да се шири не само со кашлање на растојание од 2 метри, туку и со пеење или зборување, а растојаниет може да е и поголемо од 2 метри.
  • Најголем дел од луѓето ја шират заразата пред да знаат дека се заболени.
  • Со носење маски заболените не можат да ги заразат другите затоа што капките остануваат во маската.
  • Ги штитат здравите луѓе од заболување.
  • За само неколку дена 100% од населението може да почне да носи домашни маски.
  • Доколку голем дел од луѓето носат домашни маски кои се делумно ефикасни, доволно е за да се запре епидемијата.
  • Ова е една од наевтините мерки што може да се применат.
  • Со оглед на цената (ништо) и предностите (многу), лесно е да се донесе одлуката за задолжително носење.

Овој дел е инспириран од идеити и изворите на Jeremy Howard, Masks4All и деталната анализа околу маските на Matt Bell.

Физичко дистанцирање, хигиена и образување на населението

Откако научивме дека вирусот се шири преклу кашлање, со облаци од капки, на површини, па дури и со зборување, знаеме дека треба да носиме маски. Но, сите не би сакале да носат маски, а може тие маски да не се совршени. Има и други начини со кои може да се спречи ширењето, со менување на секојдневните активности и на околината.

Бидејќи најголем дел од заразите се од други луѓе, без разлика дали се со симптоми, пред-симптоматски или асимптоматски, потребно е да избегнеме директен контакт со луѓе во затворен простор на подолг временски период, а имаме близок контакт најголем дел од времето. Во такви случаи, два метри растојание не е доволно. Ова истражување ни кажува зошто.

Ни покажува дека физичкото растојание на различни пациенти со коронавирус кои биле во ресторан во исто време, во Кина. Пациентите се од три различни семејства, но биле поврзани со следење на контактите.

Овде, кај пациентот А1 најбрзо се развиле симптомите, во истиот ден. Тој пациент можеб бил едниствениот кој бил заразен во целиот ресторан, а можеби и А2, А3 и А4 биле веќе заразени, затоа што кај нив симптомите се развиле 2–3 дена подоцна. Потоа, пет различни лица од две маси се заразиле.

Луѓето кои се заразиле од другите маси или биле во близина на заразените — кои можеби ги заразиле со капките од кашлањето — или биле на неколку метри од пациентите. Заразата во тој случај би можела да биде со допир на заразена површина или со капки, не знаеме. Но, најверојатно се заразени од пациентот А1 — бидејќи тој пациент најрабо развил симптими — но, би можеле да се заразат и од другите членови на семејството, но тоа е помалку веројатно бидејќи кај нив подоцна се развиле симптомите. Од времето кое семејството А го поминало во ресторанот, еден час се поклопува со семејството B и C.

Што значи дека ова е една од најважните работи кои треба да ги избегнуваме: близок контакт во затворен простор на долг временски перод. Како можеме да ја искористиме оваа информација?

Најпрво, треба да ги разделиме масите во рестораните за да има простор помеѓу луѓето. Треба да има најмалку 2 метри простор помеѓу нив — дури и повеќе доколку е можно — и треба да избегнуваме премногу зборување.

Во видеото подолу можете да видите како се изменети работите во Кина. На пример, рестораните се на половина капацитет и не им дозволуваат на луѓето да седат заедно додека јадат или да седат еден позади друг.

Краток филм околу мерките за социјално дистанцирање од странски новинари во еден кинески град

Такси превозот е уште еден пример на затворен простор на подолг временски период. Нормално, дезонфицирањето и маските се задолжителни, но не е доволно. Би требало да се разделат клиентите од возачите.

Извадено од претходното видео. Извор: Коронавирус: Од 93 заразени до 0, како успеа овој кинески град да го ограничи ширењето на вирусот?

Салите за вежбање се друг пример. Овие луѓе го обележале подот за останатите да бидат на поголемо растојание додека вежбаат, а имаат и средства за дезинфицирање на секој дел. Ова растојание не е доволно, но ни дава идеја за што би можеле да примениме.

Каде што може, треба да има физички бариери за да се разделат луѓето. Во овој Старбакс во Тајван обележан е подот за луѓето да знаат каде можат да стојат во ред.

Оваа слика е од видео кое покажува каков е моменталниот живот во Тајван, заедно со маските, термометрите, училиштата, средствата за дезинфекција во лифтовите, станиците за миење раце и многу други мерки.

Сите работни места треба да имаат слични мерки: луѓето да бидат разделени, по можност со физички прегради, да има проток на воздухот и да се избегне контакт помеѓу вработените на долг временски период.

За луѓето кои работатт во канцеларии, правилата се исти:

  • Задолжително носење на маски.
  • Тие што можат, да работат од дома. Особено луѓето кои користат јавен превоз за да стигнат до работа, оние кои се во ризични групи, како постари лица и со ко-морбидитети.
  • Насекаде треба да има средства и гелови за дезинфекција, канцелариите често да се чистат.
  • Избегнување на физички состаноци. Доколку се потребни, да бидат со намален број на присутни лица кои ќе бидат на физичко растојание во краток временски период. Состаноци каде има десет лица и траат цел саат не се добра идеја.
  • Не работете лице в лице.
  • Организирајте ги влезовите за да не се создава гужва.
  • Во лифтовите да има гелови за дезинфекција или марамчиња и корпи за отпадоци за луѓето да можат да ги притиснат копчињата со нив, наместо со рака.
  • Да се наместат физички прегради секаде каде е потребно. Доколку луѓето се потпираат врз нив, направете ги неудобни и поставете знаци за забрана.
  • Каде што е можно, воведете различни смени и распоредете ги вработените во нови смени.
  • Мензите да воведат храна за носење. Паузите за ручек да бидат поголеми за да не се создава гужва.
  • Обидете се да избегнете мешање на две различни одделенија во компанијата. Тимовите кои постојано соработуваат и не се мешаат со останатите вработени имаат помалку шанси да се заразат од други одделенија каде некој е заразен.
  • Нормално, секој што покажува симптоми веднаш треба да остане дома и да се тестира, а нивните контакти да се следат или да се стават во карантин.
  • Затоа, би било корисно да се следат сите контакти поврзани со работното место. Еден начин за тоа да се спроведи е да се забележуваат сите комуникации помеѓу луѓето во календар.
  • За другите видови на работни средини, како логистика, работа од дома или на отворен простор, препораки имате тука.

Има многу документи кои препорачуваат слични мерки. Овој е од Центарот за болести и превенција на САД, а овој е од владата на Велика Британија.

Покрај работата, социјалниот живот е уште еден извор на зараза. Како што забележавме претходно, контакт на долг временски период додека се зборува, пее или физички контакт, треба да се избегнува.

Доколку не живеете во ист дом, избегнувајте гушкање, бакнување, поздравување со раце и делење храна. Избегнувајте организирање на забави или собири, како родендени, свадби или погреби. Тие водат до смрт, како овој човек од Чикаго, кој зарази 16 други луѓе на погреб, а три од нив починале.

Овие мерки ја ограничуваат директната зараза од други луѓе. Тоа е најголемиот приоритет.

Но можеме да се заразиме и од околината.

Најверојатно нема да се заразите од вируси кои се лепат на косата, алиштата или поштенските пратки. Вирусот не слетува врз тие површини, а кога е таму, не останува многу долго. Доколку не сте со други луѓе, шансите да се заразите надвор се мали, особено на сончева светлина.

Многу е поверојатно да се заразите од вашите раце, откако ќе допрете заразена површина. Затоа е многу важно да не го допирате лицето и да ги миете рацете.

И миењето раце и дезинфицирањето со гел е корисно, но подобро е правилно да ги миете рацете.

Вака функционира сапунот со вирусот:

Извор

Вирусите на површината имаат протеини, а сапунот се прилепува на таа површина исто како што се прилепува врз маснотиите кога миете садови.

Во ова видео можете да научите како правилно да ги миете рацете и зошто е тоа важно:

Сите овие мерки можат да го намалат ширењето на коронавирусот. Не знаеме колку придонесува секоја од нив, а можеби никогаш нема ни да откриеме. Но ова се најдобрите претпоставки според тоа што ни е познато околу вирусот.

Затоа граѓаните, бизнисите и властите треба да ги следат овие правила со кампањи за едукација и воведување на задолжителни мерки.

На страната на едукацијата, на пример, многу власти им праќаат пораки по телефон на жителите, неколку пати на ден. Со овие пораки, како и по телевизија, тие можат постојано да ги повторуваат овие основни идеи.

На детските телевизиски програми во Кина има голем број пораки за социјално дистанцирање, како оваа, што го инспирирала детето на авторот да каже „Ги мразам новиве реклами“ — Слика од Christopher Thomas од ThinkGlobalHealth

За повеќе луѓе да ги следат правилата, можат да се воведат и парични казни за оние кои не се придржуваат кон нив. Ова се случува во Тајван.

Бидејќи останатите бизниси мораат да ги приспособат канцелариите и да воведат работа од дома, ова е уште поважно за здравствениот систем. Заслужува мал дел.

Здравствените работници се основните борбени единици против вирусот, а се и едни од најризичните групи кои можат да се заразат. Може да се воведат многу мерки за да се намали ризикот, но најдобра мерка е воопшто да не се контактира со нив. Тоа значи да се воведат консултации по телефон или интернет.

Твитови од Bob Wachter, за болничкиот систем на Сан Франциско, еден од најдобрите во светот. Прикажани се високите броеви на видео посети што пациентите ги добиле од почетокот на епидемијата. Повеќе од половина од посетите се сега вакви.

Покрај намалувањето на заразите во болниците, контактирањето со здравствените работници на овој начин го намалува бројот на пациенти во болниците и чекалните. Дополнително, со ова луѓето кои седат дома можат да се грижат за сопственото здравје. Дома се испраќаат со пулс оксиметри и дигитални стетоскопи, за да ја следат ситуацијата и да се изолираат доколку се појават симптомите. Ова е и добар начин за предвремена тријажа на пациентите, во случај тие да мислат дека се болни, но симптомите не им се поклопуваат со симптомите за коронавирус.

Некои земји, како САД, веќе имаат законска рамка за ваков начин на лекување. За други, како земјите на ЕУ, ова ќе биде потешко. Но, со оглед на ситуацијата, вреди да се воведе таа опција.

Проверки на температура?

Последната мерка која ќе ја разгледаме денес е проверувањето на температура.

Најпрво, проверувањето на температурата е само за луѓе кои веќе имаат симптоми — но, како што знаеме тоа е само половина од стапката на пренесување. А немаат сите температура од нив. Проверките на температура би ги откриле помалку од 50% од заразените.

Сепак, Кина и Тајван, покрај другите земји, ја проверуваат температурата на луѓето на многу влезови. Термометрите кои ги користат не ја допираат кожата, за да не се зарази површината. За жал, просечните термометри не се толку функционални. Во зависност од како се направени, можат да ги пропуштат дури и 45% од заболените, додека 97% од луѓето кои ги провериле воопшто не биле болни. Еве еден модел кој ги илустрира бројките, за подобро да го разбереме проблемот:

Термометарот може да се направи да открива многу повеќе заболени лица, но тоа ќе им штети на здравите. На пример, доколку термометарот има 90% сензитивност, и 90% прецизност, можат да се откријат 90% од луѓето со покачена температура, но останатите 10% погрешно ќе бидат ставени во истата група, иако немаат покачена температура. Доколку, на пример, 0.1% од луѓето кои пробуваат да влезат некаде се заразени, тоа значи дека за секоја заразена личност која не смее да влезе, забрана добиваат и 100 здрави луѓе. И запомнете: 50% од заразените сепак ќе влезат, затоа што немаат симптоми. Тоа е вкупно 75% заразени, што не се откриени со термометар.

Оваа мерка би била разумна доколку би била поевтина, затоа што потребна ви е личност што ќе ракува со самиот термометар. Доколку овие лица имаат и други обврски, како пренасочување на оние со покачена температура кон центрите за тестирање или проверување дали сите ги следат останатите мерки, како носењето маски, најверојатно мерката е разумна. Во останатите случаи, ова е скап начин да се открие само четвртина од заразените. Подобро е од ништо, но сепак не е совршено.

Многу подобро, а и поскапо, е тоа што термометрите можат да ја променат математиката, На пример, термалните инфрацрвени камери можат да ги откријат луѓето кои навидум имаат покачена температура, а потоа нивната температура да биде измерена со обичен термометар, кој е многу попрецизен. Со тоа, бројот на лажни позитивни заболени се намалува. Но, освен тоа, не е јасно дали ова е најдобрата мерка.

Благодарност до Matt Bell што го водеше истражувањето за овој дел.

Заклучок

Има нешта што сите граѓани, бизниси и власти можат да ги направат што многу ќе влијаат врз намалувањето на стапката на пренесување на коронавирусот. Секој треба да ги применува:

  • Носење на домашни маски
  • Миење раце
  • Да се одбегнува физичка близина на долг временски период со луше кои зборуваат ил пеат.
  • Да се одбегнуваат забави и други јавни собити, особено ако има луѓе од други социјални групи.
  • Држете се на растојание од другите. Најмалку 2 метри, што повеќе, толку подобро. Не седете пред други.
  • Сменете го распоредот на вашиот бизнис со тоа што ќе им го отежнете физичкото комуницирање на вработените.

Во следниот дел, ќе ги разгледаме четирите евтини мерки кои властите можат да ги воведат, што ќе имаат големо влијание врз стапката на пренесување: тестирање, следење на контактите, изолација и карантин.

Ова беше вториот дел од статијата, Коронавирус: Како да танцуваме. Во третиот дел ќе ги разгледаме основните мерки што секоја земја треба да ги примени: тестирање, следење на контактите, изолација и карантин. Ќе разгледаме детални препораки за секоја мерка, како и едно предупредување: Најголем дел од земјите не ги следат препораките за следење на контактите. Доколку продолжат така, ќе завршат со ситуација слична на Сингапур.

--

--