Коронавирус: Како да се тестира и да се следат контактите

Maja Gjorgjioska
Tomas Pueyo
Published in
39 min readMay 28, 2020

Трет дел од Коронавирус: Како да танцуваме

Оригинален автор: Tomas Pueyo, линк до оригиналот на англиски
Превод: Маја Ѓорѓиоска
Контакт за печатни грешки и забелешки:
https://herefrom95.wordpress.com/contact/

Претходните статии, Зошто мора веднаш да се реагира, Чеканот и танцот, Out of Many, One, заедно се прегледани над 60 милиони пати и се преведени на над 40 јазици. Ова е трет дел од серијата статии Како да танцуваме (прв дел, втор дел), од четвртата статија — серија што се фокусира на чекорите кои треба да се преземат за да се отвори економијата.

Накратко

Повторно можеме да ја отвориме економијата доколку постапиме правилно, со тестирање и следење на контактите. Треба да ги тестираме сите луѓе со симптими, а и нивните контакти, што значи дека најмногу 3% од тестовите треба да имаат позитивен резултат. Треба да се откријат голем број на заразени, како и 70% до 90% од нивните контакти, кои потоа треба да се изолираат или да се стават во карантин. Доколку тоа се случи во краток временски период (во рок од околу еден ден), најверојатно е доволно за да се контролира епидемијата. Потребно е да се вработат многу луѓе за ова да се постигне, а треба да се користи и технологија. Во замена за користење на технологијата, губиме дел од приватноста, но тоа е разумна замена. Голем дел од апликациите за следење на контактите кои ја користат блутут технологијата се одлични, но се бескорисни доколку не добијат неколку основни промени.

Моментално, многу земји се под чеканот: строги мерки за социјално дистанцирање, што ја запираат економијата. Милиони луѓе се без работа, без приходи, без заштеди, без бизниси, без слободи. Економската цена е брутална. Земјите се очајни да откријат што треба да се направи за повторно да се отвори економијата.

За среќа, потребни се четири мерки што драматично ќе ја намалат епидемијата. Овие мерки се доста евтини во споредба со целосното затворање на економијата. Доколку голем дел од земјите денес се под чеканот, овие мерки се скалпелот — внимателно ги извлекуваат заразените, наместо сите да страдаат заедно.

Овие четири мерки се тесно поврзани меѓусебе и не можат да функционираат една без друга:

  • Со тестирање, откриваме кој е заразен
  • Со изолации, ги спречуваме пред да заразат други
  • Со следење на контактите, откриваме кои биле во контакт со заразените
  • Со карантин, ги спречуваме тие контакти пред да заразат други

Тестирањето и следењето на контактите се интелигенцијата, додека изолациите и карантинот се акцијата. Денес ќе ги разгледаме првите две — тестирањето и следењето на контактите, а следните две ќе ги анализираме понатаму.

Тестирање

Тестирањето е клучната мерка за која сите разговараат веќе долго време. Во голем број на земји се критикува малиот број на тестови. Но многу малку прашуваат: Колку тестирање ни е потребно?

Колку тестирање им е потребно на земјите?

Ова зависи од земјата и што се обидува да постигне. Има два вида на земји.

Од една страна се земјите како САД, Шпанија, Велика Британија или Франција, каде епидемијата е надвор од контрола. Овие земји не беа подготвени да се справат со кризата, па го применија Чеканот, комбинација на строги мерки каде економијата се затвори, со цел да се спречи ширењето на заразата. Епидемијата ја запреа на овој начин. За овие земји веќе не е потребно масовно тестирање, затоа што го ограничија ширењето со чеканот. Единствените луѓе што сега треба да ги тестираат се тие што се болни или што имаат големи шанси да бидат болни (на пример, здравствените работници), да ги изолираат и лекуваат. Најголем дел од овие земји подолу може да ги видите во црвено или портокалово.

Но пред тие земји во црвено или портокалово да го започнат танцот, треба да бидат подготвени. Ова значи масовно зголемување на бројот на тестови, што ќе ги доближи до вториот вид на земји, во зелено.

Ова се земји како Тајван, Виетнам и Јужна Кореја. Овие земји ги користат тестовите за да им дадат дијагноза на пациентите, но користат и уште нешто. Овие земји ги следат контактите на заразените, па ги тестираат и нив, иако овие луѓе воопшто не покажале симптоми. Во овие земји се тестираат и сите што можеби се заразени.

За тестирање на дополнителните групи туристи или контакти, потребно е да се тестираат многу повеќе, отколку само луѓето кои имаат симптоми. Затоа само околу 1%-3% од нивните тестови ги откриваат заразените лица. Сите развиени земки што ја исконтролирале епидемијата го имаат тој процент на позитивни резултати.

Земјите кои се заокружени со зелена боја ја исконтролирале епидемијата и направиле голем број на тестови. Земјите заокружени со црвена боја биле неуспешни во двете активности. Има само две групи на земји кои се разликуваат тука. На едната страна, со сино е Исланд, каде направени се голем број на тестови, но има и голем број на заразени. Исланд е уникатна земја: изолиран остров каде се правеа и рандом тестирања на населението. Другата група е заокружена со сиво. Во овие земји не се правеле многу тестови, но исто така, имало и мал број на заразени по глава на жител. За ова има многу причини, како голем број на жители, до мерки со кои се забавила епидемијата, рано воведување на мерки од строгиот чекан, епидемијата се уште не започнала, но е на пат…

За најголем дел од развиените земји, колку е полошо тестирањето, толку е полоша и епидемијата. Групата на земји кои се заокружени со црвено прават мал број на тестови со страшни епидемии, додека земјите во долниот лев агол прават голем број на тестови, со мал број на случаи. Кога земјите што одлично се справуваат со кризата прават голем број на тестови, останатите земји треба да ја применат истата мерка, за да стигнат до околу 3% позитивни резултати.

Сингапур и Германија се интересни случаи. Во овие две земји имаше околу 3% позитивни резултати, но во последните недели, се искачија на 8%. Да се надеваме дека ова не е проблем со капацитетот и дека може да се тестира било кој, па само откриваат поголем број на позитивни случаи. Но ова може и да ни кажува дека капацитетот за тестирање е преоптоварен, што ги отежнува идентификацијата на случаите и нивното изолирање, со што запирањето на епидемијата е многу потешко.

Властите сакаат да претпостават кое ниво на тестирање е доволно, но ова е тешко затоа што и бројот на тестови и бројот на случаи постојано се менува — а често, бројот тестови влијае врз бројот на случаи, бидејќи со повеќе тестови се откриваат повеќе случаи. Како можат да претпостават колку е доволно тестирање?

Во овој графикон, новите дневни случаи се со црвена линија, а новите дневни тестови се со зелена линија. Големините на графиконот се изменети, за да можат да се споредуваат. Како што можеме да забележиме, според искуството на земјите што ја ставиле епидемијата под контрола, треба да имаме околу 3% позитивни резултати, што значи дека треба да имаме околу 33 пати повеќе тестови отколку случаи. Значи оската за тестови од десната страна е околу 33 пати поголема отколку оската за случаи од левата страна. Со ова знаеме кое е точното количество на тестови.

Во Јужна Кореја, кога епидемијата навистина зеде замав, бројот на случаи одеднаш стана преголем за бројот на тестови, па изгубија доверба во официјалниот број на случаи (црвениот дел). Но, за само неколку недели, направија доволно тестови за повторно да влезат во зелениот дел. Сега, секој ден прават многу повеќе тестови отколку што е потребно за да бидат над границата од 3%. Нивниот број на позитивни резултати е околу 1%.

Споредете го ова со Италија.

Како што забележувате, Италија постојано го зголемува дневниот број на тестови, но ова сепак не е доволно за точно да дознаеме каква е ситуацијата. Сепак, со овој графикон можеме да добиеме претстава кога ќе ја преминат таа граница. Доколку бројот на случаи продолжи да се намалува, додека бројот на тестови се зголемува, ова ќе се случи за неколку недели.

Еве уште неколку земји:

Многу мал број на земји се претставени во овој графикон затоа што мал број на земји имаат доволно јасни информации на дневниот број на тестирани луѓе. Некои земји ги немаат дневните броеви, а во други земји не е познат бројот за начинот на тестирање. Дали бројат тестирани луѓе? Дали бројат тестови? Колку тестови има по жител? Броевите на Тајват се за бројот на тестови, но не знаеме колку тестови има по жител. Но, црвената линија е доволно ниска во споредба со зелената линија, што дури и да се 2 тестови по жител, сепак е доволно за црвената линија да остане под зелената. Особено ако користат паметни тактики за тестирање што би ја зголемило ефикасноста.

Во овие графикони јасно гледаме дека голем број од земјите се далеку од потребниот број на тестови.

Со доволно тестирање може да се започне фазата на танцот. Епидемијата може да се контролира со изолирање на случаите, додека нивните контакти се ставаат во карантин. Со овие мерки, брзо може да се открие кој ја шири заразата или кој има шанси да ја шири, па овие луѓе да се спречат пред да заразат други и како резултат на ова, остатокот од населението нема потреба да седи дома и да има ограничена слобода. Луѓето можат да излегуваат, економијата може повторно да работи. Затоа е важно бројот на тестови да биде голем и да се зголемува се додека бројот на позитивни резултати не стигне до 3%.

Доколку не се прават доволно тестови, не се изолираат заразените, а со тоа, не знаеме каде се заразените и мора сите да седиме дома.

Се додека тестирањето е ограничено, земјите мора да одлучуваат кој прво да се тестира. Како можат да ја донесат оваа одлука со мал број на тестови?

Приоритизација за тестирање

Како што кажавме претходно, првите луѓе кои се тестираат се оние со симптоми, најчесто во болница или кај матичниот лекар, за да се открие кој треба да се лечи и изолира. Најголем дел од земјите ова го прават за време на чеканот.

За земјите кои се подготвуваат за танцот, откако ќе ги откријат симптоматичните лица, треба да започнат со тестирање на делот од населението што се уште нема симптоми. Ова ни се овозможува со следењето на контактите: откриваме кој може да е заболен и го тестираме.

Доколку ја прочитавте претходната статија, го забележавте овој графикон:

Да ве потсетам, овој графикон е од одлично истражување спроведено од универзитетот Оксфорд. Во него анализирано е пренесувањето на коронавирусот од човек на човек. Хоризонталната оска ни го прикажува бројот на денови од првиот случај, додека вертикалната оска ни го покажува бројот на останати заразени лица на различни начини во било кое време. На пример, за време на петтиот ден од заразата, носителите на вирусот во просек заразуваат околу 0.4 други лица. Ова се најчесто лица што веќе имаат симптоми или наскоро ќе ги откријат (се нарекуваат пред-симптоматски). Мал дел се заразени од околината (најчесто заразена површина), а уште помал дел се луѓе што се носители на вирусот, но никогаѓ нема да развијат симптоми.

Тестирањето и следењето на контактите се интелигенцијата; изолацијата и карантинот се акцијата.

Доколку се тестираат и изолираат лицата со симптоми, бројот на R (стапката на пренесување) се намалува за околу 40%. Доколку R е 2.5 или 3, како што е со оваа епидемија, нема да стигнете до под 1.

Но, доколку ги следите нивните контакти и ги тестирате, можете да ги откриете и пред-симптоматските лица, со што бројот се намалува до 85%.

Накратко, потребно е да се прават голем број на тестови на оние со симптоми, како и сите нивни контакти.

Но со оваа мерка, R се намалува за 85% само ако тестирањето е совршено. Потребно е време за ова во вистинскиот живот. Колку е ова важно?

Важноста на брзината во тестирањето

Доколку операциите за тестирање не се доволно брзи, доколку тестирањето е комплицирано или скапо, или луѓето нема да се тестираат на време или резултатите ќе доцнат. Затоа, дел од заразата ќе се случи пред да имате доволно време да ги изолирате овие случаи.

Истото се случува и со следените контакти. Доколку потрошиме околу три дена, во просек, од почетокот на заразата за да ги откриеме сите контакти и да ги ставиме во карантин или изолација, ќе пропуштиме голем дел од заразените.

Забележуваме дека овде има три важни фактори:

  1. Колкумина заразени откриеме и изолираме
  2. Колку контакти откриеме и изолираме
  3. Брзината на претходните две активности

Како можеме да споредиме колку се важни овие три фактори? Најпрво замислете дека имаме тестирање и следење на контакти што се случува веднаш.

Овој графикон, од истражувањето направено од универзитетот Оксфорд, ни го покажува бројот на заразени луѓе, заедно со нивните контакти, што треба да бидат откриени, за потоа да ги изолираме или ставиме во карантин и да ја намалиме стапката на пренесување на епидемијата.

Епидемијата расте во црвено-портокаловата зона, а се намалува во зелената зона. Границата е црната линија, додека испрекинатите линии ја прикажуваат несигурноста. Секоја точка на таа линија треба да е доволна за да се контролира епидемијата. Така, на пример, доколку ја забележете позицијата на црвениот Х, тој ни покажува дека можеме да ја контролираме епидемијата доколку веднаш ги изолираме 60% од пациентите со симптоми, пред тие да стигнат да заразат и други луѓе, веднаш да откриеме над 50% од нивните контакти, а и нив да ги изолираме пред да заразат и други.

Ова звучи тешко. Но, добрата вест е доколку се постигне, само оваа мерка е доволна за да се запре епидемијата. Дури и да не успеете да го постигнете на совршен начин, доволно е. На пример, со изолирање на 50% од заразените и 30% од нивните контакти, веќе сте поблиску до зелената зона. Тоа е добро. Кога ќе го комбинирате ова со останатите мерки како носењето маски, стигнувате се поблиску до контролирана епидемија, без употреба на чеканот.

Овој графикон претпоставува уште една работа, а тоа е дека нема никакво задоцнување помеѓу заразувањето и тестирањето или следењето на контактите. Но, задоцнувањето е неизбежно во вистинскиот свет. Колку е тоа важно?

Најдесниот графикон тука е истиот од претходно. Останатите три графикони ни покажуваат што ќе се случи доколку има задоцнување од еден, два и три дена во изолирањето на симптоматичните и асимптоматичните луѓе.

Најпрво да го разгледаме првиот графикон од левата страна. Тој ни кажува „Доколку имате задоцнување од три дена во изолирање и ставање во карантин, многу е тешко да се спречи болеста.“ Секој дел е важен, но со вакво задоцнување се е залудно.

Следниот графикон ни кажува „Доколку имате задоцнување од само два дена во изолирање и ставање во карантин, ќе можете да ги изолирате околу 70–90% од заразените и да ги проследите околу 70–90% од контактите, со што би можеле да ја запрете епидемијата, само со оваа мерка.

Со други зборови, можете да ја контролирате епидемијата без да ја затворете економијата и само со дел од мерките доколку сте брзи и ефикасни во тестирање, изолирање, следење на контактите и ставање во карантин. Треба да бидете многу брзи и ефикасни, во спротивен случај нема да можете да ја контролирате епидемијата само со овие мерки.

Доколку овие мерки не се спроведат на добар начин, контролирањето на епидемијата е тешко, па приморани сте да најдете некои други чудотворни мерки, да се потпрете на колективниот имунитет, или повторно да го искористите чеканот — заедно со сите економски последици или масовен број на смртни случаи.

Затоа е важно земјите да прават голем број на тестови во краток временски период. Потребни ви се двете: и количината и брзината.

Еден пример модел за ваков вид на тестирање е драјв тру тестирањето во Јужна Кореја. На овој начин, полесно им е на луѓето да се тестираат, повеќемина ќе се тестираат за краток временски период и подобро ќе се контролира епидемијата.

Некои земји размислуваат да ги тестираат сите постојано. Замислете, на пример, најголем дел од населението на САД да се тестира секоја недела — да речеме, 300 милиони од 330 милиони население. Така земјата би знаела кој и кога се разболува и би ја исконтролирала епидемијата. Меѓутоа, моментално, далеку се од 300 милиони тестови неделно, а тоа има и висока цена. За една година, тоа е над 15 милијарди тестови. Доколку претпоставиме дека тестовите се евтини затоа што се во голем број — да речеме 20 долари од тест — тоа е 300 милијарди долари, што е многу пари, иако е само 15% од воведените економски мерки во вредност од 2 трилиони долари.

Ова е многу голема и нереалистична цена моментално. Но, доколку имаме поефикасен начин на кој луѓето би се тестирале, пресметките би се смениле.

Има начини. На пример, ова истражување ни објаснува како, доколку мал број на луѓе се заразени (т.е. доколку вирусот не е распространет), можете на паметен начин да тестирате поголем број на луѓе истовремено и да го намалите бројот на потребни тестови за осум пати. Намалувањето на цената за масовно тестирање од 300 милијарди на помалку од 40 милијарди е одличен напредок. Голем број на земји веќе и го применуваат ова, како Германија, Австрија, Израел или САД.

Друг пристап кој ветува добри резултати е канализациско тестирање.

Тука, идејата е дека можеме да го измереме количеството на коронавирусот во отпадните води, со што би добиле отприлика идеја за бројот на заразени луѓе. Од таму, можеме да тестираме во различни насоки на канализацијата за да откриеме од каде доаѓа вирусот, да ги тестираме луѓето во тие градби и да ги изолираме заразените.

Накратко:

  • Потребен е голем број на тестови за заразените да се откријат што поскоро.
  • Тоа значи дека потребно е доволно тестирање за да се добијат само 3% позитивни резултати, како што се случува кај успешните земји.
  • Понатаму, потребно е тестирањето да биде брзо, за набрзина да се изолираат заразените и да се намали бројот на луѓе што можат тие да ги заразат.
  • Тоа е само половина од битката. Другата половина е тестирање на сите контакти за да се открие кој друг е заразен, но се уште нема симптоми, бидејќи 45% од заразата доаѓа од нив.
  • Следењето на контактите исто така треба да се случува со голема брзина, за да се намали периодот на луѓе кои се пред-симптоматски, а заразуваат други.
  • Има начини за ефикасно да се тестира, како тестирањето на повеќемина само со еден тест.
  • Има и други добри пристапи кон тестирањето, како канализациското тестирање.
  • Во совршен свет, би ги тестирале сите постојано. Можеби и ќе стигнеме до тој степен, но моментално, таа идеја е тешка и има висока цена.
  • Затоа, во меѓувреме, треба да се избираат луѓето што ќе се тестираат. Најпрво, тие со симптоми. Потоа, сите нивни контакти.

Ова не носи до следење на контактите.

Белешка: Ќе разговараме за тестовите за антитела и останати детали околу тестирањето во друга статија. Овој дел е напишан од идеите и изворите на истражувањата направени од Genevieve Gee. Конкретно, идејата за следење на процент на позитивните резултати е нејзин.

Следење на контактите

Ова е најголемиот дел од целата статија. Тоа е намерно: влогот е голем. Како што забележавме, следењето на контактите не само што го намалува пренесувањето на вирусот, туку е важно за да се започне фазата на танцот после чеканот, безбедно да се отвори економијата. Но, ова е и многу комплициран процес кој и штети на безбедноста.

Пред да го разгледаме, треба да добиеме добра идеја околу што навистина значи следење на контакти.

Да речеме дека Боб е заразена личност. Сакаме да откриеме голем број на негови контакти, во краток временски период. Тие што ни се важни не се сите со кои се сретнал, туку тие што можеби се заразени.

За да се стори тоа, потребен е тим кој ќе ги следи контактите.

Медицински сестри од здравствениот сектор на Енкориџ (Anchorage) и образовниот сектор работат на следење на контактите на заразените од Ковид-19 на 16ти април, 2020г. (Четврток) во сала за седници во здравствениот дом во центарот на градот. Фото: Loren Holmes/ADN, од Anchorage Daily News

Следачите на контакти имаат неколку задачи. Најпрво, добиваат листа на луѓе како Боб, што се заразени. Го интервјуираат Боб, за да откријат каде се бил во последните две недели и со кој се видел. Но, бидејќи Боб е човечко суштество, не е многу веродостоен: можеби заборава, болен е, во паника, тажен, не сака да соработува и сл. Затоа, следачите на контакти користат и технологија. На пример, во Јужна Кореја, следачите ги користат информациите од GPS технологијата на мобилните телефони, информациите од користените кредитни картички и снимките од уличните камери. Друг пример се и резултатите од апликација која ги следи контактите.

Со сите овие информации, тие создаваат листа на сите контакти на Боб што можеби се заразени, подредени според веројатност дали зе заразени. Потоа, им се јавуваат на овие контакти. Во зависност од веројатноста дали се заразени и правилата од властите, можеби ќе добијат наредба да се тестираат, да се самоизолираат или само да проверат дали имаат симптоми. Се обидуваат да откријат голем број на контакти во најкраткиот можен временски период.

Но, што се квалификува како контакт? Колку контакти треба да следиме? Со која брзина треба да ги откриеме?

Што се квалификува како контакт?

Бидејќи се смета дека најголем дел од луѓето ја шират заразата во првите две неделим важни ни се само луѓето кои можеби била во контакт со Боб последните две недели. Пред нив, Боб најверојатно не бил заразен, а и да бил, неговите контакти веќе не ја шират заразата.

Во овие две недели, потребно е да ги откриеме само тие што можеби се заразени. Членовите на семејството на Боб се најверојатно заразени. Не се грижиме многу за луѓето со кои се разминал на улица кои биле на околу 5 метри растојание.

Како што видовме во Основните чекори за танцување што секој може да ги научи, заразата многу повеќе се шири во затворен простор каде луѓето се на блиско растојание, зборуваат, кашлаат или пеат на подолг временски период.

Земјите ова го претвораат во правила. На пример, ги испитуваат контактите на Боб доколку поминале повеќе од 15 минути со него и биле на растојание од 2 метри. Ова звучи разумно. Но, следачите на контактите се многу посуптилни. Личноста која јадела со него, седната наспроти него цел саат би ја обележале како високоризична и ќе мора да биде во карантин, а следачите би ја проверувале таа личност на неколку саати. Додека личноста која чекала во истиот ред во супермаркетот само ќе треба да биде повнимателна и често да проверува да не се појави некој од симптомите.

Колку контакти треба да следиме?

Претходно видовме дека треба да откриеме најмалку 60% од конткактите и да ги изолираме или ставиме во карантин веднаш, за значително да го намалиме R (бројот на пренесување — колку луѓе се заразени од носител на коронавирусот). Но, ноа истражување претпостави одреден R0 од 2.5 (R0 е бројот на пренесување во идеални услови: кога никој не е имун на болеста и нема никакви мерки). Но, што ако е различен?

Тоа се дискутира во ова истражување. Разгледани се различни вредности за R0 и се пресметува колкав број на контакти треба да се следат за да се доведе R под 1. Секоја линија подолу претставува различен R0, од 1,5 (црвената линија), 2,5 (сивата линија) и 3,5 (кафената линија).

Хоризонталната оска ни го покажува бројот на контакти што се следат, додека вертикалната оска ни го покажува влијанието врз R.

Да започнеме од кафената линија најгоре, со R0=3,5. Доколку не се преземат никакви мерки, стапката на пренесување е околу 3: секоја заразена личност, понатаму заразува 3 други (не е 3,5 затоа што истражувањето претпоставува дека дел од заразените се изолирано). Со откривањето на се повеќе контакти, кои потоа се изолираат, вредноста на R се намалува.

Гледаме дека кафената линија се спушта под испрекинатата линија од 1, кога се откриени околу 90% од контактите. Тоа значи дека треба да се откријат 90% од контактите — и да знаеме дека тие не заразуваат други — за да се запре епидемијата. Доколку ова се спроведе на добар начин, епидемијата се запира само со оваа мерка. Но, дури и да не се спроведе совршено, сепак има ефект.

Гледаме дека кафената линија има и одреден кафен простор околу неа. Тоа ни кажува дека овие пресметки не се совршени. Се уште немаме доволно информации, па мора да правиме претпоставки. Можеби, со откривање на 90% од контактите да стигнеме само до R=1,5 или до R=0,5. Не сме сигурно. Но дефинитивно вредноста значително се намалува.

Доколку се фокусираме на сивата линија, најдобрата претпоставка ни кажува дека со откривање на 70% од контактите, доволно е за да ја спречиме епидемијата.

Запомнете ги овие броеви: врз основа на овие информации, сакаме да ги откриеме 70% до 90% од контактите во краток временски период, за да има големо влијание врз намалувањето на епидемијата.

Според едно истражување, тоа значи дека потребно е да се откријат 20 до 30 од контактите на секоја заразена личност.

Колку следачи на контакти се потребни?

Вака размислуваат во Џонс Хопкинс (Johns Hopkins):

Според овој план од Џонс Хопкинс, во САД би биле потребни 100,000 следачи на контакти. Според други пресметки, бројот изнесува 300,000. Тоа е голема разлика. Таа разлика е прикажана и во графиконот, каде може да забележите дека помеѓу Вухан и Нов Зелан, разликата е за 10 пати поголема. Зошто?

Јазот во бројот на потребни следачи на контакти кои е потребен по личност нема смила. Доколку една земја има 1 милион жители, а нема заразени, додека друга земја исто има 1 милион жители, но 10,000 заразени, дали им е потребен ист број на следачи на контакти. Не. Бројот на жители нема значење.

Кога вработувате следачи на контакти, го купувате нивното време. Времето кое е потребно зависи од бројот на случаи и времето за секој случај.

Бројот на случаи е различен во секоја земја и зависи од текот на епидемијата. Времето кое е потребно за секој случај зависи од тренингот и од технологијата. Да разгледаме неколку примери за да добиеме ред на големина.

Во врвот, Хубеи имаше 1800 тимови од петмина следачи кои откриваа контакти. Тоа се 9000 следачи. Најголемиот број на официјални случаи беше околу 4000. Да претпоставиме дека тие 9000 следачи биле вработени во просек неколку дена откако се затвори Хубеи и можеле да ги откријат заостанатите случаи по околу еден месец, откако кризата се намалила.

Измеѓу овие два датуми, 9000 следачи што работат 27 дена (претпоставуваме, без викенди) би можеле да проследат 63,000 случаи, што значи околу 4 лице.ден од случај (лице.ден е една личност што работи еден ден. На пример, тоа значи 4 лице.ден може да биде 4 лица кои работат на нешто еден ден или една личност да работи на истото четири дена). Ако претпоставиме дека тие биле вработени неколку дена порано, а ги истражиле случаите подоцна, тоа би не довело до вредност од околу 5 до 6 лице.ден од случај, но не повеќе.

Да го споредиме ова со претходниот раководител на центрите за сервиси на Медикер (Medicare) и Медикејд (Medicaid):

Според ова, цената на еден случај е околу 12–15 лице.дена.

Да претпоставиме дека една земја има 10,000 нови случаи на ден, а сигурна е во овој број затоа што според тестирањето, добиваат околу 3% позитивни резултати (како што разгледавме во делот за тестирање, ова е добар број за да добиеме идеја што се случува).

Да претпоставиме дека немаат технологија за следење на контактите, па следачите мора да им се јавуваат на заразените, да ги интервјуираат, а потоа да им се јават и на сите нивни контакти и еден по еден да ги интервјуираат. Секое едно од овие интервјуа е многу долго, затоа што луѓето не се сеќаваат со кого ручале пред два дена, а забораваат за пред две недели. Потоа, треба да ги потполнат извештаите, да ги анализираат информациите, да ги споредат со другите случаи…

Ако им се потребни 15 лице.дена од случај, ќе им бидат потребни 15*10,000=150,000 лице.дена работа секој ден — значи потребно е да се вработат 150,000 луѓе. Доколку тие треба да имаат замена за викендите, празниците и боледувањата, бројот стигнува до околу 200,000. Доколку претпоставиме дека цената е 20 долари од саат и сите трошоци се покриени, тоа е 7 милијарди долари годишно. Цената е прилично висока, но е зрно песок во споредба со цената на моменталната затворена економија.

Замислете дека имаме само 1000 нови случаи дневно, наместо 10,000. Потребата се намалува на 20,000 работници дневно.

За жал, во двете сценарија потребни се три дена, затоа што во двете сценарија се потребни пет лица кои работат три дена на еден случај. Но, како што забележавме, времето е многу важно.

Медицинска сестра од Енкориџ (Anchorage), Бетани Зимпелман (Bethany ZImpelman) работи на следењето на контактите со тим, на 16ти април, 2020г. (Четврток). Тимот е составен од медицински сестри од општината и од образовниот систем. (Loren Holems/ADN) Anchorage Daily News

Сега замислете дека се уште имаме 1000 нови случаи дневно, но следачите на контакти се продуктивни како оние во Вухан, каде тим од петмина може да проследи еден случај на ден. Со 5000 следачи на контакти (околу 7000 со празници и др.) можете да ги проследите сите случаи во рок од еден ден, наместо во три дена.

Овие броеви се само приближни вредности. Целта е да се нагласи како треба да размислуваме, да ги охрабриме земјите да ги измерат и минимизираат трошоците и да одредиме ред на големина. Со помош на овие редови на големина сфаќаме многу нешта:

  • Тешко е да се потпираме на следење на контактите за време на голема епидемија. Бидејќи САД имаше околу 30,000 нови случаи дневно на крајот на април, ако им се потребни 15 лице.ден од случај, ќе треба да вработат над 500,000 лица за оваа работа. Тешко е тоа да се спроведи и да се биде брз и ефикасен. Една од вредностите на чеканот е што тие броеви се намалуваат, со што се олеснува работата на следачите на контакти.
  • Ни покажува дека доколку некоја земја има втор бран, како во Сингапур или Јужна Кореја, ќе им биде потребен локален чекан, затоа што тие нови случаи би ги преоптовариле следачите на контакти.
  • Доколку на тим од 5 следачи им се потребни 3 дена за да проследат еден случај, пребавно е. Ќе има голем број на заразени.
  • Голема е веројатноста дека овие луѓе, рачно, не можат да ги откријат сите важни контакти. Тимот на следачи на контакти кој рачно работи во Анкораџ (Anchorage) можеби е пионер во САД и да е доволен за Алјаска, но не е доволно за многу земји. Тимот треба да е многу поефикасен.

Да претпоставиме дека Боб (црвената точка, заразен) е социјална личност и имал значајни комуникации со 55 контакти во последните две недели. За време на разговорот со еден следач, лесно би му било да каже за членовите на неговото семејство. Откако ќе го разгледа неговиот календар, може да каже и за неговите осум колеги со кои бил на состаноци. Се сеќава дека бил на вечера со четворица пријатели и дека еднаш бил до супермаркет.

Откако ќе се разгледаат снимките од уличните камери, следачите утврдуваат дека Боб има уште два контакти од неговите посети на супермаркетот, со што вкупниот број на контакти е 18. Но, следачите ги немаат телефонските броеви на колегите, ниту им е познат идентитетот на луѓето во супермаркетот, па сега треба да разговараат со работодавецот и со вработени во супермаркетот за да ги откријат овие контакти. Ова е во случај Боб да соработува со следачите на контакти.

18 случаи е помалку од половина и за жал, им беа потребни 3 дена за сите да ги проследат. Запомнете, најидеално би било да се откријат 70% до 90% во еден ден. Но, со оваа процедура, се надеваме дека само со соработката на Боб и неговите сеќавања, дека ќе откриеме доволно контакти. Но, тоа не е доволно.

Една земја каде ова е спроведено на одличен начин е Јужна Кореја. Како им успеа?

Технологија за следачите на контакти: лични информации на заразените

Следачите на контакти во Јужна Кореја имале пристап до GPS информациите на мобилните и информациите од користените кредитни картички на заразените, како Боб. Благодарение на овие информации, многу им било лесно да откријат каде се бил Боб во последните две недели (зелените квадрати на графиконот).

Откако Боб ќе се потсети, многу е полесно да ги идентификува сите луѓе со кои се сретнал. Ова може да се надополни со снимките од уличните камери и други информации, како пристап до автобускиот систем или салите за вежбање. Затоа, во ова хипотетичко сценарио, од 18, бројот на откриени контакти се искачува на 41. Се уште не е 55, но сме многу поблиску. Веќе сме стигнале до 75%, што е вредност која има големо влијание на стапката на пренесување.

Овие вредности се приближни, но ни ја покажуваат реалноста во Јужна Кореја. Тие работат на овој начин и избегнаа нови бранови на коронавирус. Ова значи дека и само со овие мерки би било доволно да се контролира епидемијата.

Но, има уште една голема предност што ја немаме разгледано.

Во статијата Коронавирус: Како да танцуваме, објаснивме како во Јужна Кореја, јавно беа објавени локациите на заразените, каде тие биле и во кое време. Луѓето лесно можат да откријат доколку на одредена локација каде присуствувале имало зараза, па знаат дали можеби и самите се заразени и треба да се тестираат.

Понатаму, луѓето можат да ги симнат овие информации во нивните мобилни телефони и да користат апликации што автоматски ги споредува официјалните информации со информациите за нивната локација од нивните телефони. На овој начин, доколку имате таква апликација, веднаш ќе дознаете дали вие сте биле во контакт со некој што е заразен.

Бидејќи ова има предност за вас („Еј, има апликација каде можам да видам дали сум бил во близина на некој што е заразен? Сакам да знам!“), поголема е веројатноста луѓето да ја симнат и користат оваа апликација.

За сите горенаведени нешта да бидат можни, властите треба да имаат пристап до информациите на кредитните картички и GPS системите на мобилните телефони на заразените лица, како Боб.

Ова значи дека е време да разговараме за приватност.

Приватноста на следењето на контактите

Белешка: Разговаравме со неколку епидемиолози и експерти за приватност за да го формираме овој дел, но заклучоците не се конечни. Ги искажуваме идеите подолу за да ја продолжиме дебатата околу следењето на контактите и приватноста и да повикаме да ни се приклучат и други експерти.

Кога некои луѓе ќе го прочитаат ова, веднаш ќе помислат дека не е прифатливо затоа што ги нарушува правилата за приватност на луѓето, а со тоа, властите добиваат повеќе права да собираат информации и да ја нарушуваат приватноста, како што се уште се случува во САД со Патриотскиот акт од 2001год.

За оваа дебата ќе разговараме подоцна, но сега не ни е важна: критичарите не разбираат дека во голем дел од земјите, нема потреба да се менуваат законите за да се постигне горенаведеното, поради нешто што се вика извештаи за болести.

Приватноста на извештаите за болести

Боб е заразен. Затоа, тој е здравствена опасност за неговата околина. Тоа значи дека има различни права за приватност, а истите ги имал со векови во многу земји, како Велика Британија или Франција. Голем број на други земји, како Австралија, имаат слични закони. Во САД, тие се на ниво на поединечните држави.

Има смисла. Сме заборавиле колку се страшни инфективните болести.

Извор. Благодарност до Donald G McNeil Jr за инспирацијата

Во овој графикон, прикажана е екстремната стапка на смрт од една во друга година поради епидемија во САД. Но, како што се воведувале мерки, како чиста и хлорирана вода, сите кластери исчезнале.

Вака изгледа неконтролирана епидемија. Во тоа време, јасно им било на сите дека заболените ги немале истите права како и здравите, затоа што претставувале опасност за општеството. Нивното откривање и изолирање било многу важно, затоа властите ги имале тие права.

Денес ситуацијата е иста за многу болести. Но концептот е ист: доколку претставувате опасност за општеството, властите треба да бидат подготвени да го отстранат тој ризик.

Доколку коронавирусот беше квалификуван како болест која подлежи на известување, докторите веднаш ќе мораа да ги известат властите за позитивните случаи. А властите веќе ќе биле подготвени да ги користат ресурсите, информациите и алатите што веќе ги имаат за да ги откријат контактите на Боб.

Овие три чекори (заболување од болест која подлежи на известување, процес во кој се известуваат властите за таа болест, намалување на правата за приватност на позитивните случаи) најчесто одговараат на три различни закони во секоја земја, затоа секоја земја има различна регулатива за нивно справување.

Но, за земјите кои ги праќаат информациите на Боб до властите, ова е исто како кога полицијата добива пристап до мобилниот телефон или информациите од кредитната картичка на некој криминалец, со цел да се открие таа личност и да се лоцира. Тие веќе ја имаат таа можност, затоа би можеле да го направат истото во оваа ситуација без да добиваат повеќе моќ која понатаму може да се злоупотреби.

Не е важно дали има технолошко решение за полесно да се добива пристап до GPS или информациите од кредитните картички — следачите на контакти веќе треба да имаат пристап до тие информации. Вештачки да се отежнува ситуацијата нема смисла.

Колку што знаеме, ова е нивото на приватност во Јужна Кореја, па би требало да е доволно за да се реши овој проблем. Вовеле специјален нов закон за ова после епидемијата од БДС (MERS) во 2015год. па останатите земји можат да го направат истото.

Да повториме: ова е бесценета алатка што може да ја запри пандемијата низ цел свет, за која не е потребна дебата околу приватноста. Не треба да се фокусираме на ова.

Но, можеме да направиме и повеќе. Вистинската дебата околу приватноста треба да биде околу дали властите треба да имаат пристап до истите тие информации на лицата кои се уште не се официјално заболени?

Приватноста на следените контакти

Сега замислете дека, покрај информациите од мобилниот и од картичките на Боб, тимот на следачи на контакти добил и листа со потенцијални контакти од телефонските оператори.

Телефонските оператори постојано ја знаат вашата локација. Можат оваа информација да ја зачуваат, заедно со информациите од луѓето кои ви се во близина, па кога и да се во близина две личности на подолг временски период (на пример, 10 минути) и на растојание од околу 2 метри, операторот го забележува тоа. На земјите каде има само еден главен телефонски оператор ова им е многу полесно, но и земјите каде има многу повеќе оператори, сепак можат да создадат таква база на информации, на начин каде би се спречило едниот оператор да има пристап до информациите на клиентите од другиот оператор.

Властите ќе испратат барање за сите контакти на Боб, каде и кога се случиле, без да има дополнителни информации за остатокот на населението.

Би имало многу лажни позитивни резултати — на пример, GPS технологијата снима и висина, но можно е информацијата да е отстранета во некој чекор од целиот процес. Затоа, денес, зградите би изгледале како луѓе кои живеат во различни станови во истата зграда се дел од листата на вашите контакти. Но, следачите на контакти ќе ги елиминираат сите луѓе кои се совпаќаат со луѓео кои постојано се дома, но не живеат со вас.

Информациите кои ги добиваат властите во овој случај се токму тие информации што сакаме да ги имаат властите: само личните информации за мобилноста од една страна на заразена личност, заедно со сите контакти од друга страна. Никој нема дополнителни информации за тоа каде се движат луѓето што и претходно не им биле достапни, освен тие информации што се многу важни во оваа ситуација.

Понатаму, мобилните оператори немаат пристап до повеќе информации отколку што веќе имаат. Со ова, се зачувува приватноста, а сепак се помага на следењето на контактите.

Но, маната е што GPS информациите не се доволно прецизни и можеби некои од контактите се пропуштени, додека пак, други контакти, што не треба да ги има, се додадени. Но, оваа технологија може да биде попрецизна, доколку војската на САД дозволи да се користи нивната подетална верзија, но можеби не би сакала — а може да биде попрецизна и со вештачка интелигенција. Од друга страна, можеби прецизноста би ја направила оваа технологија бескорисна. Можеби функционира само на места каде нема многу луѓе. Се уште немам видено истражување кое ова го анализира во детал. Но, ги очекувам.

Ова ограничување е причината зошто голем број на земји започнаа да ги користат апликациите со Блутут технологија.

Што е потребно за Блутут апликациите да бидат корисни во следењето на контактите

Да претпоставиме дека веќе сме до степен каде следачите на контакти имаат пристап до информациите на Боб, а притоа можат да ги користат информациите од Блутут апликациите кои се достапни на пазарот.

Доколку не сте запознаени со овие апликации, најголем дел од нив се направени за луѓето да ги симнат и постават за кога апликацијата е отворена, таа да може да регистрира анонимни кодови на сите луѓе што се во близина — се додека луѓето во близина користат слична апликација. Ова се согласија да го го одобрат и Епл и Гугл.

Ако Боб користи некоја од овие апликации, може да извести дека е заразен од коронавирусот и дека сака да ги испрати информациите на властите.

Тогаш, колкумина би сакале да користат ваква апликација?

Доколку го прочитавте првиот дел, ќе знаете дека официјалната апликација во Сингапур, TraceTogether, има само 20% инфилтрација. Исланд, друга земја што би требало да има висок број на корисници, изјави дека има само 40% инфилтрација. Индија објави апликација што ја симнале 50 милиони луѓе, што звучи како успешна апликација, се додека не сфатите дека тоа е само 4% од населението.

Да бидеме оптимисти и да претпоставиме дека најголем дел од земјите би биле 50% поуспешни од Сингапур — што не е веројатно, затоа што земјата е многу богата, сите имаат паметни телефони, образованието е на високо ниво и жителите имаат доверба во властите — а само 30% од населението ја симнало апликацијата.

Во овој графикон, точките кои имаат тиркизен круг околу нив се контакти што не симнале една од тие апликации. За жал, Боб е меѓу тие луѓе, значи во оваа ситуација тоа е безвредно. Ваква е ситуацијата 70% од времето, доколку инфилтрацијата на овие апликации е 30%.

Во ред, сега да претпоставиме дека Боб сепак има симнато ваква апликација. Дополнително, Боб многу се грижи и правилно ја користи апликацијата, па Блутут технологијата постојано му е вклучена.

Во овој случај, следачот на контакти ќе додаде 8 дополнителни контакти — околу 15% од вкупниот број што ни е потребен. Зошто толку малку? Затоа што, за почеток, само 30% од контактите на Боб ја користат апликацијата. Подетално: бидејќи Боб веќе ја има апликацијата, знае дека има потреба да ја користи, па големи се шансите неговите пријатели да се слични на него. Да претпоставиме дека 40% од неговите контакти ја симнале апликацијата. Но, голем дел од нив воопшто не ја ни отвориле или неправилно ја поставиле или пак не им била вклучена Блутут технологијата кога се сретнале со други лица.

Значи, 70% од времето немаме никакви информации бидејќи Боб не е корисник на апликацијата. Дури и да бил корисник, големи се шансите да не ја отворил, да ја поставил неправилно или не користел Блутут. Да претпоставиме дека само 50% од луѓето што ја симнале апликацијата, понатаму правилно ја користат. Ова значи дека 85% од времето, следачите на контакти откриваат луѓе што имаат апликација без користи информации.

За останатите, околу 15% од заразените, само 15% од нивните контакти правилно ја користат апликацијата, што не доведува до вредност од околу 2% откриени контакти.

Запомнете, ова е во споредба со 70%-90% од контактите што треба да ги откриеме за да преминеме од чеканот кон танцот.

Но, тоа не е се! Со начинот на кој се направени моменталните апликации, луѓето сами треба да ги внесат своите симптоми (нешто што многу од нив не го прават) и потоа да одлучат да ги испратат тие информации до властите.

Многу добри граѓани ќе го сторат ова, но голем дел нема: доколку ги предадат информациите на следачите, големи се шансите да треба да се тестираат сите членови на нивните семејства и нивните пријатели, па голем дел од нив ќе треба да бидат во карантин. Ако вашиот сопруг или пријател ризикува да го изгуби работното место затоа што треба да седи дома две недели, дали вие би ги испратиле своите информации?

Значи ќе завршите со само половина проследени контакти.

Никој не знае колку луѓе ќе направат вакви нешта, но после 10 години работа во индустрија што ги адаптира технолошките производи, мојата претпоставка за редот на големина е следна:

Можете да си поиграте со овој едноставен модел тука.

Можеби сум оптимистичен и бројот на контакти што ќе го добијат следачите на контакти е само 0,1%. Или, можеби сум песимистичен, па всушност е 5%. Или дури 10%. Но, со моменталниот пристап, никогаш нема да стигнеме до посакуваните 70%-90%. Секој контакт е важен, но ова е само мал дел од нив.

Како да ја промениме ситуацијата? Најпрво, замислете дека Епл и Гугл изработиле ажурирање на оперативниот систем — нешто што веќе го прават — но наместо да треба да ја симнете апликацијата, кога ќе го ажурирате оперативниот систем, апликацијата ќе работи во позадина и е оптимизирана за да ги открива контактите. Во ваква ситуација, околу 50% од луѓето ќе го ажурираат оперативниот систем. Тоа е нормалната стапка во еден месец.

Да претпоставиме дека, со таква апликација, Боб се уште треба самиот да внесе во неа дека е заразен и да ги прати своите контакти на властите. Повторно да претпоставиме дека само 50% од населението ќе го стори тоа.

Се уште сме само на 10% од контактите! Подобро нешто, отколку ништо, но бројот се уште е мал. Дали можеме и подобро? Да.

Сега, да претпоставиме дека симнувањето на оперативниот систем се случува автоматски. Корисниците може да одбијат да не се случува автоматски, но Епл и Гугл инсистираат, секој ден, да го ажурирате оперативниот систем.

Дополнително, да претпоставиме, дека кога Боб е заразен со болест што подлежи на известување, тој не избира дали сака да ги прати своите контакти на властите кога резулатот му е позитивен. Автоматски се испратени.

Има многу истражувања што ја поддржуваат разликата помеѓу прифаќањето и одбивањето во различни избори.

За донирање на органи, разликата е помеѓу 15% и 99%. За следењет на контактите, голем дел од луѓето исто, не би одбиле. Дури и да одбијат, има многу нешта што можат да се направат за тие повторно да прифатат — на пример, повторно да ги прашуваме на неколку саати или да мора да ги отворат поставките на телефонот на неколку саати за да потврдат дека одбиваат. Можеби нема да се постигне 99% инфилтрација во секоја земја со одбивање поради политиките, но, доколку сакаме апликациите да бидат корисни, ова е единствената опција.

Мојата поента тука е дека потребен ни е многу, многу висок процент на инфилтрација на овие апликации за нивните информации да бидат важни, а со секоја одлука што ја носат корисниците, процентот се намалува. Но, доколку успееме, наградата е одлична.

Веднаш откако се открива дека некој е заразен, властите треба да добијат листа со важни контакти (заедно со листа на лажни позитивни). Интервјуто за Боб би било прелесно, а сите контакти веднаш ќе добијат телефонски повик.

Ова не е тешко да се направи. Се сеќавате на изјавата што ја спомнав претходно од Епл и Гугл? Овие компании ни кажуваат дека најпрво им одобриле на девелоперите да прават апликации кои меѓусебно лесно ќе комуницираат. Потоа, тие опции ќе ги вметнат во главните делови на оперативните системи. Планираат да воведат опција со која корисниците ќе можат да прифатат, но таа опција лесно може да се замени со друга, каде ќе се одбива, дури и да се присилува, доколку е јасно дека има потреба и е барано од страна на властите.

Запомнете, целта на сево ова е да стигнеме до важната граница каде следењето на контактите е доволно добро што ќе ни овозможи повторно да се отвори економијата — да се преселиме од чеканот кон танцот. Доколку одбивањата стигнат од 20% до 5%, доволно висок број на контакти би се проследиле, а нивните информации би стигнале до властите, за ова да биде значајно.

Да повторам дека сите броеви кои се користени во овој дел се претпоставки, не се вистински. Ни ја илустрираат поентата дека најважниот фактор за успехот на било каква технологија за следење на контактите е адаптирањето.

QR кодови како алтернатива на Блутут апликациите

Блутут апликациите (или опциите кои се вградени во iOS и Андроид) не се единствениот начин за ова да се постигне. Има и други интересни алтернативи. Една од нив се QR кодовите, како оние што ги изработува Zerobase.

Патник скенира QR код за да добие зелена дозвола во метро станица во Вухан, на 1ви април, 2020г. Ng Han Guan/AP Photo, од Business Insider

Кога влегувате во зграда, треба да скенирате QR код. Со самото скенирање, ја покажувате локацијата во одредено време, како и сите останати кои биле на истото место во истото време. Овие кодови лесно можат да се испечатат и стават насекаде: на влезови на згради, на соби, автобуски станици, вагони од воз… Следењето е спроведено на начин кој ја штити приватноста.

Разликата со Блутут апликациите не е во технологијата. Двете се одлични. Разликата е инфилтрацијата: може да се воведи задолжително скенирање на QR кодови пред да може да се влези во зграда. На овој начин, опцијата да се одбие се уште е присутна (не влегувајте во зградата), но, мотивот да се придржувате на правилата е силен. Нешто слично може да се направи и со Блутут апликациите: ако е задолжително да имате таква апликација за да влегувате во згради, можеби инфилтрацијата би била доволно висока.

Но, се уште имаме проблем со своеволното известување. Треба да најдеме начин на кој локациите и контактите би биле автоматски пратени до властите кога Боб има позитивен резултат.

Ова беше голема количина на информации. Да објасниме накратко, кои ни се опциите, како и нивните предности и недостатоци:

Извор. Белешка: Во изворот има верзија од истиот графикон обоен со сино и црвено за лицата со далтонизам.

Како што гледате, верувам дека апликациите каде е потребно да прифатите да користите Блутут се бескорисни. QR кодовите кои не се задолжителни се нешто подобри, затоа што во тој случај Боб ќе мора да го скенира и да забележи каде се бил. Но, доколку не се задолжителни, мал број на бизниси и луѓе би ги користеле, што значи мал број на проследени контакти.

Понатаму имаме рачно следење. Секако е важно да имаме рачни следачи на контакти, тие се потребни. Но, тие можат да откријат само дел од контактите, а потребно им е и многу време. Таквите следачи на контакти ја нарушуваат приватноста и на заразените и на нивните контакти.

Следно, имаме неколку технолошки решенија што значително им помагаат на следачите на контакти. Без разлика дали се со автоматски пристап до информациите од GPS технологијата и картичките на Боб, споредување на локациите од GPS технологијата со информациите од телефонските оператори, апликации за следење на контактите кои можат да се одбијат врз база на Блутут технологија, со помош на сите овие опции, се добиваат доста информации во краток временски период, со мала цена кон приватноста.

Најдобрите опции се задолжителни QR кодови или Блутут апликации. Тие веднаш испраќаат листа на контакти, а приватноста може разумно да се одржи, бидејќи единствените информации кои ги добиваат властите се информациите на заразената личност и листа со сите можни контакти, како и нивните локации и временски печати.

За овие решенија, на властите не им се потребни дополнителни информации. Нема потреба со месеци дас е следи движењето и да се меморира во база на податоци. Потребно е само совпаѓање од последните две недели, откако ќе се добие позитивен резултат.

Но, некои лица не би се согласиле и на толкаво намалување на приватноста. Да разговараме и за ова.

Како треба да размислуваме за коронавирусот и приватноста?

Исплашени сме.

Дел по дел, светот кој не опкружуваше и ни беше познат, исчезна преку ноќ. Работните места, животите, слободите, пријателствата — се е во карантин.

Затоа, кога разговараме за нешто што дополнително треба да ни биде одземено — приватноста — реагираме. Се буниме. Не сакаме и тоа да го изгубиме.

Затоа што разбираме дека работните места, пријателствата и слободите ќе ни се вратат. Но, страв ни е дека ако ја изгубиме приватноста, нема да ни се врати.

Страв ни е од 1984.

Сакаме да избегнеме свет кој е воден од вештачка интелигенција, каде властите го знаат секое наше движење, не оценуваат според однесувањето, а наскоро и ни кажуваат што да размислуваме. Не сакаме да бидеме Кина.

Ова не е само теоретски кошмар. Во Унгарија од неодамна има диктатура, во центарот на Европската Унија, додека светот не внимаваше. А во САД се уште функционира Патриотскиот Акт, потпишан пред 19 години, за време на терористичките напади од 11 септември 2001 година.

Овој страв е добар, затоа што не прави претпазливи. Ни го насочува вниманието. Не тера да ги цениме слободите што ги имаме и не охрабрува да ги браниме, затоа што ако денес ги изгубиме, можеби никогаш нема да ги вратиме.

Но, тој страв не е неразумен. Не е сеопфатен. Не може да се развие во паника.

Треба да го разгледаме проблемот со ладна глава, секој дел да го анализираме рационално и да одредиме тек на дејствување.

Првиот начин на кој ќе се избориме со стравот е кога ќе сфатиме дека тука не станува збор за инфрмациите на сите, туку на две мали групи: заразените и нивните контакти.

Заразените веќе имаат поинакви права за приватност. Многу земји веќе имаат закони каде заразените имаат различни права. Така и сакаме да биде. Дали би сакале заразените да не соработуваат со властите за да се намали влијанието на епидемијата? Единствената дебата тука треба да биде за нивото на приватност кое можеме да го задржиме.

Сите предлози тука ни кажуваат дека единствените информации кои треба да бидат споделени за заразените е каде биле последните две недели и со кого. Директните прашање се погрешни. Но, доколку се добијат тие информации со GPS, информациите од користените кредитни картички или задолжителни Блутут апликации е сигурно и моментално, а со тоа и се ограничуваат информациите кои би ги добила полицијата за сите поедници.

А за нивните контакти, правата за приватност треба да бидат малку подобри. Не ни се потребни информациите за користените кредитни картички или целата историја на нивното движење од мобилните. Потребно ни е само да знаеме кои се и како комуницирале со заразените лица: каде, кога и колку време. Тие информации ни се потребни од последните две до три недели. Тие информации можат да се соберат од задолжителни Блутут апликации, задолжително QR кодови, извештаи од телефонските оператори, а и други алатки. На властите не им се потребни дополнителни информации. Само овие.

Ова ни кажува дека потребна е листа со ограничувања на информациите што би ги собрале властите:

  • Ограничувања на собраните информации: за заразените лица, потребно е да се соберат само нивните локации, со кој биле во близина, кога и колку време. За нивните контакти, само дека имало контакт, каде и колку време.
  • Ограничување на временскиот период: информациите што би биле достапни би биле само за последните три недели. Сите претходни информации ќе се бришат.
  • Пристап: Само министерството за здравство или еквивалентен надзорен орган ќе има пристап до собраните информации со легална дозвола од приватните компании или од следачите на контакти за интервјуата. Лицата кои ќе имаат пристап до информациите во министерството за здравство (на пример, следачите) јасно да бидат прецизирани и следени со тоа што секој нив пристап до информациите ќе биде забележан, со можност понатаму да биде испитуван.
  • Безбедност: сите лични информации ќе бидат заштитени според медицинските стандарди.
  • Јасно дефинирани критериуми за стопирање: овие информации се потребни само за време на епидемијата. Дефиницијата на “епидемија“ треба да биде објективна и јасна. На пример, откако 70% од населението е имуно, со вакцинирање или со колективен имунитет, системот за собирање на информации автоматски ќе биде стопиран, додека собраните информации ќе бидат уништени.
  • Правна постапка: луѓето мора да добијат правна помош доколку властите ги искористиле информациите на начин за кој не биле наменети или доколку истражувачите донесат заклучоци кои се нефер или недоволни.
  • Транспарентност: Сите собрани информации треба да бидат јасни. Треба да бидат и јавни, без сите информации кој го откриваат идентитетот, како имиња или адреси.

Професионалците за приватност можат да додадат многу повеќе информации за тоа како може да се заштитат информациите за историјата на движење. На пример, може целата операција за следење на контактите да се организира од страна на фирма или непрофитерска организација — или таква група на организации. Или може само властите да се известуваат за тоа кој треба да биде во изолација или карантин за истите да се спроведат. Можеби луѓето нема да можат да одбијат да ги споделат информациите, но би можеле да изберат со кого ќе ги споделат.

Вториот начин на кој може да се разгледа овој проблем е со информациите што не треба да ги имаат властите. На најголем дел од луѓето најверојатно не им смета да се откријат совпаѓања на нивните локации со локациите на заразените лица од последните двен недели. Но, не сакаат да ја откријат секоја нивна локација.

Но властите веќе ги имаат тие информации.

Не само затоа што имаат голема количина на информации, туку во земји како САД, од даночната управа (IRS), министерството за внатрешна безбедност (DHS), федералното истражно биро (FBI) и други надележни органи. Туку затоа што голем дел од овие информации се веќе достапни од приватни компании.

Како што изјави Њујорк Тајмс, десетици, ако не и стотици компании собираат и продаваат многу повеќе информации отколку што ни се потребни во оваа ситуација. Компании како Гугл (Google), Епл (Apple), Вејз (Waze), Убер (Uber), ИБМ (IBM), Киип (Kiip), ДСкор (TheScore), Фејсбук (Facebook) и десетици други веќе знаат каде сте и каде сте биле цело време, а многу од нив и ги продаваат тие информации.

Извор: New York Times

Компаниите веќе имаат кажано дека познати им се по 5000 информации за секој корисник. Тоа можеби е и повеќе од што вие знаете за себеси. Понекогаш, овие информации се продаваат анонимно, но можат да бидат де-анонимизирани.

Значи дебатираме дека треба да споделиме многу помала количина на информации со компании, невладини организации или властите, што е многу помалку од информациите што можат да се купат онлајн — а е многу поважно отколку едноставно да им кажете дека минатата недела сте биле со Боб на ручек.

Третиот начин да се избориме со стравот е ако овозможиме повеќе опции. Некои од опишаните системи можеби се само полемизирање, но сепак сакаме да ги создадеме сега, без да ги одобриме. Ако почекаме неколку месеци за да стигнеме до крајот на дебатата, па одеднаш добиеме втора епидемија, можеби ќе треба да се одлучиме помеѓу трилиони долари ако се затвори економијата или користење на оваа технологија. Но, тоа можеме да го направиме само ако технологијата е достапна. Ако, на пример, сакаме да користиме задолжителни Блутут апликации, треба сега да ги создадеме тие апликации, за да ги имаме како можност понатаму.

За крај, треба да ја ставиме приватноста во контекст на се друго шти сме изгубиле. Го изгубивме здравјето. Ја изгубивме економијата. Ја изгубивме слободата. Ако можеме да ги вратиме овие работи со малку приватност, дали нема да размислиме уште еднаш? Пакетот економски мерки кој беше одобрен во САД во вредност од 2 трилиони долари е еднаков на 10,000 долари по човек. Дали сте сигурни дека повеќе сакате да платите 10,000 долари отколку да дадете дел од информациите на властите, што веќе ви се споделени на FourSquare?

Накратко, потребно е да споделиме само мал дел од информациите, што може да бидат ограничени, што е значително помалку од тоа што е веќе јавно достапно — или достапно за властите — за мал дел на луѓе. А ова е за повторно да можеме да ги вратиме здравјето, екоономијата, слободата и животот.

Луѓето не треба да бидат изолирани. Треба да танцуваат.

Овој дел е извлечен од идеите и изворите на Genevieve Gee и нејзиното истражување на следење на контактите.

--

--